Откако ги направив LED диодите да ми работат преку паралелниот порт на компјутерот, пред еден месец ми дојде идејата за правење на индикатор за тоа дали имам маил во мојот inbox на Hotmail или не. Идeјата ми беше да направам знаме кое ќе биде поврзано со механизам за движење (едно обично моторче и неколку запчаници) кое кога ќе имам непрочитани e-мaилови ќе се крева, а откако ќе ги прочитам ќе се врати во првичната состојба.
На изглед можеби ова некому ќе му се чини како неизводлива работа, но реално зборувано ова е лесно. За софтверска контрола планирам да го модифицирам aMSN месенџерот кој има систем за проверување на inbox-от на Hotmail.
Механизмот на движење претставува мотор со запчаници за намалување на брзината. Прво планирав овој механизам сам да го направам од нула, но тоа не ми беше изводливо па најдов механизам со веќе монтиран мотор од една стара играчка кој ќе го искористам за движење на знаменцето. Сега, за да можам да остварам комуникација помеѓу мојот компјутер и механизамот на движење мора да постои некое коло кое ќе служи за вклучување на моторот со помош на сигнал од некој пин на паралелниот порт. Директно моторот неможе да се поврзе со паралелниот порт од неколку причини, и тоа:
- Прво, струјата која ќе тече низ портот ќе биде огромна гледајќи во компјутерски граници и може да го оштети портот или уште полошо, да ја оштети матичната плоча.
- Второ, пиновите од паралелниот порт (оние користени за податоци од пин 2 до пин 8) даваат еднонасочен позитивен напон од 3,33 волти кој е многу мал за покренување на моторот.
- Трето, поради тоа што пиновите даваат само позитивен напон нема да има шанса моторот да почне да врти наназад т.е. да го спушта знаменцето после проверувањето на мејлот.
Ова коло го осмислив да биде едноставно со една или две компоненти. Значи главната компонента или да го наречеме секундарниот “мозок” на овој проект ќе биде еден операциски засилувач, а по потреба и неколку отпорници. Шемата сега засега изгледа вака, но ова не е конечната шема бидејќи сигурно ќе треба да импровизирам кога ќе почнам да ја изработувам оваа идеја во пракса:
 Шема на проектот
Малце инфо како ќе биде сé ова реализирано: значи од компјутерот преку паралелниот порт, ќе одат жици во колото на горната слика, со помош на 2 пина (ПИН2 и ПИН3) ќе се контролира насоката и времетраењето на вртење на моторот која ќе биде реализирана софтверски со модификација на aMSN месенџерот. На излезот од горното коло ќе биде поврзан механизамот за движење на знаменцето кој сигурно ќе го сместам во некоја кутија за да изгледа поубаво и поелегантно. :)
Сега сигурно има некој кој се прашува зошто ни служи таа компонента која ја нареков секундарен мозок на целава идеја.
Еве малo објаснување за тоа што е и како работи операцискиот засилувач: во почетоците на електрониката се увидело дека е потребно да се направи такво коло со кое ќе може полесно и поточно да се изведуваат аритметичките операции. Идејата била реализирана дури после десетина години од првичното замислување поради тоа што немало технички услови да се создаде такво нешто. Тоа електронско коло го претставува операцискиот засилувач кој има 5 приклучни пинови.
 Операциски засилувач
Тој има 2 пина за напојување и тоа +Vbb и -Vbb, значи операцискиот засилувач се напојува од 2 извори и тоа со спротивни знаци на напонот. На влезот од операцискиот засилувач имаме 2 пинови означени со + и со -, плусот се вика неинвертирачки влез а минусот инвертирачки влез, и се разбира имаме Vo или излез од операцискиот засилувач. “Штосот” за операцискиот засилувач е во тоа што ако доведеме напон на пример 3 волти на неинвертирачкиот влез од првата слика, на излез ќе добиеме напон од 9 волти со позитивен предзнак т.е. +9V, но сега ако пак донесеме напон од 3 волти на инвертирачкиот влез, на излез ќе добиеме 9 волти но со предзнак -, т.е. -9V. Овој начин на работа најчесто се употребува во дигиталната електроника и тоа во прекинувачките и аритметичките кола.
Сега кога веќе имаме мало знаење за операциски засилувач ќе можам подобро да ја објаснам шемата како ќе функционира: прво пинот 3 со одредено времетраење ќе се активира притоа носејќи напон од 3,38V (толку е напонот на паралелниот порт) на неинвертирачкиот влез на операцискиот засилувач, притоа ќе се добие напон од +9V на излез со што моторот ќе се сврти на една насока и тоа одредено растојание поради одреденото времетраење на напонот на пин 3. Значи ова ќе е во случај да ми пристигне е-маил или при вклучување на aMSN веќе да имам маил во inbox-от на Hotmail. Сега, кога ќе проверам маил преку пин 2 ќе се доведе напон на инвертирачкиот влез на операцискиот засилувач со времетраење исто како претходното и сега на излез ќе се добие напон од -9V при што моторот ќе се сврти во другата насока исто толку колку што се свртел во претходната насока поради исто времетраење на напоните и притоа спуштајќи го знамето назад.
Сите делови за реализирање на колото ги имам набавено, чекам само да се ослободам од некои домашни обврски и да почнам да го изградувам проектот кој го нареков “Знаменце”, за кое се надевам дека ќе почнам да го правам при крајот на оваа недела а другата недела веќе да е готово и функционално. За повеќе информации за текот на изработката ќе пишам на блогот, а на крај целата документација за изработката ќе ја објавам со слики и објаснувања.
Клучни зборови: Александар Лазаров Електроника Elektronika Проект Знаменце Е-маил Hotmail Индикатор Механизам
|