Поднесувањето барања за сите видови дозволи за меѓународен превоз на стоки и нивната распределба, од 15-ти овој месец задолжително ќе се врши по електронски пат, соопштија во Министерството за транспорт и врски.
Оттаму информираат дека тоа е предвидено со финализирањето на електронскиот систем за управување со дозволи за меѓународен превоз на стоки, кој го воспостави Министерството во соработка со проектот „Е-Влада“ на УСАИД.
Системот ќе се применува во управувањето со годишните и месечните ЦЕМТ-дозволи, како и поединечните дозволи за меѓународен превоз на стоки. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вчера на презентацијата на системот оцени дека тој значително ќе го намали административниот товар за транспортните компании, ќе ја зголеми ефикасноста на работењето во Министерството, како и транспарентноста и правичноста во издавањето дозволи.
- Преку овој систем на компаниите ќе им се овозможи достапност на услугата 24 часа, заштеда на време и трошоци, зголемена ефикасност на процесот за одобрување и издавање на дозволите, целосно елиминирање на неправилностите и можноста за грешки, како и транспарентна распределба и увид во неа - рече Јанакиески.
Електронскиот систем ќе биде задолжителен за користење за сите подносители на барања и за сите видови дозволи за меѓународен превоз на стоки. Јанакиески најави дека по примерот на електронското аплицирање и распределба на дозволите за транспорт, Министерството ќе воведе таков систем и за поделба на автобуските линии. Директорката на проектот „Е- Влада“, Гордана Тошева, истакна дека со примената на електронскиот систем ќе се постигне максимална искористеност на сите дозволи за меѓународен транспорт.
- Министерството редовно, лесно и ефикасно ќе ја следи искористеноста на дозволите и навреме ќе реагира преку нивна распределба двапати во годината, односно одземање на неискористените дозволи од компаниите што не ги искористиле и нивно доделување на тие што имаат поголема потреба од нив - рече Тошева.