Овој период минатата година, Прокредит Банка имаше една активна интернет маркетинг кампања... и ако добро се сеќавам повеќе сајтови беа вклучени во промоцијата, меѓу кои и Оннет и Кајгана. Кога ги видов банерите на овие забавни портали веднаш се посомневав дека кампањата баш и не е добро размислена, особено во делот на целните групи.
Сето тоа си го чував за себе, се додека некаде во почетокот на Декември, посетувајќи го Оннет не забележав банер во кој Прокредит банка го промовираше својот форум, создаден според нив, за "потранспарентна" комуникација. Откако го посетив, се збунив што за нив значи потранспарентна комуникација кога за да ги прочитате темите мора да се регистрирате!?
Уште тогаш (да да, ова е пост од типот "ви реков!") на форумот отворив тема во која го изнесов следново мислење:
"Според мене [следново е лично мислење], ова е лош потег инспириран од некој кој не е баш искусен на полето на интернет маркетинг а уште помалку е искусен со работата и функционалноста на еден форум. А плус мислам дека истата цел за потранспарентна комуникција со клиентите би можеле да ја изведат на многу посериозен, попрофесионален начин што личи на една банка.
Зошто лош потег?
Лично мислење од човек кој е администратор на форум и кој секој ден гледа колку е тешко да управуваш со форум."
Во темата добив неколку коментари и обвинувања... повеќе тука.
Пред некој ден, потсетувајќи се на оваа кампања, и сам не знам од која причина, го посетив сајтот на Прокредит банка. И како што е ред, на сајтот имаше линк до форумот за корисничка поддршка.
Кликнувајќи на линкот, со цел чисто информативно да видам што се случува и како напредува овој мал проект на Прокредит, изненадено гледам:

Како што и самите забележувате, форумот како и секој форум е спамиран од разни ботови.. но страшното е што веќе подолго време овие теми не се избришани, а од тоа јасно може да се забележи дека на форумот и не му се посветува некое внимание. Со ова, форумот наместо позитивен ефект за Прокредит Банка, буквално го руши угледот бидејќи форумот е дел од нивниот сајт и целосната онлајн презентација на банката.
Кога веќе беа дадени толкави пари за активна промоција на овој форум, зошто да не се вложи малку повеќе во него, да се активира барем еден модератор кој дневно ќе ги проверува и уредува темите... да се работи на понатамошно развивање и унапредување... а не да се објави, па заборави...
Овој случај едноставно ме натера да размислам на темата дека полека но сигурно чекориме кон подобри времиња за е-маркетингот и општо е-бизнисот во Македонија, но тоа не значи дека на секого кој ќе се обиде да направи нешто онлајн ќе му успее и позитивно ќе му се одрази на бизнисот. Интернетот има огромна моќ, и да издигне но и да буквално сруши еден бизнис.
Треба да бидеме внимателни, да се едуцираме на ова поле и внимателно да зацртаме планови до кои ќе мора да се придржуваме.
Интернет маркетингот не функционира како обичниот маркетинг, има многу дополнителни ефекти кои се дел од него.
Уште нешто што ме мачи на оваа тема, за кое во друга прилика ќе објаснам повеќе, е дека луѓето треба да разберат дека најпосетуван сајт во Македонија не значи и најдобар сајт за рекламирање. Тука се јавува потребата од анализирање на онлајн медиумите, внимателно одбирање на целни групи, давање приоритет на сегментација на публиката пред да се започне со рекламирање на интернет, кое во многу случаи е поскапо од традионалното... од едноставна причина: ЗАТОА ШТО Е МНОГУ ПОЕФЕКТИВНО!
Клучни зборови: Е-маркетинг Прокредит Procredit Банка Форум Интернет маркетинг Е-бизнис Модерација Модератори Портали
|