Престанете со користење на продуктите на Microsoft. Windows XP, Vista, MSN, Xbox, Windows Server, Internet Explorer и многуте други, сите се за никаде! Некорисни, спори, создадени само за да може Microsoft да профитира и да ве шпиунира. Сите вие кои користите Windows немате појма од животот, а не па од информатичката технологија. Доколку користите Windows вие сте само обичен почетник. Сите вие Windows корисници сте ламери, обични манипулирани корисници и што ти не...
Сакате да бидете кул? Да ве сака заедницата? Да можете да бидете сметани за ИТ професионалец?
Одговорот е едноставен: мразете го Microsoft и сите негови продукти, највеќе Windows оперативниот систем, со особено внимание на Vista! Да, тоа е денешниот тренд!

Без разлика дали вие некогаш сте користеле Windows оперативен систем или некој друг Microsoft продукт, доколку слушнете некој да планира да започне со користење на истите, употребете ги сите можни сили за да го спречите. И навистина мислам СИТЕ МОЖНИ СИЛИ бидејќи Microsoft = зло!
Можам да продолжам со сарказмот, ама подобро е да не го направам тоа бидејќи мислам дека ми ја сфативте поентата... Постов однапред кажувам дека ќе биде критикуван од многумина особено од оние кои се сметаат за проповедници на одреден оперативен систем или пак дел од некое масовно "кул" движење.
Го пишувам ова инспириран од нешто што прочитав денеска сосема случајно на Twitter:

Немој да помислите дека го бранам Microsoft или завземам нечии страни, и покрај тоа што знам дека изгледа така. Едноставно се обидувам да си појаснам што се случува и да си ја објаснам причината за лошата перцепција од страна на корисниците спрема Microsoft брендот, кој практично е еден од главните "виновници" за револуција на полето на ИТ.
Компанијата која беше започната од 19-годишен студент во време кога компјутерите беа научна фантастика и компанија која беше исмејувана од многумина заради својата мисија "Компјутер на секоја маса во секој дом", денеска се смета за една од најзлите корпорации во светот од огромен број на корисници, и покрај фактот што успеаја да ја оствараат својата некогаш *невозоможна* мисија и да донесат промени во начинот на кој живееме.
А зошто? Па затоа што профитираат масовно на своите продукти, се стремат кон монопол во областите во кои пласираат продукти, склучуваат долгогодишни партнерства со разни производители за дистрибуција на својот софтвер, патентираат се што ќе измислат, си ја чуваат индустриската сопственост со армија на адвокати спремни за потег во секое време. Но, зарем тоа не е цел на секоја компанија во ова материјалистичко време во кое "не постои такво нешто како бесплатен ручек"?!
Ако веќе го критикуваме Microsoft за сето ова, зошто да ги поштедиме останатите? Google, IBM, Apple, Yahoo!, Nvidia, Intel... kill them all!
Дополнителна работа која ме мачи поврзана со овој проблем е тоа што "масовно низ цело село" слушам дека Vista оперативниот систем е глупава работа, дека не функционира како што треба, сите верзии се полни со грешки, BSoD се појавува пречесто, а се оди и до таму да се критикува и дека е алатка за шпиунирање и уште какви не теории за заговор.
Делот околу приватноста воопшто нема да го коментирам бидејќи Големиот Брат ќе не чуе во секој случај, дали на овој или на некој друг начин. Користам Vista веќе 1 година, од Ноември, 2007. Признав одамна! Компјутерот го користам за мал милион работи и е вклучен скоро 24 часа. Досега, ова ќе биде тешко за неверниците, ми се нема случено BSoD или некоја системска грешка. Зборувам за оригинал купена копија (да да, јас сум од тие што купија компјутер со пре-инсталирана Vista).
Дали сум јас среќник (веројатно не) или сепак Vista има потенцијал и покрај многуте свои негативности? Wow, реков негативности... но ајде бидете храбри и кажете еден ОС кој нема негативни работи?
Признавам дека навистина бев скептик пред да започнам со користење на Vista, од причина што медиумите и пријателите кои исто така воопшто ја немаа тестирано Vista ми го солеа паметот. И еве сега, кога овој оперативен систем навистина ми дозволува подобро искуство и ми ги задоволува потребите кои ги барам од еден ОС подобро од Windows XP или пак од многуте Linux дистрибуции, OS Х и сл... сепак чувствувам некаква вина кога велам дека сум Vista корисник, а подобро пак да не споменувам при разговори дека Vista ми е омилен ОС. А зошто е тоа така?
Па најверојатно затоа што заедницата во веб 2.0 светот има таква слика, и за да се вклопите мора да бидете еден од "нивните", во спротивно ќе ве "мразат". Дефинитивно општото правило за секој да си ја гледа својата работа и да си одбере продукти кои ќе му ги задоволат неговите потреби не важи во оваа ера, што на многу начини е добра работа, но и лоша истовремено.
Поентата ми е... не велам не го мразете Microsoft (искрено и јас како и сите имам да кажам неколку нависина лоши работи за оваа компанија), користете Windows или било што... едноставно велам chill out. Земете воздух и престанете со проповедање против Microsoft кон луѓе кои ги немаат пробано производите воопшто. Можеби нивните потреби се различни од вашите и производите на Microsoft се сосема соодветни за нив. Мислите дека не се доволно добри? Па тогаш зошто скоро половина свет ги користи? Сите тие корисници не разбираат ништо?
Дозволете му на секого да си го одбере она што му е потребно и не го судете според тоа. Многумина се фалат дека користат одреден продукт или ос, а не оној на Microsoft. Баш би сакал да видам да го прават тоа за секој продукт кој го користат: "Хаха види го ти него, користи Yahoo!... обичен почетник, веројатно не чул за Google."
Разбирам дека е кул, интересно, едноставно има многу материјал за исмејување на Microsoft и слично... но дај малку да се спуштиме на земја и да бидеме реални.
Клучни зборови: Microsoft Mикрософт Vista Виста Софтвер Оперативни системи Бренд Компанија Корпорација Корисници Windows Виндоус
|