Третата генерација на Apple Shuffle iPod-от е всушност најмалечкиот и најлесен MP3 плеер на Apple. Новиот iPod Shuffle е скоро за двапати помал од претходниот, кој беше доста минијатурен сам по себе. Но и покрај својата "големина," третата генерација (3Г) на Shuffle нуди подобри брзини за трансфер на музика како и подобар аудио квалитет од втората генерација (2Г). Цената на уредот е околу 3.000 денари, што и не е толку ниска, но да не заборавиме дека сепак се работи за Apple продукт, кои се познати по својот квалитет.
Плеерот на прв поглед наликува на обичен USB стик и додека за некого тоа е "досаден дизајн" за други, обично посериозната или поактивна публика, одлична можност да го прикачат уредот на својата кошула или мајца без да биде приметно.

Apple Shuffle 3G тежи 10.7 грама што воопшто и не го чувствувате дека ви е прикачен, има димензии од 45.2 x 17.5 x 7.8 милиметри, а од Apple тврдат дека вградената батерија може да издржи до 10 часа, а полнење на целосно празна батерија зазема до 3 часа. Просторот од 4 гигабајти за оние кои не се толку опседнати со музика (како на пример авторот на овој текст :)) е сосема доволен за да се стават неколку различни албуми и омилени песни во кои ќе можете да уживате додека одите на работа, во школо, факс... или пак додека вежбате, минималниот дизајн игра доста позитивна улога во такви ситуации.
Овој Shuffle е малку потежок за навигација, моделот нема никакви контроли бидејќи тие се пренесени на самите слушалки и се состојат од три копчиња, +/- за зголемување на тонот како и централно копче кое има разни функции зависно од тоа колку пати ќе го притиснете.

Една од "посекси", т.е. новите :) функции на овој модел е тоа што самиот уред ќе ви го прочита насловот и авторот на песната. Но само кога ќе го притиснете централното копче, не го прави тоа автоматски за секоја песна, што е одлично. Опцијата наречена VoiceOver е достапна преку дополнителна инсталација и нуди со притискање и држење на централното копче да ја искористите и за да ви ги прочита сите последователни песни кои се во вашата листа. Со што ви дава до знаење каде е онаа песна која баш во тој момент мора да ја чуете.
Опцијата VoiceOver можете да ја слушате на 14 различни јазици, или пак да ја исклучите преку iTunes доколку ви е проблематична - ќе ви биде доколку имате музика од нашите простори кои гласот ги изговара доста хумористично во некои случаи. :-)
Огромна негативна страна на уредот е тоа што слушалките играат централна улога и неможете да приклучите никои други или пак да го приклучите уредот со звучници, бидејќи во нив е вграден чип кој при секое вклучување е верифициран од уредот.
Ова е негативна страна доколку сте навикнати на "поудобни" слушалки (иаку слушалките кои доаѓаат со Shuffle 3Г се одлични) или пак доколку ги изгубите по што мора да купите повторно исти такви специјални слушалки. Вторава опција не верувам дека е голем проблем за оние кои се одговорни...
Главната позитивна одлика на Apple iPod Shuffle 3Г е тоа што е минијатурен и практично "невидлив", додека другите позитивности се аудио квалитетот и брендот Apple. Негативните страни придружени со скапата цена за мене се поважни и овој пат се одлучувачкиот фактор. Особено ме иритра она со слушалките.
Сопственик сум веќе 2 години на втората генерација на Shuffle и морам да кажам дека овој уред кој дозволува вметнување на било какви слушалки и има вградени 6 контроли во уредот, со што се овозможува лесна навигација, е подобар модел отколку овој поновиот. Барем ако ништо друго, покорисен е - многупати го имам користено за да го приклучам на звучници со што целото друштво ќе може да ужива во музиката.

Доколку сте одлучни за продуктов, би ве советувал дека подобар избор би ви бил iPod Nano, кој ја нуди стандардната iPod навигација, има дисплеј, двојно поголем простор и слушалки по избор... секако, доаѓа по двојно поскапа цена, но мислам дека вреди.
Клучни зборови: Ipod Shuffle Apple Епл Ајпод МП3 плеер MP3 Player Музика Уред Аудио плеер Песни Рецензија
|