Доколку сакате да се навалите на столот и да се одморите со интересна и возбудлива авантура, Prince оf Persia e игра за вас. Прекрасна графика, адреналински движења, откачен принц, убава девојка, досадна приказна и лесна игривост... сите елементи кои се потребни за релаксирачка авантура, без многу оптеретување. Пред да ја рецензирам играта да ги предупредам „хардкор“ играчите. Ова игра е лесна и не можете да умрете, така нема шанси за некое тестирање на вештините, туку само лесна игривост со убав дизајн. Како што споменав, одлична игра за едно релаксирачко неделно попладне.
ПРИКАЗНАТА И ЛИКОВИТЕ Играта е целосно различна од претходниoт серијал на Prince of Persia: Sands of Time, а со тоа и приказната. Се започнува со Фарах, магарето на принцот од Персија, чие име никогаш не се дозна, а нема ни да се дознае во оваа верзија. Додека го бара своето магаре полно со злато кое ќе му купи „добар живот и многу жени“ тој налетува на Елика која е гонета од неколку војници. Додека ја прати и се обидува да и помогне, принцот и Елика се наоѓаат во храм кој го чува богот на злото и темнината Ахриман. Лошиот бог се ослободува и принцот и Елика се на патување да ја прочистат земјата од неговата корупција.
Додека играте Елика секогаш ќе го прати принцот, и во етапи преку разговори ќе ја дознавате приказната. Тие разговори се доста интересни бидејќи прерасунуваат во сериозно пријателство по неколку нетрпеливи препукувања на почетокот. Сето тоа е интересно направено со откачениот принц кој знае да каже „се заглавив во ова, а можев да имам злато, многу злато, злато, жени...“ или пак „потешка си отколку што изгледаш“ додека и помага на Елика да ги совлада разните акробатски рипања и превртувања со кои се движат низ светот. Додека пак Елика е софистицирана принцеза, паметна и образована.
Приказната е главниот дел од играта. Како што споменав претходно, играта е лесна, ликовите се исти како на почетокот, нема многу развој освен пријателството, но приказната оди одлично со прекрасната графика.
ГРАФИКА Играта е достапна на сите платформи Xbox, Playstation и PC, но графиката на PC е нешто послаба од конзолите. Сепак е феноменална и уметничка. Место да коментирам погледнете ги следниве слики.
Целата игра е всушност акробатско патување во свет исполнет со ѕидови, столбови, растенија и што ти не друго. Имате само неколку копчиња за контрола на ситуацијата за кои играта ве известува кое копче треба да го претиснете во дадена ситуација. Тоа што не можете да умрете е всушност добра работа. Доколку Елика не ме спасеше мал милион пати во акробациите мислам дека ќе ја избришав играта по 5 минути од инсталирањето. Најголемиот проблем, како што спомнав на почетокот е тежината, играта е прелесна и може да стане досадна, ама од друга страна адреналинот ве држи буден. :)
Низ играта наидувате и на неколку логични проблеми кои треба да ги решите за да стигнете до главниот „бос“. Тоа не доведува до битките кои ги нема многу, но кои се многу забавни, исполнети со комбинација на потези со одлични анимации.
ОЦЕНКА - 8/10 Графиката, звукот и анимациите перфектно ја надополнуваат приказната што ја прави Prince of Persia одличен избор за лесна, брза и возбудлива игра која ќе ве релаксира, но која може да стане и досадна.