Овој модел на Sony, со димензии 25,4cm x 35,5cm x 3,5cm, тежок околку 2 ипол килограми претставува елегантен лаптоп кој е лесен за носење и користење. 15.4 инчниот XBRITE-ECO LCD дисплеј на Sony овозможува целосно уживање за Вашите очи. Осумте копчиња кои се наоѓаат десно над тастатурата го прават изгледот софистициран, а функционалноста далеку подобра од онаа на лаптоп компјутерите кои не ги содржат истите. Иаку звучи чудно, тие неколку копчиња навистина значително влијаат врз задоволството.
Технички детали - Тежина - 2.6 килограми - Посебни мултимедијални копчиња над тастатурата - 15.4 инчен LCD монитор - Intel Core 2 Duo T7250 процесор 2.0 GHz - 200 GB Serial ATA хард драјв - 2 GB RAM (максимално можно надоградување на 4 GB) - Dual Layer DVD режач - Intel 4965 AGN безжичен LAN (802.11n/802.11а/b/g) - 10/100 Ethernet - 3 УСБ портови, 1 FireWire порт, 1 VGA, 1 S-Video, отвори за - ExpressCard 34 и Меmory Stick/SD картички - Интегрирана 1.3 мегапиксели веб камера - Оргинално произведен со Windows Vista Home Premium (со Media Center)
Фабричкиот лаптоп е произведен со инсталиран Windows Vista Home Premium, кој ги вклучува новиот медиа центар на Microsoft кој овозможува претворање на лаптопот во центар за целосна забава. Кога сме кај забавата и гледање на ДВД филмови или слушање музика, интересно е тоа што овој лаптоп овозможува без вклучување на оперативниот систем да го правите тоа со што штедите значајно на батеријата.  Екран и аудио/видео Лаптопот има 15.4 инчен WXGA LCD монитор создаден според XBRITE-ECO технологијата на Sony која овозможува добар спектар на бои, ефикасно искористување на батеријата, како и анти-рефлективен слој кој овозможува добар поглед од различен агол. Зададената резолуција е 1280 х 800 пиксели. Видео картичката е Intel Graphics Media Accelerator X3100 која користи до 358 мегабајти од системската меморија. Аудио картичата е Sony Sound Reality со DSD (Direct Stream Digital) поддршка и е сосема солидна за лаптоп компјутер, додека видео картичката за употреба на Windows Vista и не е баш најсоодветна (барем кога е во прашање AERO графичкиот интерфејс), но секако врши работа.
Процесор Процесорот е дело на Intel, Core 2 Duo T7250 со работен такт од 2.0 GHz, 800 MHz FSB и 2 MB L2 cache. За Core 2 Duo серијата на Intel нема што особено да се спомне а што веќе не е спомнато, така да тој момент ќе го изоставимe. Само би напоменал дека вградениот модел на процесор е добро одмерен во поглед на намената на овој модел на лаптоп.
Меморија 2-та гигабајти RAM (2 x 1 GB DDR2 - PC5300) меморија е задоволителна за системот. Но бидејќи системот користи Windows Vista ("чудовиште што јаде меморија") доколку планирате поинтензивно користење на компјутерот, односно апликации кои бараат интензивна употреба на меморијата, може да почнете да размислувате за надоградување. Лаптопот има два DIMM слота и максимален капацитет од 4 гигабајати RAM меморија.  Хард диск 200 гигабајти Serial ATA хард диск е и повеќе од потребно за нормален корисник. Единствената "маана" е неговата брзина - 4200 вртежи во минута се “историја”. Не гледам реална причина зошто не е употребен диск кој се врти 5400 пати во минута.
DVD/CD драјв Двојно-слојниот DVD драјв може да се користи за разни формати, како на пример: DVD+RW, DVD-RW, CD-RW, DL DVD+/-R и други. Зависно од форматот, чита со брзина: 4X за DVD+R DL, DVD-R DL, 8х за DVD+R/R, DVD+RW, 6х за DVD-RW, 5х за DVD-RAM, 24x/16x за CD-R/RW.
Маус и тастатура Лаптоп маусот (touchpad) е електро-статичен и содржи стандардни две копчиња, додека тастатурата е стандардна со 82 копчиња. "Магичните" копчиња над тастатура вклучуваат контроли за почеток/пауза, стоп, забрзано гледање, враќање назад, аудио/видео мод, исклучување на звук, контролирање на јачина на звук и едно копче на кое може да му се избере функцијата. Може да ги пофалиме добро одмерените отпор и должина на од на копчињата на истата.
 Конекции и вмрежување Во овој Sony VAIO модел на лаптоп интегриран е Intel Wireless Wi-Fi Link 4965 AGN LAN чип, базиран на 802.11n спецификацијата. Овозможено е и користење на ExpressCard 34, 3 USB 2.0 портови, 1 FireWire (IEEE 1394) порт, 1 S-Video и 1 VGA надворешен, 1 џек за микрофон, 1 за слушалки, и MemoryStick. Sony Vaio VGN-FZ230E исто така има вграден V.92 56К модем и RJ-45 мрежен порт. Батерија Лаптоп батеријата која доаѓа со овој компјутер е солидна VGP-BPS8 Li-ion батерија со капацитет од 3 до 5 часа зависно од тоа за што го користите компјутерот.
Софтвер Оперативниот систем со кој доаѓа овој лаптоп како што напоменав е Windows Vista Home Premium кој е најновиот оперативен систем издаден од Microsoft, за кој навистина постојат голем број на реакции, позитивни и негативни. Мојот совет до Вас би бил, пробајте го и одлучете самите дали Ви одговара или не.
Компјутерот доаѓа со поголем број на "непотребни" апликации кои обично се демо верзии на 60 или 120 дена. Овој чекор да не бидете изненадени - типичен е за Sony, кои очигледно имаат најдено добра тактика за соработка со софтверските компании. Еве кои се дел од програмите кои можете да ги пронајдете на овој модел:
Microsoft Office 2007 (демо верзии на 60 дена), Sony Click to DVD, Microsoft Works SE 9.0, Symantec Norton 360 All-in-one Security (60 дена демо).
Додатни информации Компјутерот доаѓа со едногодишна гаранција од Sony лимитирана на хардвер и едногодишна техничка поддршка преку телефон.
Цената на овој лаптоп модел се движи од 1,100 до 1,300 американски долари и може да се пронајде на голем број на сајтови кои продаваат лаптоп компјутери.
Што би објаснил како недостаток? Можеби, не постоењето на механизам за автоматско заклучување на дисплејот за основата. Но немојте да си помислите дека и туку така се отвара. Сепак дисплејот успева цврсто да се задржи до основата кога е преклопен. Уште еден недостаток е тоа што тастатурата и предната основа е направена од пластичен материјал, кој по некој период може да прикажува траги од прсти и излижана горна површина, но периодично преминување со крпа го решава овој проблем.
Заклучокот е дека ова е дефинитивно добра машина дизајнирана според квалитетите и стандардите на Sony VAIO моделите. Добри перформанси за пообемно користење и добри мрежни можности. Како задоволен корисник на Sony VAIO моделите (веќе втор модел) би го препорачал Sony Vaio VGN-FZ230E на секого кој бара компјутер кој би издржал работење со поголем број на апликации истовремено и лаптоп кој би му служел како мини мултимедијален центар.
Клучни зборови: Рецензија Лаптоп Sony Vaio VGN-FZ230E Компјутер
|