World of Goo e свет на лигави откачени топчиња кои треба да ги одведете во цевка за да исполните едно шишенце. Тоа е целиот трик на приказната. Нема ништо повеќе од градење мостови и кули, едноставни логички проблеми. Но играта која во 2008 година ја освои наградата за најдобра независна игра на Independant Games Festival, e едноставно неверојатно уметничко дело.
... свет каде што убавото е чудно ...
Блокбастерите, „големите“ видео игри постојано се повторуваат. Многу пати е повторено дека нема ништо привлечно во нив освен подобрата графика за која ви треба подобар компјутер. Мислам дека Холивуд и гејмерската индустрија се измешаа во процесот на правење пари. Имаше дури и филм за Quake и видео игра за Wolverine.
Но World of Goo е нешто комплетно различно. Можеби личи како да е дело или филм на Тим Бартон, но се работи за игра која тежи само 100 мегабајти, а сепак е одлична за играње и перфектно дизајнирана од 2D Boy.
Поентата во играта е да ги пренесете малите лигави топчиња од едно место во цефката. Логичките проблеми се состојат во градење мостови и кули. Има разни видови топчиња. Од балони, запаливи, растегливи, зелени кои се лепат за сé што ќе стигнат, костурски глави, големи женски глави со огромни очи кои се распрскуваат во десетина мали заоблени делови еден од нив е нејзиното око... Сите тие ќе ви помогнат да ја остварите едноставната цел - наполни го шишето со толку и толку топчиња.
Логичките проблеми не се кој знае колку тешки. Откако ќе видите кај се топчињата и каде е цефката, веднаш ќе започнете да ги градите вашите кули и мостови. Тежината на нивоа се разликува драстично. Има премногу лесни задачи, и некои тешки во кои покрај логиката ќе ви треба и брзи рефлекси за да ја одржите својата креација против реалната физика и гравитација.
Но без врска на тежината, World of Goo ќе ве голтне во својот свет. Секое ниво си има своја приказна и своја атмосфера. Постојат 5 света, секој со разна тематика, но сите слични во својата лудост.
Топчињата се тотално откачени, врескаат секогаш кога ќе ги помрднете, музиката е амбиентална и феноменална, физиката во играта е реална, а дизајнираните нивоа се нацртани со чуден артистики стил. Сите тие нешта заедно со хуморот ја прави World of Goo неодолива.

Во World of Goo постои и опција да играте против други играчи, натпреварувајќи се во градење на највисокa кула. Како што ќе ги решавате задачите во петте света, така ќе ви се собираат сите лигави топчиња кои сте ги довеле до цефката. Тие ќе ви бидат достапни во онлајн натпреварувањето за градењето на мостот. Тоа ќе ве предизвика да се обидете повторно да ги поминете нивоата и да се обидете да најдете најефективен и најбрз начин како да ги завршите.
За крај еве како изгледа „Црвениот тепих“ во играта. Ако видите брз светол блиц, тоа се случува кога ќе се кликне на малите летечки очиња кои се Undo опција за враќање потези.
Клучни зборови: World of Goo Логички игри Гејминг Рецензија Видео игра Играње Гејмери Игра Игри Топчиња Потези Логика
|