Како да се мотивираат младите? Како да се промовираат во светот? Како да се организираат, кој може да им помогне во градењето на нивните портали, блогови и сајтови? Примери за успешни младински проекти и што може да се научи од нив? Дискусии за филозофијата зад веб 2.0? Сите тие прашања беа претставени и се дискутираа на конференцијата “Информатичкото општество и неговото влијание врз медиумите за млади” организирана од Форумот на студенти на европско новинарство – Македонија која се одржа во хотелот „Stone Bridge" во Скопје на 12 и 13 септември.
Младите луѓе од различни земји,
луѓе од Полска, Косово, Босна, Србија, Романија, Италија ..., имаа шанса да се запознаат со различни искуства и начини на работа. Иако беа од различна култура со различен јазик сите зборуваа англиски, со што се демонстрираше главната идеа за глобализацијата. „Многу различни вистини“ како што подоцна ќе каже Giovanni Angioni додека зборува за влијанието на Cafebabel magazine врз младите. Конференцијата го овозможи тоа - да се споделат различни искуства и да запознаат нови луѓе или нови „пријателства“, иако тие „пријателства“ всушност се бизнис контакти кои што би понудиле дополнителни идеи и понатамошна соработка на младите. Крајниот резултат е изгледот на CV-то (работното портфолио, понекогаш и Facebook профил) што ќе доведе до поголеми и побогати ангажмани.
Тој аспект за градење на кариера за младите е од најголемо значење. Сепак не е само хартијата што ќе доведе до подобра работа со подобри проекти. Идеите и начините како да се завршат работите се исто толку важни. Тоа е другиот аспект кој оваа конференција го овозможи. За тие два дена се презентираа разни проекти, некои поуспешни и поголеми од другите, но сите имаа исто значење - како другите работат и што може се да се направи со новата технологија - се презентираа проекти како GlobalVoices, Infostud.com, Youth media watchdogs ...

ДЕН 1 - Младите и светот, магазините, порталите и мотивацијата
Првиот ден од “Информатичкото општество и неговото влијание врз медиумите за млади” конференцијата започна како што започнуваат сите конференции - со официјални говори на организаторите и „поважните“ луѓе. Конкретно оваа конференциjа започна so кратко излагање на министерот за информатичко општество Иво Ивановски и г-ѓа Антоанета Иванова, претседателот на Форумот на студенти на европско новинарсто од Македонија. Потоа следуваа темите за улогата на младите во глобализацијата, дали постои „глас на младите“ во глобалните медиуми, како и развојот на денешново информатичко општество. Тие предавања ги одржаа професорот од Виена г-дин. Thomas Bauer и директорот на фондацијата Метаморфозис, г-дин. Бардил Јашари.
По кратката пауза следуваа презентациите на неколку младински медиуми и портали, или таканаречени „студии на случај“ , односно целосно објаснување на одреден проект и како тој функционира. Првото излагање го имаа Giovanni Angioni кој го престави Cafebabel magazine,
и Marko Andrejić од Wave magazine.
Тие ги преставија своите магазини како пример на успешни младински проекти и зборуваа за проблемите и начините како се тие организираат и колкаво е нивното влијание во аспект на младата публика.
- Нашите вредности се различни од вредностите на нашите татковци и другите луѓе, сите ние имаме различни искуства - рече Giovanni Angioni, додека објаснуваше дека целта на нивниот магазин е да ги инволвираат, организираат и дебатираа за младите идеи и интереси.
Тие за онлајн магазините зборуваа за влијанието на преводот, за начинот на инвестирање и за публиката. За нив, бидејќи и двата магазина имаат англиска верзија, (Cafe Babel е на 6 различни јазици), англиска верзија на магазинот значи поголема публика и поголеми можности. Друг проблем за кој што тие зборуваа е мотивацијата на младите да се вклучат во изработка на магазините.
- Нашата мотивација е вежбањето, бидејќи така и започнавме како мултимедијална новинарка работилница. - рече Marko Andrejić, кој заедно со Giovanni се согласија дека можноста на млад човек да биде објавен и да биде преведен и со тоа читан од поголема публика што значи дека искуството и збогатувањето на CV-то ќе помогнат на младите полесно да се промовираат во светот. Па дури и да незнае да пишува, вели Giovanni, го инволвираме на различни начини како испраќање по училиштата за одредени проекти и слично.
По презентацијата на магазините, се зборуваше за младинските портали. Jan Zlatan Kulenović - директор на младискиот портал од Босна www.mladi.info и Tomislav Ćetković од српскиот портал www.infostud.com ги презентираа своите „студии на случај“ односно своите портали и нивните почетоци, работи и организација. И двата портала се започнати како самоиницијатива на млади ентузијасти да се организираат и да помогнат на другите, главно студенти.
- Информацијата е неопходна. Ние им даваме совети и сме како алатка за младите да контактираат со институциите - зборуваше Jan за порталот mladi.info каде што се нудат најразлични информации како стипендии, конкурси и информации за место кои младите ги посетуваат.

Тие исто така објавуваат и разни прирачници, пр: за гласање, образование и слично, нешто на кое работи и српскиот младински портал www.infostud.com. И двата портали ги ангажираат студентите, www.infostud.com има изработено и сајт за барање работа, како и разни совети од правни до совети за студирање. Тие зборуваа и за како може еден таков портал да се продава со цел да се одржува, ја спомнаа посетеноста и интеракцијата со младите (советите, наоѓање работа, медијаторството) како еден од најпотребните фактори за добивање материјални средства, реклами и фондови за одржување на проектите.
ДЕН 2 - Блогови, друштвени мрежи, опасност или можност?
Конференцијата на вториот ден, сабота 13 септември, продолжи со врската меѓу блоговите и медиумите. Презентацијата ја отвори Дарко Булдиоски од Центарот за нови медиуми кој зборуваше за потребата младите да бидат медиумски писмени, односно да разликуваат вест од пропаганда.
- Ние сме високо политизирано општество, каде што пропагандата е секојдневие, а политичарите се најголеми ѕвезди - рече Дарко Булдиоски, кој го истакна проектот Youth Media Watchdogs. Со тој проект младите се едуцираат за медиумите, за пропагандните техники и за новите медиуми и критично мислење.
По неговото излагање се презентираше GlobalVoicesOnline, проект кој го престави Елена Игнатова. GlobalVoicesOnline претставува мрежа на блогери кои си ги преведуваат текстовите на најразлични јазици, автентичноста на текстовите се задржува, и со тои тие текстови се презентираат во различни култури.
- Целта е да се споделат алатките и советите за одржување на слободата на говор и да се одржи борбата против цензурата - Елена Игнатова го презентираше GlobalVoices Advocacy делот од проектот каде се даваат правни совети со цел да се задржи слободата на говор.
Тие разговараа и за целта, иднината и финансирањето на блоговите. Во Македонија тешко дека блоговите ќе ги спонзорира некој - рече Дарко, додека се дискутираа начини како да се финансираат блоговите. Како примери се споменаа блог портали каде на најчитаните блогови се дава VIP бенефиции, како и зголемување на showbiz блоговите во светот, пр: http://perezhilton.com.
Заклучокот беше дека блоговите нема да бидат спонзорирани туку единствен начин за младите е да се користат како референца односно само-промоција. Таков пример во Македонија се Букарски и Вуна кои дури и пишуваа колумни за дневните весници во Македонија.
Темата „Друштвените мрежи - зголемување или трансформирање на социјалната интеракција и партиципација“ ја презентираа Сеад Џигал и Мите Кузевски од Центарот за нови медиуми. Тие ја разгорија дискусијата за тоа дали со друштвените мрежи како Facebook и MySpacе, комуникацијата може да се подели како реална и виртулна.
- Што зборуваме во реалниот живот, во друштвените мрежи, односно онлајн, ние не зборуваме за тоа - објаснуваше Сеад.
По таа презентација се зборуваше за безбедноста на онлине заедниците - зборуваа Kushtrim Xhakli од FastEurope.com, Косово и Ирина Шумадиева од CRISP (Children’s Rights on the Internet – Safe and Protected). Конференцијата заврши со тркалезна маса каде што учесниците можеa да си споделат контакти и информации за настани, тренинзи и слични идни случувања.
Што понатаму?
Заклучокот може да се збере во зборовите на Giovanni: Нашите вредности се различни од вредностите на нашите татковци и другите луѓе, сите ние имаме различни искуства.
Запознавање на идеи, услови и организација на разни проекти е одличен начин на една ИТ заедница да се досоврши и израсне. Во Македонија ИТ станува секојдневие, но за жал се уште поради проблемите на оваа земја ИТ е изоставена тема. Поединечните обиди на владините и невладините организации, меѓу кои и индивидуалните блогови можат да бидат доволни за ова нова реалност да се промовира. Придобивките се огромни, од зголемување на можностите за работа до подобрување на начинот на живот на целата заедница.
Пред се ова се однесува на младите. Оваа конференција покажа дека младите можат да се изборат и организираат на повисоко ниво и да работат на своите и заедничките интереси и покажа дека мислењето на младите не само што може да се чуе туку е и многу важно за натамошниот развој на општеството.
Слики од конференцијата можат да се видат на следниот линк: http://www.flickr.com/photos/it_com_mk/sets/72157607255849279/
Клучни зборови: Конференција Информатичко општество Млади Новинарство Онлајн медиуми Друштвени мрежи Интернет Веб
|