Почетна arrow Статии arrow Македонски или ИТ јазик
Македонски или ИТ јазик Испечати Е-пошта
Автор: Виктор Арсовски   
Објавено на: 29.07.2008
Македонски или ИТ јазикНе постои домен кој започнува со њњњ. туку со латиничното www. Македонскиот јазик и кирилица веќе подолго време се во конфликт со латиницата и странските термини, кои пак се секојдневие во ИТ заедницата.

Како ќе се справиме со странските термини? Прашањето повторно се актуелизираше откако се воведоа измени во Закон за употреба на македонскиот јазик, според кој, со голема глоба, дури до 3000 евра, ќе се казнуваат рекламите напишани на латиница. Но во тој закон ИТ општеството и неговите специфични правила се изоставени и непрецизирани.

Непостоечки домен
Непостоечки домен

Како ќе се рекламира веб-сајт доколку неможе да се напише на латиница? Како ќе се продаваат компјутери ако не се напишат „сметачи“, што навистина е смешно, земајќи во предвид дека цели генерации и цел систем на комуникација се базира на тие „странски“ термини.

Еден коментар напишан на сајтот на телевизијата А1 за веста на законот се обидува да го одслика проблемот:

“..eве каков оглас ќе пратам во весник - Продавам сметач (компјутер не е на македонски) со двојадрен извршувач 2 гигахерци, МСП 2 гигабајти, монитор со екран на течни кристали,тврд диск 250, мек диск 3 и пол инчи, глушец, подлога за глушец, безжична мрежа на локално подрачје, Син заб, Уред за дискови на Сини зраци со светлосен потпис, со вграден Прозорец Виста со сервисен пакет 1, со над 10000 стилови на букви и најнови Возачи (drivers) за секој тврд уред. Посетете на њњњ...”

ОД КАДЕ ЗАПОЧНА СЕ
ИТ терминологијата е иста насекаде во светот, па дури и шегите се разбирливи насекаде, освен ако не сте n00b*.

Сепак самото освежување на овој Закон за македонски јазик, кој бара секој јавен натпис и текст да е на кирилица и секој странски термин, по можност, да се преведе на македонски, отвори голема дискусија. Коментари како „треба да се почитува нашето“, „македонскиот јазик е светина“ се спротиставија на „не работам на сметач“ и „снимам на хард не на тврд диск“.

Овој проблем настана откако македонскиот јазик не успеа да се справи со наплив на термини кои се појавија за кратко време, уште пред десетина години. Брзината со која се развива технологијата не може да чека десетици лектори да се сложат околу еден збор. Законот за употреба на македонски јазик постои од 1998 година, сега само се зголемени казните.

Уште од тогаш македонскиот јазик не успеа да најде алтернатива на многу термини. Обидите беа дека постојат: датотеки и директориуми, влезно-излезни и надворешни единици и слични термини, сега веќе заборавени. Тогаш се прифатија термините флопи, диск и драјвери, а беа избегнати „дискетите“ и „возачите“ поради семантичкото значење и поради олеснета комуникација. Тие беа нови термини, нови идеи и им требаше нови зборови и ново значење.

Македонски или ИТ јазик
Firefox на македонски

ТЕРМИНОЛОГИЈА и КОНФЛИКТИТЕ
Македонскиот јазик е официјален јазик на Македонија. Сите реклами и сите официјални и јавни написи и текстови треба да бидат на македонски јазик. Тоа и да не е напишано во Уставот би се почитувало.

Но, воведување на ваков закон може да наштети на ИТ општеството да се рекламира иако во Законот за употреба на македонски јазик, Член 6, јасно се наведува дека треба да се „избегнува употреба на странски изрази и заемки, односно, по можност, нивно заменување со соодветни поими од македонската лексика...“.

Да земеме на пример име на домен кој е со англиски збор, www.fruits.com збор што може да се преведе. Доколку го преведете „овошје“ и го напишете на кирилица тогаш тоа би бил друг домен, друг веб сајт и што е најпроблематично не би знаеле како да го најдете оригиналниот сајт. Овозможувањето, пак, на кирилични домени веќе наиде на пречки.

Така да овој Закон не го решава овој проблем, ниту пак се знае што би се случило ако тој веб сајт се најде на билборд во центарот на Скопје, на пример. Или доколку некој сака да продаде RAM меморија. Како ќе реагираат луѓето кога ќе купуваат МСП (меморија со случаен пристап)? Дали следува казна? И не зборуваме за мала сума, казната е некаде околу 3000 евра и рекламата ќе се тргне нормално, што исто така е трошок.

- Имаме голем проблем со информатичката технологија – рекоа експертите: професорот Илија Велев, од Институтот за македонска литература и директорката на Институтот за македонски јазик, Лилјана Макаријоска кои додадоа дека законот мора подетално да се разгледа и да претрпи измени за да се избегнат проблемите со ИТ.

- Не мора да се „принта“ – додава госп. Макаријоска алудирајќи на „печатење“ и на тоа дека македонскиот јазик има соодветни термини.

Сепак, термините како „принта“ произлегуваат од секојдневното користење на интернетот. Секој човек кој е „конектиран“ и “онлајн“ секојдневно посетува разновидни сајтови кои не користат литературен македонски јазик.

Според истражувањата на IT.com.mk, во просек еден интернет корисник поминува по 5 часа дневно на интернет, а според сајтот Alexa.com најпосетени сајтови во Македонија се Hi5, YouTube, RapidShare, MySpace кои ги содржат термините како print, page, online, connect, browse и многу други странски зборови. Литературните и соодведни македонски термини ги нема на тие популарни сајтови, што пак покажува дека во вообичаената комуникација секојдневно се среќаваме и ги користиме „странските“ термини.

Овој проблем сепак не е приоритет во Македонија, така да многу институции го занемаруваат и покрај тоа што ИТ општеството и технологијата стануваат „леб и вода“ во секојдневното работење. Фактот дека слободниот софтвер се преведува од волонтери и ентузијасти е доста позитивен и оптимистички, но и тие наидуваат на проблеми кои пред се треба да се официјализираат.

На пример: речникот, со кој се обидуваат да го преведат софтверот со стандардизирани термини, има многу „зборови со црвена боја кои сеуште не се стандардизирани“. Тоа е бидејќи секој преведувач (читај: волoнтер, ентузијаст) се обидува да го преведе софтверот најдобро што може и се работи без лектор. Бидејќи за лектор се плаќa.

Македонски или ИТ јазик
Дел од речникот на проектите за локализација

- Сите бараат пари – вели Арангел Ангов, активист за слободен софтвер и негова локализација, кој ги има преведувано Ubuntu, GNOME, Fedora и друг слободен софтвер.

- Локализацијата е процес, не е само преведување и „детс ит“, потребна е координација, упатства, поставување рокови внатре во тимот, обука на нови членови, пратење на измени во системот, познавање на VCS системи и сл. – додаде Арангел.

ЗАКЛУЧОК
Во овој Закон за употреба на македонски јазик не е земено во обзир ИТ општеството. Не е дефинирано рекламирањето на сајтовите кои се пишуваат на латиница, ниту пак е дефинирана терминологија која треба да се наоѓа во ИТ огласите или објавуваните текстови, која а се уште неможе да се стандардизира официјално.

Дали можеби едноставното решение би било „компјутерџиските“ термини (а не, „сметачките“) едноставно да се прифатат. Зошто?

Поради едноставен факт – разбирање со останатиот свет, сега имаме можност да комуницираме со луѓе кои не зборуваат македонски или користат кирилица, а сепак ќе се разбереме со нив користејќи ја стандардната терминологија.

*Претставува корисник кој за прв пат се запознава со некоја од темите во дигиталниот свет. n00b може да биде почетник во било што, како на пример: користење на компјутер, видео игра, посебен оперативен систем, интернетот и сл. Исто така слични називи се: newb, noob, nub.

Дополнување (01.08.2008):
Во 2005 е направен софтверот за креирање речници од страна на Метармофозис, фондација за одржливи информатички решенија. Речникот е дел од националната стратегија за развој на информатичкото општество од 2005 година. Terminologija.org.mk опфаќа повеќе области, но сепак недостигаат многу термини како и објаснувањата на тие зборови. Добро е што во изработката на тие речници може да се вклучи секој. Но, како што велат од Метаморфозис фондацијата тој речник е слабо користен.


Клучни зборови:  Литература   Закон за употреба на македонски јазик   Казни   Странски термини   ИТ терминологија   Комуникација   Технологија   Софтвер   Кирилица

 
Сподели:
Кајмакот
Digg
Technorati
Stumble
Reddit
YahooMyWeb
Delicious
Ma.gnolia
Facebook
Spurl
IT.com.mk форум
RSS канали на it.com.mk

ANSI

American National Standards Institute, членска организација основана во 1918 година, која го координира развојот на американски национални стандарди како во приватниот така и во јавниот сектор. Стандардите за ИТ се однесуваат на програмските јазици, EDI, телекомуникации и физичка сопственост на дискети, кертриџи и магнетни ленти.

Корисничко име

Лозинка



ИТ ТВ

ИТ ТВ
Низ it.com.mk Блог Сервиси Маркетинг
Вести од Македонија
Вести од Свет
Статии
Форум
Рецензии
Совети & трикови
Преземања
Настани
Барометар
Едуцентар
Сите блогови
е-Бизнис 2.0
Од различен аспект
Uid=0
Хардверманија
Компјутерска сигурност
Apple
Линукс блог
Веб-Соц Свет
Членство
Е-билтен
RSS канали

Профили
Facebook
Twitter
Flickr
Last.fm
FriendFeed
LinkedIn
MKHOST - www.mkhost.com.mk
Веб хостинг, регистрација на домени, аудио стриминг, дизајн на веб страни

IT.com.mk на Twitter