Менував интернет провајдер деновиве. Поточно последниве 40 дена. Толку време им е потребно на стручните лица во T-Home да исклучат интернет услуги од еден интернет провајдер, и да активираат од друг. 40. Разбирам дека за се постои процедура, па сосема нормално е да постои и за менување на интернет провајдер, но 40 дена?!
Еден месец пред да заврши договорот кој го имав со On.net, контактирав со вработените во контакт центарот на T-Home со цел да дознаам колку време ќе им биде потребно за миграција на интернет услуги од еден/On.net, во друг провајдер/T-Home. Госпоѓата што ми се јави ми објасни дека за ова ќе бидат потребни 2-4 дена.
Договорот кој го имав со On.net заврши на 16ти ноември. Истиот ден, со насмевка на лицето поради фактот дека конечно раскинав со On.net по "години" лажно информирање и ветување за достапноста на Duo Extreme пакетот, отидов во салонот на T-Home
да поднесам барање за активација на C&S Comfort+ пакет. Иако им го приложив известувањето кое го добив од On.net за завршен договор, од T-Home ме убедија дека известувањето кое јас го имам не им вршело никаква работа и дека треба да се почека да добијат исто такво известување, но испратено од On.net, известување кое според нивно искуство го добиваат во рок од недела-две. Недела дена по ова, во T-Home ми го побараа истото известување кое веќе им го приложив на 16ти ноември, за да го скенираат и да го пратат до некоја нивна служба. Навидум завршена работа, ќе се средело за неколку дена.
Помина уште една недела и бидејќи T-Home сеуште немаа добиено официјално известување (Зошто воопшто баравте да го скениравте известувањето кое го имав добиено од On.net?), отидов во салонот на One да ја чујам нивната страна. Според вработените во салонот на One во Куманово, известувањето е пратено до Т-Home два дена по завршувањето на договорот, на 18ти ноември. Истото ми го кажаа и вработените во контакт центарот на One. Назад во T-Home со оваа информација и пак истата приказна - "сеуште немаме добиено официјално известување од One, ќе си почекаш уште некој ден... ќе биде...".
 Извадок од известувањето добиено од On.net
Во меѓувреме ми пристигна уште една сметка од On.net oд 294 денари. Во известувањето кое го добив од нив јасно стои дека "договорот е раскинат без понатамошни финансиски обврски за корисникот". Се јавив во One, ми објаснија дека причина за ова е грешка во нивниот систем - ќе се средело. Сеуште чекам.
Перипетиите во стил на тенис натпревар помеѓу One и T-Home за испратено и добиено известување траеја безмалку 30 дена. Конечно од T-Home потврдија дека на 16ти декември го имаат добиено известувањето од One и дека ќе бидат потребни уште ден-два за да се деактивира ADSL услугата што ја користев од On.net со цел да се ослободи телефонската линија за активација на ADSL услуга од T-Home.
Договор/анекс со T-Home за користење на пакет услуги C&S Comfort+ со самоинсталација потпишав на 18ти декември. Со секој склучен договор за C&S Comfort+ пакет следува опрема дадена на користење од T-Home во текот на траењето на потпишаниот договор. Спомната опрема не ја добив во салонот на T-Home иако потпишаниот договорот е со самоинсталација и според договорот, истата опрема треба да ми ја предадат во моментот на потпишување на договорот. Ми беше кажано дека следниот ден (19ти декември) извесни техничари ќе ја донеле опремата кај мене дома и самите тие ќе ја инсталирале.
 Извадок од договорот со самоинсталација
Следниот ден (19ти декември) ми кажаа дека техничарите тој ден неможеле да ја донесат опремата затоа што заглавиле некаде и ми презакажаа за во понеделник, 21ви декември. Во понеделник ги немаше цел ден. Причина зошто не се појавија кај мене на врата е тоа што техничарите вршеле тестирање на мојата телефонска линија и тестирањата покажале дека телефонската линија нема техничка можност за активација на C&S Comfort+ пакет, односно дека квалитетот на телефонската линија е под потребното ниво за да ја издржи брзината од 10Mbps која ја нуди овој пакет. Никој не ми се јави да ме информира за ова, морав сам да си прашам до каде е работата.
Пакетот кој го имав од On.net на истата телефонска линија беше Solo101. Брзина на d/l трансфер - 10Mbps.
Во вторник тропнав на врата кај промотерите на пакет услуги на T-Home. Госпоѓата со којашто разговарав ме упати назад во салонот на T-Home да го раскинам постоечкиот договор и да склучам нов со цел да извршат повторно тестирање на телефонската линија, додека нејзиниот колега, со кого делат иста канцеларија, ме убедуваше дека максимална брзина којашто сум можел да ја имам на мојата телефонска линија од Solo101 пакетот е 6Mbps. Sure. Откако потпишав нов договор ми ветија дека следниот ден ќе извршеле уште едно тестирање и дека ќе ми ја испорачаат потребната опрема на врата.
Следното утро им се јавив за да ми потврдат дека ќе биде пратена екипа за тестирање и испорака на опремата. Потврдија. Ги чекав да ми се јават од 10:00 до 17:30 часот. Во 17:30 добив повик, но немаше никој од другата страна. Веднаш по овој повик мојата телефонска линија остана без звучен сигнал. Неколку минути подоцна по уште еден безшумен повик се врати сигналот. Претпоставив дека техничарите кои ги чекам цел ден ги вршат потребните тестирања и решив да ги побарам на истиот број од кој ми беше вртено но... никој не се јавуваше. Половина час подоцна се јавив на 171 да прашам за моменталниот статус на мојата телефонска линија и ми кажаа дека статусот е сменет, односно дека линијата ИМА техничка можност за активација на C&S Comfort+ пакет.
Четвртокот беше ден за одмарање, ниту ми се јавија - ниту им вртев. Во петокот (25 декември) им се јавив и ми кажаа дека се е завршено но дека нема да ми донесат опрема, да идам да си ја земам сам.
 "Максималните" 6Mbps кои претставуваа пречка за активирање на Comfort+ пакет
Во периодот од 40 дена кој беше потребен за миграција од On.net/One, на интернет услуга од T-Home, стапив во контакт со приближно 15 вработени на T-Home. Дел од нив вработени во салонот во Куманово, дел во контакт центарот на 171, техничари, промотери, менаџери (ти си шеф шеф...) и верувам ќе се најде некој со титула директор. Најчест одговор кој го добивав e "Ќе биде/Дојди од понеделник". Втор најчест одговор што го добивав e "Незнам". Ми игнорираа прашања на
Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите Javascript-от за да ја погледнете
(ист третман имав и од One) а кога ќе најдеа време да одговорат, најчесто не одговараа соодветно на поставеното прашање. Тоа што потрошив безброј часови чекајќи ред во салонот и на телефонски разговори е помалку важно.
Деактивирање и активирање на ADSL услуга, nuclear physics, no?
Клучни зборови: T-Home One Оне телеком telekom интернет провајдер ADSL телефон
|