Како еден од лидерите во бизнисот на мрежна технологија, присуството на Cisco Systems во Македонија покажува дека во оваа земја користењето на најновата технологија во секојдневната работа може да стане блиска иднина. Затоа Cisco Expo 2008 конференцијата, која се одржа за прв пат во Македонија, беше амбициозно пречекана. На дводневната конференција со мото „Innovate. Experience. Network." посетителите можеа да ја погледнат најновата Telepresence технологија и да присуствуваат на презентации за најновите комуникациски решенија за сите сфери, од решениjа за попродуктивен бизнис до унапредување на образованието.
Но, иако Cisco Expo e настан организиран од компанија која е гигант во бизнисот за иновативни решенија за информатичко комуникациска технологија (ИКТ), сепак во конференциските сали на хотелот Александар Палас таа иста технологија, освен Telepresence, не беше присутна. Поголем дел од четириесете одржани презентации за новите технологии и решенија на Cisco беа со едноставни PowerPoint презентации и основно објаснување на деталите на продуктот, нешто што може да се прочита од проспект. Технологијата на Cisco е неверојатно искуство, но презентациите за истата не беа иновативни.
IT.com.mk присуствуваше на настанот и подолу може да видите видео материјал од конференцијата. Сликите можат да се видат на нашиот Flickr профил, a доколку не пратите на Тwitter можевте да не читате за време на конференцијата.
Мотивирачки почеток
Првиот ден беше отворен по стандарден протокол. Воведните говори ги одржаа Харис Пињо (Haris Pinjo), генералниот менаџер на Cisco Systems за Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, министерот за информатичка технологија Иво Ивановски и Николаи Бекерс (Nicolai Beckers), директорот на Македонски телеком.
По воведот следуваше предавањето „Fast forward into the future" нa Кан Терзиоглу (Kaan Тerzioglу), потпретседател на Cisco за Источна Европа, кој одржа мотивирачко предавање за иднината на водењето бизнис и создавање на успешни и продуктивни компании. Навраќајќи се кон начинот на работа во минатото и разовојот на технологијата, тој објасни дека целта на компаниите треба да е креирање на само-одржувачка околина, без хиерархија, каде секој може да преземе акција и дека сето тоа ќе доведе до поголема продуктивност на компанијата. А едноставниот начин за креирање на таква бизнис атмосфера е со користење иновативна технологија.
„Јас патував по 5 дена во неделата. Сега патувам 2-3. Користењето телевизиска комуникација на состаноците не само што ќе го скрати времето, туку и ќе ги намали трошоците, ќе ја зголеми продуктивноста и тој еден ден што нема да патувате ќе може да го искористите со фамилијата или на нешто друго што ве интересира, што допринесува и до подобар живот.“ рече г-динот Терзиоглу.
Веднаш потоа се одржа традиционална прес конференција која што прерасна во промоција на најновата технологија. Со Telepresence технологијата, од Скопје, во „реално“ време, се разговараше со Љубљана.
Предавања
Конференцијата продолжи со 40 презентации за продуктите и решенијата на Cisco за развој на општеството, локалниот пазар и подобрување на бизнисот. Презентациите се одржаа во 3 конференциски сали, по 3 предавања во ист термин каде секој присутен можеше да посети тоа што го интересира. Имаше и посебна сала за партнерите на Cisco во која се одржуваа кратки презентации. Сето тоа беше добро за динамиката на Cisco Expo 2008, но штета што многу од предавањата на кои бевме, беа само PowerPoint презентации. Иновативната технологија беше само на слика. Во две од трите сали каде се одржаа предавањата, покрај главното платно, имаше поставено и по два монитори од страна кои во текот на презентацијата или беа директно насочени кон не-многу подвижните презентери или пак на телевизорите цело време се листаа партнерите на Cisco.
Секако имаше и презентации кои беа интересни. Презентацијата за Cisco решение за видео надзор преку ИП беше интересно доловена преку Google Earth и
неколку камери за набљудување. Презентацијата за сигурносна архитектура на дата центрите беше исполнета со интересни факти за сигурноста повеќе отколку со детали за продуктот на Cisco. На презентацијата за дигитални медиуми, се искористи „Blue Screen of Death" (плавиот екран кој се појавува како грешка на Windows) како ефект за да се демонстрира како една компјутерска грешка може да упропасти презентација и со тоа да влијае негативно врз бизнисот, па затоа се потребни нови поефикасни решенија.
На презентациите се повторуваа зборовите „продуктивност“ и „персонализирање“, во контекст на подобрување на бизнисот. Продуктивноста, несомнено, е основа за успех, а можностите на продуктот/сервисот да се прилагоди според потребите е нешто што станува стандард во новите технологии. Искуството на Cisco, како успешна компанија, покажува дека продуктот/сервисот мора да ги има овие атрибути за да бидат попривлечни за потрошувачите. Технологијата треба да биде искористена да го подобри бизнисот и стандардот на живеење, како што рече г-динот. Терзиоглу.
Дали вредеше Cisco Expo 2008?
Да. Во Македонија, земја во развој, присуство и конференција на гигант во мрежната технологија како Cisco e добар знак за развојот на информатичко комуникациската технологија. Презентациите беа можност за посетителите не само да се запознаат со продуктите на Cisco туку и за трансфер на знаење. Негативните оценки на презентации и не-присуство на технологијата ќе ги препишеме на дебито на оваа конфереција, која за прв пат се одржа во Македонија.