Флешувањето на БИОС-от е една од, да се изразам така, "најпипавите" интервенции кои можат да се вршат врз матичната плоча. Постои одредена доза на ризик, а последиците од лошо изведеното флешување во голем број случаеви завршуваат фатално за матичната плоча.
Голем
број од неискусните корисници се помалку-повеќе запознаени со опасностите и
последиците, па на флешувањето гледаат со одредена доза страв и воопшто не се
осмелуваат да се обидат да го изведат. Тоа може да се разбере, со оглед дека и
кај искусните корисници оваа операција знае да предизвика непријатност. Зошто
да не признаам – и кај мене, со толку изведени флешувања зад себе. :-)
Развојот
на матичните плочи, новите имплементирани технологии ризикот од неуспешно
флешување го намали во огромна мерка, а за тоа ќе стане збор во продолжение на
текстот.
Целта
на овој текст е на неискусните и помалку искусните корисници на компјутерите да
им се објасни суштината на надградбата на БИОС-от, како и зошто тоа се
изведува, опасностите, последиците и начините на спасување што може да се
спаси. Но пред сé, дека сето ова не е причина да не се обидат самите да ја изведат
надградбата.
Накусо – што е БИОС? Што подразбираме
под “флешување"? Што е целта
на флешувањето?
Самиот
поим “ФЛЕШУВАЊЕ” означува
процес на надградба на постоечките информации на БИОС-от и дополнување со нови,
како и елиминација на одредени недостатоци воочени во текот на работата на
матичната плоча. Зошто велиме – надградба?
Можеме
да повлечеме аналогија со антивирусните програми. За нивно исправно и ефикасно
работење, потребно е од време на време да се изврши надградба на нивните
дефиниции, односно да се додадат информации за нови кодови на вируси и останати
производи на сајбер-биоинженерингот. На тој начин, антивирусната програма
успешно и ефикасно ќе ги препознае евентуалните закани или постоечкото
присуство на вирусот.
Така
е и со БИОС-от, кој во суштина е “парче”
софтвер, збир/сет инструкции перманентно вметнати во чип на матичната плоча.
Името ја објаснува неговата основна функција – BASIC INPUT OUTPUT SYSTEM (основен влезно излезен систем – грубо
преведено). Со стартувањето на компјутерот, се иницијализира БИОС-от, чија
основна функција е координација на работата на хардверските компоненти во
системот (контролирање на тастатурата, препознавање на компонентите,
комуникација со процесорот и т.н).
Прво
се извршува проверка на хардверските компоненти и нивното исправно
функционирање (процесор, меморија, графичка картичка и дали напојувањето
испорачува правилни напони). Доколку има проблем, за тоа сопственикот ќе биде
известен со соодветна комбинација на долги и куси звуци. Доколку сé е во ред,
се минува на следниот чекор – се појавува стартниот црн екран со основни
информации за плочата, процесорот, ревизијата на БИОС-от. Потоа се врши
проверка на меморијата, проверка на присутнот хардвер и конфигурирање,
идентификација на бутабилниот драјв и бут секторите на истиот, по што се
иницијализира и подигнува оперативниот систем. Овој процес уште се нарекува POST (Power On Self Test).
За
сето ова да функционира како што наведов, потребно е БИОС-от да ги има
потребните информации за сите компоненти од кои е составен системот. Со самото
производство на матичната плоча БИОС-от е програмиран, и тогаш ги има
информациите за хардверските компоненти кои се произведени до тој момент. Но, што е со компонентите кои се произведени
подоцна? Компоненти произведени по понова технологија или со унапредување на
старата? Тука се можни компликации и непрепознавање на новиот хардвер.
Колку
за илустрација, ќе дадам два едноставни примери.
Појавата
на Pentium 3 / Celeron процесорите базирани
на Tualatin јадрото предизвика проблеми со нивното
правилно препознавање, или истите пак воопшто не беа препознавани од страна на
БИОС-ите на актуелните плочи. Јас имав (и сеуште ми функционира) матична плоча
со VIA 694T NorthBridge чипсет, и чиј
БИОС Celeron-от со Tualatin јадро го
препозна како Intel Xeon процесор. Проблем се јави и во препознавање
на неговата моментална температура, каде што се јавуваа огромни варијации.
На
сајтот на прозводителот (MSI) пронајдов ревизија на БИОС-от која го реши
проблемот. И до ден денеска машината со таа плоча работи како сат, со правилно
препознаен процесор.
Вториот
пример датира од понов датум. ABIT AB9 PRO е матична
плоча базирана на Intel P965 NorthBridge / ICH8R SouthBridge тандемот чипови.
Нејзиниот проблем беше во непрепознавањето на IDE уредите. Тоа
се манифестираше уште во текот на POST процедурата – IDE оптичкиот
уред не беше на пописот на препознаени компоненти. Знаев дека е исправен, но
сепак го заменив со друг. Повторно исто. Откако (повторно без успех) ги
испробав сите опции во Integrated Peripherals подменито а кои се
однесуваат за конфигурирање на SATA/PATA модовите, остана да
го проверам и тоа на што, всушност, се посомневав од самиот почеток – баг во
БИОС-от.
На
сајтот на производителот лежеше одговорот – надградба која го елиминира овој баг.
Флешувањето
ја измени ситуацијата и плочата проработе без проблем.
Пописот
на некомпатибилности и неправилности при функционирањето е голем и специфичен
за секоја матична плоча, и илузорно е да се наведуваат сите за секај модел.
Суштината ионака веќе ја допревме – видовме неколку примери што се случува во
работниот век на матичните плочи и како тие (евентуални) проблеми се
елиминираат.
Пред
да преминеме на објаснување како се врши флешувањето, да напоменам дека тоа се
врши само доколку матичната плоча покаже неправилности при работењето,
некомпатибилност со уреди, потоа ако со надградбата се овозможуваат
дополнителни опции, додава поддршка за нови компоненти.
Ако
плочата функционира беспрекорно, ако нема потреба од додавање нови опции или
поддршка за нови компоненти, или тоа е во опција а не ви е потребно, тогаш и
наградбата на БИОС-от НЕ Е ПОТРЕБНА! Според она народното – не го менувај тимот
кој победува.
Како се флешува БИОС-от?
Откако
сме утврдиле и расчистиле дали и зошто ни е потребна надградба (флешување) на
БИОС-от и што сакаме да постигнеме со тоа, потребно е да направиме одредени
подготовки се да мине без никакви проблеми.
Најчест
и најбанален проблем кој може да се јави и кој (во голем број случаеви) е
фатален за матичната плоча е – снемување на струја насред флешувањето. БИОС-от
останува непрограмиран и коруптиран а плочата неупотреблива. Значи, како прв чекор, паметно е да се обезбеди UPS уред.
Батериите и на најслабите UPS модели имаат доволно
капацитет да се заврши оваа операција.
Втор чекор е утврдување на
производителот на БИОС-от, неговата актуелна верзија, моделот на матичната
плоча и (евентуално) ревизијата на истата. Податоците за БИОС-от ги отчитуваме
при POST процедурата, на првиот екран кој ќе се
појави, а кој изгледа како на сликава.

На
истиот екран (или “скрин” по нашки) се исчитуваат и
податоците за матичната плоча. Истите можат да се видат и на самата плоча, како
и во упатството за истата. И секако, со помошта на софтвери за
дијагностицирање (EVEREST, на пример).
Податоците
запишете ги на лист хартија пред да минете на третиот чекор – посета на сајтот на производителот на матичната
плоча. Тука, во секцијата за преземања, во делот за БИОС, ќе ги пронајдете сите
(евентуални) надградби на БИОС-от (според датум и ознака). За секоја од нив
постои опис на измените кои ги содржи. Доколку измената која ви е потребна ја
пронајдете, а по оваа надградба постојат и други, со понов датум, не се
збунувајте. Слободно преземете ја последната надградба/верзија, со најнов
датум. Бидете сигурни дека во неа се содржат сите измени направени дотогаш.
Не
ми се случило досега да секоја надградба носи посебни измени, без да ги содржи
во себе измените и од претходните, односно со постар датум. Ако евентуално
излезе такво нешто, тогаш решение би било симнување на онаа верзија која ја
содржи саканата надградба. Но секако, оваа можност земете ја в предвид со
резерва.
Четвртиот чекор е изработка
на бутабилна флопи дискета или бутабилно ЦД. Потребно
е да се припреми уште една флопи дискета, доколку сакаме да ја сочуваме старата
верзија на БИОС-от, или пак на неа да го снимиме новиот БИОС (за ова ќе стане
збор во продолжение на текстот).
Постапката
на изработка на бутабилно флопи верувам дека е позната, но сепак едно мало
потсетување.
Во
Windows XP опкружување, во My Computer, десен
клик врз иконата на флопи драјвот и избор на опцијата Format од паѓачкото мени.
Во прозорчето кое ќе се појави избираме Create an MS DOS startup disk и кликнуваме на Start. Ќе се појави
прозорче со предупредување дека сите податоци на дискот ќе бидат
избришани...бла...бла... Го потврдуваме изборот на опцијата со OK. Откако ќе заврши
процесот на форматирање на дискетата и снимање на потребните бутабилни фајлови
на истата ќе се појави прозорче кое ќе не извести дали креирањето е успешно
изведено или не.

Во
Windows 95/98/98SE/ME опкружување, оваа
опција е “автоматизирана”. Или ова
флопи се креира при самата инсталација на овие оперативни системи (што го
препорачувам), или накнадно (а тоа најчесто е кога ќе дојде јајцето на задникот
:-)) во
секцијата Add / Remove Programs (Start / Settings / Control
Panel / Add/Remove Programs) се бира табот Startup Disk).
При
рака треба да ви биде инсталационото ЦД со Win 95/98/98SE/ME, затоа што
истото ќе биде побарано да се ископираат од него потребните фајлови.
Ова
може да се изведе и од MS DOS опкружување. Командата е A: /S, при
што флопито ќе биде форматирано и на него ќе бидат ископирани потребните
фајлови за стартување на системот. Паметно е потоа да се крене оперативниот
систем и (по потреба) од C:\Windows да се ископира HIMEM.SYS, а од C:\Windows\Command да се ископираат фајловите EDIT.COM, SYS.COM, FORMAT.COM, FDISK.EXE,
DEBUG.EXE, SCANDISK.EXE (CHKDSK.EXE кај MSDOS 5).
Оваа
дискета може да се изработи и со помошта на други алатки (програми), како на
пример со TechW0rm boot disk, кој можете да го
преземете во секцијата за преземања во рамките на овој портал. Исто и со "DR. DOS disk for BIOS
flashing" (преземање од www.bootdisk.com), алатка која овозможува креирање
и на бутабилно ЦД. Бутабилно ЦД може да се креира и со помошта на Nero Burning ROM.
Постои можност да се креира и DOS
партиција на хард дискот. Величина до 64 MB би била
сосема доволна за таа намена. Секако, ако постојат повеќе партици на дискот.
Ако е само една (што верувам дека практикуваат само сосема мал број
компјутерџии), тогаш со помошта на Partition Magic или Boot IT NG од постоечката партиција се двои дел со наведената големина и се
креира како примарна партиција. Новоформираната партиција се форматира со FAT датотечен
систем (никако со NTFS), и потоа на истата е потребно да се инсталира оперативен систем (DOS).
Како опција е креирање на битабилно USB
стикче со помошта на HP USB Stick format tool алатката, која е
бесплатна.
За која и да се одлучите опција, потребно е да се распакува .zip (.rar) архивата која е преземена од
сајтот на производителот на мaтичната плоча, а во која се наоѓа новата верзија
на БИОС-от и содржината на истата да се ископира на флопито/ЦД-то/USB-то/партицијата од која ќе се врши
флешувањето.
А кога сме кај содржината на БИОС архивата, таа варира од
производител до производител. Главно, се состои од фајл со новата верзија на
БИОС-от, потоа текстуален фајл (не е задолжителен) и autoexec.bat фајл. Овој последен во
релативно голема мерка го забрзува и олеснува процесот на флешување, односно
овозможува автоматско стартување на оваа опција по подигнувањето на системот од
бутабилно флопи.
Е сега, еден момент тука е битен и НЕ СМЕЕ да се изуми. Називите
на БИОС фајлот и извршната алатка за флешување исто така варираат од
пропизводител до производител. Имајќи го тоа на ум, потребно е пред да се почне
со флешување да се запишат нивните називи.

Принципот е ист за сите опции. Разликата е само во наведувањето на
првата бутабилна опција во БИОС-от – дали тоа ќе биде флопито, дали хард
дискот, дали ЦД/ДВД РОМ-от, или пак тоа ќе биде USB
уред. Ние ќе го разгледаме начинот на флешување со помош на флопи дискета.
Значи, распакуваната содржина ја копираме на бутабилното флопи.
Тука треба да имаме на ум дека при копирање на бутабилното флопи може да ви се
појави прашање дали сакате постоечкиот .bat
фајл да го замените со тој од архивата на новиот БИОС. Доколку тоа го сторите,
тогаш веднаш по подигнувањето на системот од дискетата ќе започне процесот на
флешување. Во спротивно, во промптот ќе морате рачно да ја внесете командата за
започнување на процесот на флешување. За тоа во продолжение на текстот.
Рестартирањето на компјутерот и негово бутирање од стартна дискета
(бутабилното флопи) е петтиот чекор, кој е увод во суштината на
целиот овој напис. Но, да би сме дошле до тоа, најнапред треба по
рестартирањето да влеземе во БИОС-от и како прва бутабилна опција да го
наведеме флопи драјвот. За таа цел, во Advanced
BIOS Features подменито флопито го нагодуваме како First Boot Device. Кај
БИОС-ите на постарите модели на матични плочи, кај кои опцијата за редослед на
бутабилните уреди гласи Boot Sequence, нагодуваме
на A, C,
SCSI или А, CDROM, C. Oпцијата
Boot up floppy seek може но
и не мора да биде “чекирана”. Ги снимаме измените во БИОС-от и
рестартираме.



Со тоа дојдовме до шестиот
чекор – наградбата на БИОС-от (“флешување”).
Системот се подигнува од дискета, при што треба да ја добиеме оваа слика:

Тука во овој промпт ја внесуваме наредбата за започнување на процесот
на флешување на БИОС-от. Ако сме го замениле системскиот autoexec.bat
фајл со изменетиот изтоимен фајл од архивата на новиот БИОС, тогаш процесот на
флешување ќе започне автоматски.
Ако пак новиот БИОС и пропратните фајлови сте ги снимиле на втората
дискета, тогаш во А: промптот се внесува autoexec.bat,
кој во себе содржи стринг за стартување на алатката за флешување и
називот на фајлот со новиот БИОС (на пример, тоа би изгледало вака - A:\AMIFL827
a6309VMS.700 /A),

или само алатката за флешување, која ќе ја заврши сета работа - A:\amifl827.exe
Тука можеме да приметиме дека се работи за алатка за флешување на AMI BIOS. Алатката за флешување на AWARD БИОС-от би изгледала отприлика
вака: A:\awdflash.exe. Уште
еднаш да се потсетиме на варијацијата на називите.
Има потписници на БИОС-и кои предвидуваат во командниот промпт
покрај називот на алатката за флешување да се внесе и ред други ознаки, кои се
однесуваат на дополнителни опции при флешувањето.
За БИОС-от на ABIT BH7 плочата
тоа би изгледало вака:
A:\awdflash.exe BH7_11.bin /py /sn /cd /cp
/cc /cks /R каде што се:
py = команда
за извршување на флешувањето;
sn = изостанување
на опцијата за правење бекап на стариот БИОС;
cd = бришење
на сите DMI податоци после флешувањето;
cp = бришење
на сите plug’n’play податоци
после флешувањето;
cc = бришење
на CMOS податоците;
cks = сумирање
на процесот на флешување;
R = рестартирање на системот
по флешувањето.
Или, наједноставно, преку повикување на runme.bat (исто што и autoexec.bat, само со поинаков назив) во
А:\.
Со сето ова е започнат процесот на флешување.
На самиот почеток, зависно од производителот на матичната плоча и
БИОС-от, може да бидете запрашани дали сакате да го сочувате стариот БИОС, односно
да направите негов backup.



Истиот се одвива со графички интерфејс, на кој се отчитува
прогресот на оваа операција. Под линијата на прогресот се наоѓа и мала легенда
која објаснува што означува секоја боја во прогресната линија.


ВНИМАНИЕ! ЕДНАШ
ЗАПОЧНАТИОТ ПРОЦЕС НА ФЛЕШУВАЊЕ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПРЕКИНУВА ПОД НИКАКВИ ОКОЛНОСТИ,
НИТУ СМЕЕ ДА СЕ РЕСТАРТИРА КОМПЈУТЕРОТ!
Што би значело насилното прекинување на овој процес веќе
спомнавме, а подетално во продолжение на текстов.
Откако ќе заврши процесот на флешување, се добива известување –
потврда дека се е извршено во ред или дека флешувањето не е успешно. Дури сега
е безбедно да се рестартира системот.
А тоа е веќе седмиот чекор во целата постапка. Значи, системот го гасиме, го извлекуваме напојниот кабел,
ги исклучуваме сите периферни уреди со сопствено напојување, и правиме Clear CMOS. После тоа го вклучуваме
системот, влегуваме во БИОС-от и ги правиме сите потребни измени и нагодувања
во БИОС-от. Ги снимаме измените, излегуваме од БИОС-от, системот уште еднаш се
рестартира и конечно можеме да здивнеме и да се завалиме во фотељата со ладно
пиво во раката, бидејќи процесот на флешување минал без проблеми. Ишала!
Тука би напоменал дека одредени производители на матични плочи (ASUS, MSI) овозможуваат т.н. Live Update на БИОС-от, односно
флешување на БИОС-от од Windows опкружување. За тоа на располагање се
соодветни апликации, со што процесот на флешување се сведува на кликнување на
опциите. Верувам дека ова е далеку поедноставно отколку флешување од DOS опкружување, но имајќи го
впредвид непредвидливото и на моменти налудничаво однесување на Windows оперативните системи, јас оваа
операција ја изведувам на стариот, добар, OLD
school начин – под DOS.
Дали е сé розово како што
изгледа?
Во принцип, да, ако се минало во ред. И ако се испиени премногу
пива. Но, што ако не минало се како што треба?
И тоа е можно. Првата аномалија ја спомнавме – снемување на струја
насред флешување. Понатаму, флешување со погрешна верзија на БИОС-от исто така
може да доведе до катастрофа. Како и со БИОС наменет за друга плоча, или
наменет за плоча со друга ревизија.
Чаре?
Прво, седнете и исплачете се, ако сметате дека на тој начин ќе ви
биде полесно. Ако не, главата горе, постојат уште неколку опции пред да се “раскмекате” или да ви се види како одлична
идеја познатата мелодија на Жељко Бебек – “синоќ
сам, синоќ сам, пола кафане попио, због тебе, због тебе, нисам ока склопио!”
Да тргнеме од наједноставното. Некои производители на матични
плочи (Gigabyte на прво
место) располагаат со Dual BIOS, односно
два засебни БИОС чипови на матичната плоча. Ако од било која причина (вирус,
напад, неуспешно флешување) примарниот БИОС откаже позлушност, резервниот ја
презема неговата улога моментално. QFlash опцијата
потоа ја копира содржината од резервниот БИОС во примарниот.
Некои модели на Gigabyte
матични плочи располагаат и со Quad BIOS
(два чипа, резервна копија на скриена партиција на хард дискот и на ЦД).
Други производители, како MSI
на пример, во download
секцијата на својот сајт, од каде што се преземаат надградбите на БИОС-ите,
имаат детално упатство како се извршува RECOVERY
опцијата за корекција на проблемите предизвикани од неуспешно флешување.
Функционалноста на оваа опција во случајот на MSI
е испитана. Затоа, кога ќе го посетите сајтот на производителот на вашата
матична плоча, во секцијата за преземање проверете дали постои Recovery опција.
Е сега, што ако нема ниту Dual BIOS
ниту Recovery опција?
Во тој случај, спасот е во EPROM
програматорот, уред кој се поврзува со компјутерот преку серискиот или
паралелниот порт, зависно од типот на истиот, и кој овозможува програмирање на
коруптираниот БИОС чип. Се што е потребно е ВНИМАТЕЛНО да се извади БИОС чипот
од матичната плоча и да се вметне во соодветното лежиште во EPROM програматорот (постојат повеќе
лежишта за различни типови чипови – за ова во продолжение на текстот). Ако ова
не можете да го изведете сами, или не располагате со програматор, однесете ја
плочата на сервис и оставете тоа да го стори искусен сервисер. Доколку пак во
вашето место не постои сервис со ваков програматор, решение е замена на БИОС
чипот со нов, кој чини од 10 до 20 Е (ориентационо).
Кон тоа највероватно ќетреба да се додаде цената на услугата, транспортот...
Постои и друг начин, поризичен и поспецифичен. И кој не е
гаранција дека на крајот се ќе излезе како треба!
Значи, потребно е да се најде потполно исто модел на матична
плоча. Исправна, функционална. Од неа ВНИМАТЕЛНО се вади чипот на БИОС-от со
помошта на мали штрафцигери или пак со специјални наменски клешти и пинцети. Се
вметнува на унесреќената матична плоча (од која претходно на ист начин и со ист
алат е изваден нефункционалниот БИОС чип) и потоа таа се вклучува со исправниот
БИОС чип и бутира во DOS. Додека е така вклучена и
под напон, СЕ ВАДИ исправниот БИОС чип и на негово место се вметнува стариот,
нефункционалниот. Ова се нарекува “Hot
switch”. Потоа, се пристапува кон флешување. Нормално дека исправниот БИОС
чип го враќаме на другата плоча, од каде сме го позајмиле.
И краен начин – нефункционалната плоча се закачува на ѕид или се
врамува, за спомен на една непромислена постапка (или несреќен случај) и – се
купува НОВА! Со среќа да се служите со неа...и да ја флешувате.
Видови БИОС чипови
Кај архаичните матични плочи БИОС чиповите во голем број случаеви
беа залемени на самата плоча, со што отпаѓаа речиси сите опции наведени горе.
Моделите кои следеа/следат по нив располагаат со чипови сместени во посебно
лежиште. Вметнувањето на овие чипови се врши во строго дефинирана положба,
бидејќи грешката по правило е фатална по чипот. Затоа, кога се извршува hot swtch или вадење / ставање на чипот од
било која причина, треба да се запамети / запише неговата положба пред да се
пипне истиот.
Според обликот и распоредот на контактите (“ноџињата”), разликуваме DIP и PLCC
чипови.
DIP чиповите
се со правоаголен облик и “ноџиња” од двете долги страни. Нивниот
број изнесува 28, 32, 40 и повеќе. Најчесто во употреба се
со 28 или 32 пинови. Вадењето на овие чипови е поедноставно, а начинот и
потребните алатки се прикажани на сликите што следат:

PLCC чиповите
имаат квадратен облик и се вградуваат во посебни лежишта. Пиновите се од сите
четири страни, а нивниот број изнесува 28, 32, 44.....најчесто во употреба се
со 28 или 32 пинови. Поради специфичното лежиште, нивното вадење е посложено, како
и потребниот алат за тоа. Вметнувањето не би требало да претставува проблем, во
поглед на положбата. Правилната положба е дефинирана со едната отсечена ивица,
слично на маркерот на процесорите. Само крајна невнимателност и притоа
употребена прекумерна слика може да доведе до вметнување во погрешна насока и
уништување на чипот.


Конечно – крај.
Верувам дека ќе речете: и
беше крајно време. Но, како и да е, поентата ми беше што подетално да ја
пренесам и разглобам оваа тематика, со цел истата полесно да се разбере. И да
се разбијат некои табуа во поглед на флешувањето на БИОС-от.
Значи, флешувањето не е гранка на филозофијата, ниту се потребни
којзнае какви посебни услови. Се што треба е вистинскиот алат, одредени
предзнаења и добра воља.
И, да се запамети најбитното – да се флешува само ако има
вистинска потреба од тоа. И, додека не се стекне искуство, тоа да се извршува
во присуство на некој поискусен и поупатен.
НАПОМЕНА:
ОВОЈ ТЕКСТ Е ИСКЛУЧИВО ОД ЕДУКАТИВЕН И ИНФОРМАТИВЕН КАРАКТЕР. ЈАС
КАКО НЕГОВ АВТОР НЕ ОХРАБРУВАМ ИЗВЕДУВАЊЕ НА ГОРЕОПИШАНИТЕ ПОСТАПКИ НА
НЕИСКУСНИ И НЕДОВОЛНО УПАТЕНИ. ЕВЕНТУАЛНОТО ФЛЕШУВАЊЕ НА БИОС-от ГО ВРШИТЕ НА СОПСТВЕНА
ОДГОВОРНОСТ. РЕДАКЦИЈАТА НА ПОРТАЛОТ И АВТОРОТ НА ТЕКСТОТ НЕ СНОСАТ НИКАКВА
ОДГОВОРНОСТ ДОКОЛКУ НАСТАНЕ БИЛО КАКВА ШТЕТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД САМОСТАЛНО И НЕСТРУЧНО
ФЛЕШУВАЊЕ НА БИОС-от.
Клучни зборови: BIOS БИОС Флешување Хардвер Компјутер Надградба Чип Матична плоча Компоненти Процесор Конфигурација Технологија
|