|
На 24.04.2008 година во Скопје, во организација на DDC (Digital Data Communications) Macedonia се одржа семинар на кој беа презентирани најновите производи на Level One и Equip. Семинарот беше дел од DDC Training Program Roadshow, кој опфати земјиод Балканот и Европа. Пред да погледнеме што се му даде печат на настанот, да кажеме збор-два за DDC...
Digital Data Communications Gmbh е основана во 1991 година, со седиште во Дортмунд, Германија. Од самиот почеток компанијата е специјализирана за мрежни решенија и уреди за нивна изведба и реализација, со примена на најнови и иновативни технологии.
Брзиот развој на компанијата е резултат од континуалното истражување, усовршување и употребата на актуелните технологии на полето на комуникациите и информатичката технологија. Тоа резултира со исфрлување на пазарот на целосно развиени производи чиј квалитет не бил доведен во прашање ниту еднаш во текот на изминатите години.
Широката палета на производи ја сочинуваат голем број различни компоненти за целосна мрежна имплементација, под заеднички бренд Level One. Под овој бренд, DDC пласира на пазарот безжични мрежни компоненти, Broadband и ADSL рутери, свич уреди, Power over Ethernet компоненти, NAS серии, Printer сервери, IP Network камери, конвертери, KVM/SoHo/Palm switch компоненти, интерфејс картички, Projector сервери, мрежни адаптери и VoIP уреди.
Digital Data Communications има свои разграноци / канцеларии во повеќе Европски земји: Словенија, Белгија, Данска, Грција, Италија, Холандија, Португалија, Шведска, Шпанија. Исто така, свои разграноци има и на Азискиот континент, во Кореја, Тајланд, Индија преку седиштето во Тајпеи, Тајван. Присутноста на овој бренд го бележиме и на Источниот и Јужниот дел на Африка, како и на Австралискиот континент преку тамошните локални канцеларии, што е своевиден показател не само на распространетоста на брендот, туку и на квалитетот на неговите производи. Во рамките на нашиот портал ќе имаме можност да се дружиме со Level One производите низ тестови и рецензии, за кои веруваме дека ќе дадат јасен показател дека сето горенаведено не се само обични зборови.. А сега да погледнеме што се случуваше во рамките на семинарот.
 Олаф Штајнхен Акцентот, како што веќе најавив, беше на презентирање на најновите уреди, решенија и технологии врзани за Level One. Презентацијата ја водеа г-дин Олаф Штајнхен, Продукт менаџер на DDC Germany и г-дин Кеј Чен, Проект менаџер на DDC Asia. Просториите за потребите на презентацијата ги отстапи VISION, во чија организација беше целокупното озвучување и опремата за мултимедиска презентација. Најнапред г-динот Олаф Штајнхен даде неколку уводни зборови за Digital Data Communications, а содржината веќе ја прочитавте погоре во текстов.
Презентацијата на Level One производите не беше само една обична Power Point презентација. Презентерите се потрудија покрај самите производи подетално да ги објаснат и технологиите имплементирани во истите, како и решенијата базирани врз истите. Switch уредите, било да се работи за мини изведби, SoHo (Small Office / Home Office) или професионални модели, секогаш се во центарот на вниманието. Презентацијата на стандардната палета беше надополнета со неколку модели кои допрва треба да се појават на пазарот, што предизвика дополнително интересирање кај присутните и беше повод да се развие дискусија.
 Кеј Чен Исто беше и при презентирањето на рутерите, мрежните компоненти останатите производи. Тоа што привлече особено внимание и беше предмет на обемна дискусија проткаена со добро формулирани прашања беше Power over Ethernet технологијата и соодветните уреди кои истата ја поддржуваат: switch-еви, конвертери, Access Point и Bridge компоненти, MidiSpan Hub-ови, адаптери, Ipкамери, видео сервери и VoIP SIP телефони.
Накусо, се работи за технологија која овозможува овие уреди да се напојуваат преку мрежа, без потреба од дополнително напојување на истите. Поточно, уредите се приклучуваат кон switch-от и напојуваат преку Cat5/5e/6 кабелскиот интерфејс. Media Converters, уреди кои овозможуваат поврзување на фибер и бакарните жичани конекции, со дополнување од Power over Ethernet технологијата исто така беа предмет на интересирање и интересни забелешки од страна на учесниците. Изнесените идеи и можни решенија за нивна употреба пријатно ги изненади презентерите кои, во интервјуто кое го направивме со нив на крајот од презентацијата, изјавија дека се пријатно изненадени од нивото на познавање на тематиката, упатеноста и информираноста на гостите на презентацијата.
Презентацијата на Level One заврши со демонстрација на моделот WBR-6001, безжичен рутер он N_Max серијата, компатибилна со “n” безжичниот мрежен стандард (за кој посебно ќе стане збор) кој допрва треба да се појави на пазарот, и кој покрај мноштвото опции се карактеризира со лесен и едноставен начин на инсталација, само со вметнување на пропратното ЦД, кое ја завршува сета работа.Вториот дел од семинарот беше презентација на палетата EQUIP производи. Се работи за палета уреди која честопати и неоправдано е во втор план и е запоставена, а без чие присуство е невозможна изведбата на ниту едно мрежно или било какво друго решение. Значи, станува збор за широка палета на patch кабли, мониторски и напојни кабли, дата кабли, фибер оптички кабли, KVM switch-еви, PCMCIA и PCI картички (USB, Firewire, SATA), SATA/IDE конвертори, Front panel екстензиски уреди и сл.
Во завршните зборови се најдоа низа пофалби на сметка на DDC Macedonia за одличната организација на целиот настан. Семинарот заврши, како што е ред, со пригоден коктел на кој учесниците можеа малку поопуштено да продискутираат за сите заеднички теми.
ИНТЕРВЈУ СО Г-ДИН ОЛАФ ШТАЈНХЕН, ПРОЕКТ МЕНАЏЕР НА DIGITAL DATA COMMUNICATIONS
Ја искористив втората кафе пауза за интервју со Проект менаџерот на DDC Germany, г-дин Олаф Штајнхен. Еве извадок од истото:
З.И. Пред се, дозволете ми да ви честитам на успешната и професионално изведена презентација. Како вие го оценувате настанов? Ваше мислење за истиот?
Олаф Штајнхен: Навистина сум пријатно изненаден и воодушевен од професионалноста на организацијата. Се е на високо ниво, и опремата за презентирање, и озвучувањето, и самата ораганизација на целиот семинар од страна на домаќинот. Исто така, пријатно сум изненаден од нивото на познавање на тематиката од страна на учесниците на семинарот и зрелоста на дискусиите кои се развија. Се гледа дека целосно сте во тек со сите случувања и со сите новини од оваа области, верувам, од ИТ пошироко.
З.И. Прв пат сте во Република Македонија?
Олаф Штајнхен: Да, и се надевам дека нема да биде последен (смеење). Навистина, се надевам дека набргу повторно ќе имам прилика, бидејќи сето ова ми остави одличен впечаток. Исто така, имаме одредени планови кои сакаме да ги спроведеме и тука, чекор по чекор, а кои се и на глобално ниво. Тоа се однесува на жичните и безжичните мрежни решенија, VoIP, мрежни решенија за надзорни системи и т.н. и т.н., а кои планираме да ги развиваме во наредните неколку години и кои ќе се базираат на практична обука.
З.И. Како што забележав, оваа презентација е дел од DDC Training Program Roadshow. Колку време трае истиот и кои други земји се вклучени во истото?
Олаф Штајнхен: Ова Roadshow се одвива низ неколку европски земји. Тоа ни е пд голема важност и интерес, бидејќи голем процент од бизнисот ни е врзан за ова подрачје. На мене и на мојот тајвански партнер ни е особено да добиваме различни информации од различни европски земји, бидејќи притоа во секој момент имаме на ум дека секоја земја е различна.
З.И. Имам неколку технички прашања врзани за презентираните производи кои сакав да ги поставам, но не сакав да ве прекинувам при презентацијата. Едно од нив е за Медиа конвертерите, кои како што приметивте и самите предизвикаа огромно интересирање. Тие се интересен начин за креирање на надзорни и сигурносни системи и сл. Истите пружаат одредено ниво на заштите. Но, тргнувајќи од фактот дека сигурноста на тие системи е есенцијална, дали нивото на безбедност кое тие го пружаат доволно? Олаф Штајнхен: Да, сигурноста е најбитен момент (Смеење). (Прашање на место. коментира Кеј Чен).
З.И. Знам понекогаш да бидам лошо момче кога интервјуирам....
Олаф Штајнхен: (се смее) Не, воопшто не сте лошо момче...некако чувствував дека ќе падне вакво прашање (Словенскиот претставник на DDC додава дека истото прашање, во слична форма го добиле и претходниот ден, во Хрватска). Сигурни сме дека сигурносните системи не се само камерите. Тука се и софтверите, ”smart card” уредите, другите сигурносни компоненти. Во моментов, овие системи можат да се споредуваат со алармните системи на пример, и во иднина, секако дека овие системи ќе можат да се комбинираат, а и со други системи. Идните верзии на сигурносниот софтвер ќе поддржуваат и доста други опции – алармни системи, системи за детекција на чад, движење...
З.И. (Почувствував дека сака ми избега од темата, па уфрлив потпрашање)...детекција на мрежните упади?
Олаф Штајнхен: Даа, тоа е другиот дел на кој мораме да обрнеме внимание во поглед на безбедност на системот. Значи не се работи само за камерите, и покрај тоа што тука имаме одлично развиени системи. Но во секој случај, тука ќе треба да се раздвојат сигурноста на мрежата и сигурноста на камера системот и да ги третираме посебно.
(Пак малку ми побегна од темата, ама ајде...Подоцна ми стана јасно што сака да каже со ова, макар што во прв момент ми изгледаше помалку контрадикторно. Сепак, мрежен систем и систем камери за обезбедување може да функционира и одвоено и заедно. Мене мислата ми беше при еден заеднички систем, но во ред)
З.И. Во врска со 802.11n стандардот. Познато ми е дека овој стандард овозможува подобар пренос на сигналот низ пречки и поголема далечина на простирање. Е, колкава максималната далечина која овие уреди можат да ја постигнат без губитоци на сигнал или квалитет на истиот, низ препраки и на отворено? Дали се вршени некакви мерења?
Олаф Штајнхен: Одговорот би бил глобален како и за сите безжични мрежни решенија и уреди. При секое зголемување на далечината има губитоци, тоа е нормално. Колкаво ќе биде тоа тешко е да се каже, зависи и од премногу различни опкружувања, и сметам дека би биле лажговци ако ви кажеме било какви броеви.
Кеј Чен: Конечно, нас ни е важно дека успеавме да ја зголемиме далечината која сигналот може да ја достигне, но не можеме да зборуваме за бројки. Тоа е битно во “безжичниот бизнис”, но премногу разни фактори влијаат за да можеме да дадеме било какви релевантни бројки.
(Следеше дискусија за самиот стандард, премногу обемна за да застане во рамките на ова интервју, но генерално се однесување на поголемата моќност на овој стандард, особено во поглед на досегот на сигналот во рамките на урбана средина, зграда на пример, каде што “n” стандардот се покажува супериорен)
З.И. Во врска со Power over Ethernet. Дали постои веројатност за губење на моќноста на напојувањето при интензивен трансфер на податоци? Или, од друга страна, некаков вид на преоптоварување, забавување на трансферот или крајно губење на податоци во случај на слабеење на моќта/напојувањето?
Олаф Штајнхен: Во моментов, не можеме да направиме некаква независност на трансферот на податоци од напојувањето. Тие одат паралелно, и секако дека постои зависност од континуирано напојување, од квалитетните UPS системи, од...(тука се извинува бидејќи не може да пронајде соодветен израз)...тешко е да се пронајде вистинскиот одговор...
Кеј Чен: Извршени се тестирања на опремата под секакви околности. Со оглед дека сите PoE компоненти го поддржуваат тој стандард, тестирани се и засега можеме да кажеме дека ги задоволуваат потребите и дека не се јавуваат губитоци.
З.И. Никакви преоптоварувања или забавувања?
Кеј Чен: Не, никакви забавувања или губитоци.
Олаф Штајнхен: Можам да кажам дека немаме информации за слични појави, и дека засега сме задоволни од покажаното.
З.И. Ваше видување за идниот развој на овие технологии. Било какви можности за спојување на различни видови технологии со мрежните решенија? Би било интересно кога би било можно?
Олаф Штајнхен: Во секој случај, постојат различни можности и интересни опции кои можат и мораат да се земат во предвид и на разгледување. Но, дискутирањето за нив секако дека е тема која одзема премногу простор и време.
З.И. Апсолутно. И, за крај, една паралела помеѓу Европскиот и Американсиот пазар?
Олаф Штајнхен: Европа е голем пазар и е сосема различен од, на пример, Американскиот, со многу различни цели кои мораат да се разгледуваат и на кои мора да се мисли. Европа има поинакви побарувања, и на овој пазар мора да се биде многу детален и прецизен во многу аспекти, и мора да се внимава на многу работи. Битен е и Американскиот пазар, има одличен маркетинг, но во Европа е некако поконзервативно...поинакво во тој поглед.
Интервјуирал: Зоран Ивановски
Клучни зборови: Digital Data Communications DDC Roadshow Хардвер Мрежи Olaf Steinchen Key Chan
|