„Do it! Linux не е страшен. Ако сакате да бидете професионалци, тогаш ви е потребно разновидно знаење“ ова на сите корисници заинтересирани за Linux им го порачува Александар „Gemidjy“ Балаловски, основачот на Лугола - корисничката група за GNU/Linux која на 14 Март, минатата недела, прослави 5 години од постоењето. Разговаравме со Александар за идеологијата зад слободниот софтвер, што се има случено со слободниот софтвер во Македонија во последните 5 години од оформирањето на Лугола, како и за иднината на истиот. Доколку сакате да прочитате повеќе за Лугола и дејностите/проектите на групата посетете го нивниот сајт.
1. По поминати 5 години, според вас, кој е најголемиот успех на Лугола?
Александар: Тоа што оформивме јадро на корисници кон кои ќе може да се обратат
корисници на кои им е потребна помош и корисници на системи и концепти
базирани на идејата на слободниот софтвер, почнувајќи од самиот
слободен софтвер на Ричард Сталман (Richard Stallman) па се до движењето за слободна култура на Лоренс Лесинг (Lawrence Lessig) и останати идеолози инспирирани од движењето за слободен софтвер. Истовремено Лугола е збиралиште на ИТ „гужва“ која сака да се дружи на собири на кои се споделува знаење и се дружат луѓе со исто сфаќање за понатамошниот развој на ИТ општеството во нашата земја и светот. Од оформувањето на Лугола пред 5 год. кога се беревме по битолските факултети и канцеларии „под наем“ па се до сега низ ова неформално здружение имаат поминато различни калибри и карактери на луѓе, врз кои ја применавме клучната идеја на групата - да им покажеме дека постои избор и дека ИТ светот е шарен, од бизнис и од идеолошка гледна точка и дека во оној црно-бел свет кој компаниите кај нас го презентираат нудејќи неслободни решенија, имаат можност да избираат кој ќе го диктира работењето на нивните компјутери, дали софтверот ќе управува со машината и во кој случај тие преку директен
пристап до изворниот код на апликациите што ги користат ќе управуваат
со компјутерот. Главниот успех на Лугола во изминатите 5г. може да се
заокружи на тоа дека не се откажавме.
2. Објаснете ни ја идеологијата зад и потребата за слободен софтвер.
Александар: Слободниот софтвер е прашање на слобода и тоа е многу лесно да се
објасни на македонски јазик. Англискиот зборот „free“ може да се
употреби во 300 ситуации и секогаш да има различно значење. Истото
важи и за зборот „слободен“, но во нашиот јазик постои и зборот
„бесплатен“. Слободниот софтвер не е исто што и бесплатен софтвер не е
исто што и неслободен софтвер.
Кога тој што ја развива апликацијата
одлучи дека сето негово знаење преточено во код треба да е достапно за
сите, тогаш тој создава слободен софтвер. Идеологијата што стои зад
овој тип на софтвер, покрај пракса на илјадници хобисти од целиот
свет, значи и професија за многу повеќе професионалци низ целиот свет.
Слободниот софтвер не значи залудно пропаѓање на трудот и
де-евалуација на трудот на програмерите. Одлуката софтверот да се даде
слободен не значи дека програмерот се откажува од кредитите што треба
да му припаднат, морални (атрибуција) и финансиски (исплата).
3. Пред 5 години почнавте како група на корисници која ќе ги „обедини“ корисниците на GNU/Linux во Македонија. Што се има променето денес, во поглед на GNU/Linux корисниците. Ги има повеќе, имаат понапредно познавање...?
Александар: Како што напоменавме, Лугола примила и „испратила“ многу корисници во
текот на нејзиното постоење. Никогаш не се обидувавме да влијаеме врз
одлуката на корисниците. Тие сами доаѓале, сами си оделе, но јадрото
на групата останала исто секогаш. Сигурни сме дека во било која
ситуација, Лугола ќе има барем 5-10 верни членови кои ќе ја афирмираат
целата оваа идеја. На крај, Лугола промовира слободен софтвер, не се
промовира самата себе како група затоа што како таква никаде не
фигурира (не е НВО, не е фирма). Оние со кои се уште одржуваме контакт
и ние кои се уште работиме на проекти досега еволуирале во многу
понапредни корисници на слободен софтвер, секако годините врват,
знаењето се надоградува и тие кои се решени да бидат дел од ИТ во
Македонија мора да се борат за афирмација на слободниот софтвер на
бизнис план. Денес е речиси невозможно во Македонија активист за
слободен софтвер да работи врз развој на слободен софтвер во компанија
која ќе му исплаќа адекватно за она што го сработил.
4. А што се има променето кај Лугола?
Александар: Прво карактерот на тие кои се дел од Лугола. Луѓето се менуваат, а со
тоа и начините на размислување. Потоа структурата на групата. На
почетокот бевме повеќе hippy-like структура, се боревме кај што ќе
најдевме место и делувавме како секта, сега сме нешто посериозни :)
ова прашање може да се поврзе со одговорот на претходното. Тоа што
програмерите во Македонија не можат да работат како програмери врз
развој на слободен софтвер на некој начин го оладува нивниот однос кон
слободниот софтвер. Кога програмерите го надоградуваат своето знаење
врз база на слободни решенија, желбата да делуваат во заедницата ќе
биде уште посилна, компаниите ќе го поддржуваат сето тоа и активистите
ќе ја бркаат својата работа многу полесно. Денес имаме ситуација во
која хакери и активисти се сметаат за криминалци и конкуренција на
компаниите што е бесмислица. На тој начин луѓето се менуваат и
индиректно, позитивно или негативно влијаат врз промената на Лугола и
заедницата на слободен софтвер кај нас.
 Арангел Ангов, Игор Стаматовски, Александар Балаловски, Виктор Стојановски (© А. Ангов)
5. На вашиот сајт пишувате „Сме поминале низ мини-предизвици и не очекуваат уште илјадници други со кои ќе треба да се изборимо во иднина“. Кажете ни за наголемите предизвици со кои се сретнавте до сега при одржување на Лугола, како и при остварувањето на разни проекти?
Александар: Најголем предизвик беа оние кои најмалку очекувавме - луѓето. Затоа што
бевме неизградени личности кои сета енергија ја насочија кон развој и
промоција на слободниот софтвер, не ни мислевме дека во одредени
ситуации ние ќе треба да им држиме предавања на искусните и тврдоглави
професори (секако има исклучоци и тука не станува збор за
генерализирање!), администратори, босови и газди кои, повторно ќе
споменеме, на нас гледале како на конкуренција без печат. Потоа
сфативме дека најголем дел од ентерпрајз решенијата се
базираат врз слободен софтвер и веќе сега се насочуваме кон наоѓање
решнија за други проблеми. Исто така бирократските проблеми да се
допре до лицата кои го имаат главниот збор за одредени одлуки до кои
сме се обратиле е (се уште) предизвик за кој ние ниту имаме намера
ниту некогаш сме трошеле енергија да го решаваме.
6. „Компјутер за секое дете“ е проект кој го дистрибуираше слободниот софтвер во Македонија. Дали и како тоа ќе помогне да се промовира истиот?
Александар: Промовирањето на слободниот софтвер во било која смисла, доколку се
направи на правилен начин, е чин за поздравување. Мора да признаеме
дека бевме и сме пријатно изненадени од гестот на МИО за деплоирање на
толкав голем број на компјутери кои ќе работат на Edubuntu GNU/Linux
за образовни цели. Нема нешто подобро од користење на слободен софтвер
за едукативни потреби, особено имајќи го во предвид фактот што на
часовите по информатика и други стручни предмети учениците ќе можат да
го проучуваат изворниот код на систем кој е успешен и брзо напредува,
а секако егземпларното знаење е подобро од било кое друго знаење. Но
доколку сето тоа се спроведува на непроверен начин, избрзано, преку
ноќ и контра-продуктивно во очите и кјурикулумите на професорите и
учениците, секако дека не е нешто со кое се радуваме. Проектот засега
според нас не се спроведува по планот. Постои забуна па дури и
уплашеност, неприфатливост кај професорите и учениците,
нефункционалност, едноставно конгломерација која не се користи за
ништо. Според она што ние го знаеме за скоро ќе има втора тура обуки
за професорите кои треба да ги покријат сите овие пропусти во
реализирањето на проектот и да се надеваме од септември сето тоа да
почне да се реализира онака како што е практично проверено.
Од самиот почеток на проектот Компјутер за секое дете па досега, кон
Лугола се имаат обратено многу професори и други стручни лица кои
побарале поддршка и помош за работата на Edubuntu, а исто така се
имаме вклучено и во првиот круг на обуки за професорите од битолскиот
регион.
7. Често организирате настани во Битола, дали планирате во иднина Лугола да организира настани и „славење“ на слободниот софтер низ останатата Македонија?
Александар: Веќе започнавме, Лугола 5г. се славеше во Скопје :) Во Лугола
неофицијално има членови од цела Македонија, не само од Битола.
Најголем дел од членовите на Лугола се во Скопје, кој по работа кој за
учење. И тоа може да се смета за лична трагедија за нашата земја која
го централизира целиот капитал и развој само во главниот град и некои
туристички места од кои има корист. ИТ не значи дека сите треба да се
преселиме на една планета и од таму да делуваме затоа што државата
заборавила да стави акцент врз развојот на помалите градови. Но постои
желба да се смени тоа и ќе се смени, еден ден.
8. Кои се другите планови за иднината на Лугола?
Александар: Па да останеме кул и забавни како досега, да се дружиме пред СЕ, потоа
да делуваме во иста насока, да продолжиме да издаваме Лугархија (која поради, верувајте, оправдани причини малку
стагнира) и да останеме верни на искреноста со која го движиме овој
сектор од ИТ индустријата во земјава.
9. Што ќе им препорачате на почетниците кои се заинтересирани да користат Linux?
Александар: Do it!! GNU/Linux не е плаши-деца! :) Сериозно, ако сакаат да бидат
ценети како професионалци не треба да имаат ограничено познавање само
за некои системи, баш напротив, треба да го сфатат генералниот начин и
режим на работа на оперативните системи, програмски јазици итн. Потоа
ќе им е полесно да направат избор што функционира подобро. Тогаш
изборот ќе е нивен и целата одговорност ќе припадне врз нив самите,
затоа што никој не им инсталирал неслободен систем без да му каже дека
постои и друг избор.
Клучни зборови: Lugola Лугола Група на корисници GNU/Linux Линукс Слободен софтвер Компјутер за секое дете Софтвер
|