Користејќи ги сервисите на Google, Insights for Search и Web Trends, како и Alexa ги споредивме најпопуларните друштвени мрежи во светот и нивната популарност кај македонските интернет корисници. Самоиницијативно го намалив огромниот избор на друштвени мрежи на само пет, колку што полиња за клучни зборови ви се овозможени кај овие сервиси. Изборот се сведе на: Facebook, MySpace, Hi5, LinkedIn и Tagged.
Пред да започнеме да ги анализираме добиените резултати, чисто како мала напомена дека не треба многу да верувате на вакви сервиси, кои секако дека можат да ви прикажат валидни информации, но во некои случаи можат и целосно да ви дадат погрешни податоци и да ве наведат на погрешна анализа. Треба да разберете дека не се само важни добиените резултати, туку и како е дојдено до нив. Конкретно овие сервиси работат на автоматски принцип, односно компјутерите ги процесираат информациите без притоа да бидат земени во предвид и многу *човечки* фактори. Како дополнително разочарување морам да споменам и дека
скоро секој од овие сервиси за нашава земја овозможува само делумно користење. На пример, Insights for Search за Македонија не овозможува поделба на резултатите и пратење на трендовите според дадените категории од проста причина што нема доволна количина на резултати за анализирање.
Алатките на Google
Google Insights for Search работи на принцип на собирање на веб пребарувања според клучни зборови од сите Google домени кои потоа ги класифицира по категории и дава можност за анализирање по региони и на временски периоди. Конкретно, резултатите ги дава споредувајќи колку вкупно пребарувања се направени за бараните клучни зборови, релативно на вкупниот број на пребарувања во дадениот временски период. Потоа, ги дава резултатите во вид на интерест и тренд за терминот на скала од 1 до 100. Мора да го знаете и фактот дека сервисов не работи за било кој пребарувачки термин, туку само за оние попопуларните.
Trends и Trends for Websites работи на сличен принцип како Insights for Search иако никаде официјално не се објаснува што конкретно Google зема во предвид при објавување на резултатите. Лично претпоставувам референци од пребарувачот кон сајтот, пребарувачки термини на корисниците, трендови според Google Toolbar-от кон даден сајт и сл.
Во продолжение следат трите графикони од Trends for Websites, Search Trends и Insights for Search за 5-те избрани друштвени мрежи и нивниот тренд на популарност во Македонија. Во сите три графикони може да се забележи голема сличност, што само докажува дека начинот на кој Google врши анализа во овие сервиси е многу сличен.



Анализа
Според добиените резултати најпопуларна друштвена мрежа, со значаен пораст на популарност, кај македонските интернет корисници е Hi5.com. Како поткрепа на добиената статистика може да служи и фактот дека доколку на сајтот на Hi5 направите напредно пребарување на профилите според локација (Македонија) ќе добиете над 72.000 профили за прелистување. А присутни се и околу 350 групи кои го содржат терминот "Македонија".

MySpace.com пак бележи некој континуитет во популарноста веќе подолго време, најверојатно се работи за одредена група на корисници кои редовно ја користат оваа друштвена мрежа. Со пребарување на сајтот според локација може да се забележат околу 3,000 членови од Македонија.

Интересно е тоа што Facebook.com во последниве неколку месеци има голем пораст на популарност кај македонските корисници, а морам да признам дека не ми беше потребна ваква алатка за да го забележам тоа. Член сум на Facebook веќе 2-3 години и во почетокот ретко кој од моите пријатели од Македонија имаше свој профил на сајтов. Но во последно време може да се забележат сé поголем број на корисници од Македонија, профили на .мк веб сајтови, поголем број на групи околу популарните (најчесто политички) тематики, па дури и некои апликации поврзани со Македонија. Дополнителен факт со кој можам да ја поткрепам изјавата дека Facebook бележи значителен пораст на популарноста во Македонија е дека мрежата Macedonia која некогаш броеше само околу 1.000 членови, сега има над 18.000.

Tagged.com, слично на MySpace, откако добил на популарност на почетокот на 2008 година, си бележи континуитет во посети веќе подолго време што повторно значи дека најверојатно се работи за едните исти корисници кои го практикуваат овој сервис. Од друга страна, кога ќе пребарате преку формата за пребарување според локација, на Tagged.com можете да забележите нешто над 80,000 корисници од Македонија. Се решив да го занемарам тој податок бидејќи сервисот е познат по тоа што спамира, односно откако некој ќе се регистрира на него, му бара пристап до неговите Yahoo!, Gmail и слични сервиси, и потоа на пронајдените контакти во нив, наместо само една покана, испраќа еден куп спам. Мое мислење зошто има толкав "нерелеан" број на корисници е дека луѓето наседнуваат на тие е-маилови, одат еднаш, се регистрираат и потоа го забораваат Tagged.com.

Морам да признам дека бев изненаден за (не)добиените резултати за LinkedIn.com - друштвен сајт за професионално вмрежување. Ниту еден од трите сервиси не даде никаков податок за популарноста на LinkedIn во Македонија, што автоматски го прави "непопуларен". Но претпоставувам дека податоците кои ги има Google за користење на LinkedIn од страна на македонските корисници не се доволни во квантитет за анализа. На сајтот можат да се пронајдат над 1,000 профили на интернет корисници од Македонија, а само создадената група Македонија има околу 390 членови (бројката не е мала вклучувајќи го фактот дека групите на LinkedIn немаат некоја позначајна функција и се често игнорирани). 
Според Alexa.com
Користејќи ја Alexa.com
и прегледувајќи ја листата на 100 најпопуларни веб страни во Македонија, овие 5 друштвени мрежи ги држат следниве позиции.
- Hi5 е 4-ти сајт на листата
- MySpace е 8-ми
- Facebook е веднаш зад MySpace и е 9-ти
- Tagged.com е 24-ти
- LinkedIn не е во првите 100
"Локални" друштвени мрежи
Од "локалните" друштвени мрежи, барем оние кои се попознати, трендот на популарност според Google Trends for Websites е следен:

Додека според Alexa, на листата на топ 100 во Македонија овие сајтови ги држат местата:
Заклучок
За крај повторно да напоменеме дека овие информации се според датата добиена од трите сервиси на Google и Alexa, кои си имаат свои начини на одредување на трендови на популарност кои можат а и немора да се вистинските начини за да се одслика правата слика на популарност.
Статијава пред сé е пример за како да ги искористите овие алатки за споредба на разни сајтови, па така во иднина ќе можете да извршите подетална анализа за тоа кој портал, онлајн весник, блог или некој друг веб сајт е попопуларен и какви трендови бележи...
Клучни зборови: Трендови Популарност Друштвени мрежи Сајтови Hi5 Facebook MySpace LinkedIn Tagged Prijateli Hibalkan Top.com.mk Интернет Сервис
|