На сајтот на списанието Fast Company објавена е листа на највлијателните жени во веб 2.0 светот. Сите истакнати личности се изберени на основа на иновациите и значајните промени кои ги имаат направено, а не според нивната моментална позиција или висината на платите и хонорарите. Во продолжение ја пренесуваме целата листа збогатена со линкови и подобри слики...
Леа Кулвер (Leah Culver)

Што има таа направено?
Таа е одговорниот девелопер и основач на друштвениот сајт Pownce. Кулвер која сега има 25 години им овозможи на интернет корисниците на лесен и брз начин да разменуваат големи фајлови, слики или филмови. Сервисот Pownce беше затворен на 15 Декември а технологијата беше купена од страна на Six Apart, компанијата во која Кулвер сега работи.
Како дојде до таму?
Кулвер најпрвин планирала да заврши студии по уметност, но подоцна се пренасочила на програмирање и дипломирала во 2006 година на отсекот по компјутерски науки на универзитетот во Минесота. Пред да го создаде Pownce од нула со користење на Python, Кулвер работела за две мали софтверски компании.
Што може да научиме од неа?
Никогаш не сте премлади за да започнете своја компанија. Особено доколку знаете да програмирате, може да создадете свој веб сајт за многу евтини пари. "Како програмер патот до ваша компанија е многу лесен - вие создавате сајт и луѓето се радуваат на него." - изјави Леа која за својот проект не барала инвеститори туку зависела од донациите на семејството и пријателите.
Рашми Шинха (Rashmi Sinha)

Што има таа направено?
Рашми е извршниот директор и ко-основачот на популарниот сајт за споделување на PowerPoint презентации, SlideShare.com. На сајтот може да се објавуваат презентации слично како видеа на YouTube и на нив може да се оставаат коментари, забелешки, да се преземаат и др.
Како дојде до таму?
Шинха има докторат по неврологија од универзитетот Браун. По дипломирањето, таа работеше како истражувач во универзитетот Беркли, фокусирајќи се на оптимизација на интернет пребарувачи и системи за препорачување. Таа подоцна започна со нудење на индивидуални консултантски услуги, а нејзините клиенти беа eBay, iFilm, AAA...
Што може да научиме од неа?
Доколку сте посветени на технологијата и сте припаднички на женскиот пол, сите ваши напори треба да ги насочите кон веб 2.0 трендот. "Постојат повеќе влезни точки во веб 2.0 светот отколку во старомодните технолошки компании како Intel. Веб 2.0 е исто така вистинската мешавина на друштвеното и техничкото па така жените можат да напредуваат. Во овој тренд тие придонесуваат на многу повидлив начин отколку во другите технолошки полиња." советуваше Рашми.
Мариса Маер (Marissa Mayer)

Што има таа направено?
Мариса е 10 годишен ветеран во Google, моментално работи на позицијата потпретседател на одделот задолжен за продуктите за пребарување и корисничко искуство. Таа е една од неколкуте одговорни луѓе кои беа задолжени за развој на популарните интерактивни сервиси како Gmail, Orkut, iGoogle и др.
Како дојде до таму?
Мариса Маер дипломирала на отсекот биологија и хемија на Стенфорд, а подоцна завршила магистратура по компјутерски науки. Пред да се приклучи на Google, Маер работела во лабораторијата на UBS во Цирих, Швајцарија и во непрофитабилниот истражувачки институт SRI International во Калифорнија.
Што може да научиме од неа?
Доколку сакате корпоративна кариера, не ја барајте само соодветната позиција за вас - туку пронајдете компанија која ќе ви помогне да ја развиете вашата кариера. "Пронајдете средина каде што ќе се чувствувате пријатно, средина каде што луѓето ќе инвестираат во вас" вели таа. "Google навистина инвестираше во мене и таму се чувствувам како дома."
Дина Каплан (Dina Kaplan)

Што има таа направено?
Каплан е ко-основачот и еден од директорите на Blip.tv - видео платфома наменета за продуценти преку која лесно може да се дистрибуираат оргинални видеа на интернет. Преку Blip.tv, гледачите можат да коментираат и да споделуваат содржини.
Како дојде до таму?
Дина Каплан е дипломиран економист и претходно има работено на неколку разни позиции во Белата куќа. По напуштање на претседателскиот дом, се вработува како асистент продуцент на вестите на MTV, а пред да го започне Blip.tv, таа работеше како ТВ репортер за американската мрежа NBC.
Што може да научиме од неа?
Каплан советува дека доколку се обидувате да создадете нова компанија или едноставно да бидете приметени, најдоброто нешто што можете да го направите е да започнете да слушате. "Слушањето е далеку повредно од зборењето. Кога Blip.tv започна, ние ова го научивме на потешкиот начин. Немавме ниту еден корисник првиот месец. Кога зборувате, прашувајте, обидете се да решите проблеми и секогаш барајте го она што недостасува."
Елиса Камахорт Пејџ, Џори Дес Џардинс и Лиса Стоун
(Elisa Camahort Page, Jory Des Jardins, Lisa Stone)

Што имаат тие направено?
Пред пет години, повеќето женски блогери многу брзо се откажаа заради немање поддршка или читатели. Немаше скоро никаква заедница, па така и интерактивноста беше ограничена. Но, три жени го изменија тоа. Пејџ, Џардинс и Стоун ја создадоа конференцијата BlogHer, која има за цел да создаде корисна заедница преку офлајн зближување на блогерките. BlogHer подоцна стана и 24 часовна онлајн заедница каде што женските блогери од целиот свет можат да комуницираат онлајн.
Како дојдoa до таму?
Пејџ, која поседува диплома по театар од универзитетот Сан Хозе, пред да го започне својот блог работеше неколку различни работи кои инволвираа користење на технологија. Нејзиниот блог е наречен Worker Bees и им помага на организациите да користат блогови како алатки за комуникација и маркетинг.
Дес Џардинс има диплома по англиска литература од универзитетот во Илиноис и има работено во неколку разни медиуми пред започнувањето на BlogHer.
Лиса Стоун пак има дипломирано на отсекот за политички науки на универзитетот Велесли и има работено за весникот Oakland Tribune, медиумската мрежа CNN и сајтот Women.com. Во 2001, таа стана првиот интернет новинар кој е награден со стипендијата Nieman Fellowship од страна на универзитетот Харвард. Таа исто така има помогнато во создавањето на правната блог мрежа на Law.com, сајтот Thatsracin.com и компанијата Glam Media.
Што може да научиме од нив?
Доколку имате компанија или бренд, најдобриот катализатор за успех е да се започне со комуницирање. "Не постојат само надгледувачи, независно од тоа дали сте нова компанија или компанија постара од 100 години. Започнете со пишување, коментирање и учествување уште веднаш. Доколку вашата компанија нема блог или не учествува во друштвените мрежи, вашите конкуренти и потрошувачи дефинитивно го прават тоа" изјави Стоун.
Ариана Хафингтон (Arianna Huffington)

Што има таа направено?
Со објавувањето на својот групен блог, Хафингтон го трансформираше начинот на објавување на вести и го претвори во конверзација. Објавен како блог за политика во 2005, Huffington Post стана еден од блоговите кој стана навистина популарен и започна со создавање на свои вести од областа на медиумите, бизнисот, животната средина и сл. Блогот има постови од стотици блогери, вклучувајќи познати личности како Алек Болдвин (Alec Baldwin), Џејми Ли Куртис (Jamie Lee Curtis) и други.
Како дојде до таму?
Родена во Грција, Хафингтон се преселила во Англија на 16 години каде што се запишала на универзитетот Кембриџ. По завршување на магистратура по економија, таа се преселила во Лондон каде што живеела со познатиот политички колумнист Бернард Левин (Bernard Levin) кој и помогнал во создавањето на нејзиниот прв роман. Во 1980 година се преселила во Њујорк, а во 1986 се омажила за милионерот Мајкл Хафингтон (Michael Huffington). Подоцна таа се приклучила на републиканската партија, а пред да го започне блогот, во 2003 година неуспешно се кандидирала за гувернер на Калифорнија, заедно со Арнолд Шварценегер како конкурент.
Што може да научиме од неа?
Никогаш не ограничувајте еден медиум. Во случајот на Хафингтон, блоговите станаа главните извори за вести, а не само извори на коментари. И секогаш тежнејте кон тоа да ги надминете своите двоумења и стравови. "Нестрешливоста не е недостаток на страв, туку надминување на стравот. Надминувањето на стравот е во мое мислење, една од најважните лекции во достигнување на успех." - изјави Ариана Хафингтон.
Кјан Банистер (Cyan Banister)

Што има таа направено?
Банистер е ко-основач на Zivity.com, сајт кој феноменот Hot-Or-Not го претворила во профитабилен тренд и онлајн заедница. За месечна претплата од 10 US долари, членовите може да гласаат и да комуницираат со нивните омилени манекенки и манекени, кои своите фотографии ги објавуваат во замена за 40% од профитот.
Како дојде до таму?
Банистер започнала да работи уште на 16 години, по напуштањето на средното училиште. Нејзиното професионално искуство е воглавно менаџирање, таа исто така била еден од техничките менаџери на компанијата за е-маил сигурност IronPort Systems. Таа има работено и во невладин проект каде што помагала на жените во затвор да развијат работни способности.
Што може да научиме од неа?
Не ви е потребен формален тренинг и образование за да започнете успешна компанија. Таа го започна сајтот Zivity без традиционална едукативна или бизнис позадина. Нејзиниот совет е во работната околина да заборавите на полот на вашите колеги и спрема сите да се однесувате исто. "Преземајте ризици и не се фокусирајте единствено на себе. За да бидете успешни потребно е да го издигнете вашиот врат високо и да го задржите таму."
Џина Бианчини (Gina Bianchini)

Што има таа направено?
Џина е ко-основач и извршен директор на Ning, платформа за друштвени сајтови која им овозможува на самите корисниците да создаваат лично свои друштвени мрежи на која тема и да сакаат. Сајтот моментално има повеќе од 575.000 друштвени мрежи и бројот секојдневно расте за околу 2.000.
Како дојде до таму?
Бианчини поседува магистратура по политички науки од универзитетот Стенфорд. Таа подолго време има работено во финансискиот сектор, пред заминувањето во компанијата за анализирање на рекламни пораки наречена Harmonic Communications, каде што се запознала со еден од директорите, успешниот интернет бизнисмен Марк Андерсен (Marc Andreessen), кој воедно е и ко-основачот на Ning.
Што може да научиме од неа?
Доколку се обидувате да започнете нова компанија, запомнете ги двете најважни работи: контрола и персонализација.
Катерина Фејк (Caterina Fake)

Што има таа направено?
Таа е ко-основач на Flickr (сега во сопственост на Yahoo!). Со создавањето на Flickr, Фејк практично е еден од пионерите на моделот за споделување на слики преку интернет. Пред создавањето на овој сервис, интернет корисниците кога и да посакаа да споделат фотографии, мораa да ги испраќаат преку е-маил.
Како дојде до таму?
Таа има дипломирано англиска книжевност на универзитетот Васар. Нејзината прва онлајн работа била како одговорен дизајнер за компанијата Organic Online, агенција за веб развој која развивала сајтови за големи компании. Подоцна таа работеше како креативен директор за Salon.com, па креативен директор на Yellowball - сервис кој овозможува на луѓето колаборативно да создаваат анимации. Во 2004 заедно со нејзиниот сопруг Стјуарт Батерфилд (Stewart Butterfield) таа го создаде Flickr. Сајтот најпрвин започнал како сајт за мулти-плеер игри, но подоцна заради немање доволно средства прераснал во сајт за споделување на фотографии.
Што може да научиме од неа?
Доколку сте доволно решени да создадете свој бизнис, може да направите добро богатство. Yahoo! им плати на Fake и на нејзиниот сопруг 35 милиони US долари.
Мена Трот (Mena Trott)

Што има таа направено?
Заедно со нејзиниот сопруг Бен, Трот е ко-основач на компанијата Six Apart, која го создаде софтверот за блогирање Movable Type, како и блог хостинг сервисот TypePad, блог платформата LiveJournal и Vox. Пред создавањето на овие платформи, блогерите мораше сами да си создаваат и кодираат блогови.
Како дојде до таму?
За време на своите студентски денови, Трот работеше како веб дизајнер за Санта Клара универзитетот, а по добивањето на дипломата по англиски јазик, таа работеше како дизајнер за компанија која создава едукативен софтвер. По краткото работење во оваа компанија, Трот ја создаде компанијата Six Apart, а името доаѓа од 6-те дена разлика помеѓу родендените на брачниот пар.
Што може да научиме од неа?
Не го отфрлајте потенцијалот на вашите хобиа: што може да започне од досада може да прерасне во мулти-милионерски бизнис.
Калија Хамлин (Kaliya Hamlin)

Што има таа направено?
Хамлин е еден од евангелистите на OpenID заедницата која се залага за користење на едно корисничко име и лозинка за сите сајтови. Нејзината цел е да го поедностави корисничкото онлајн искуство и да поттикне мобилност помеѓу сајтови. Таа својата "пропаганда" ја споделува на конференции и работилници.
Како дојде до таму?
Додека студирала политичка економија и човекови права на универзитетот Беркли, Хамлин работела за неколку непрофитни организации. По завршувањето во 2003 година, таа започнала поактивно да го следи корисничкиот идентитет на интернет. Потоа се вработила како евангелист за компанијата Identity Commons, во која имала за цел да го промовира создавањето на отворен идентитет на интернет, концентрирајќи се истовремено на приватноста и контролата. Во 2005, таа ја организирала првата работилница за интернет идентитети.
Што може да научиме од неа?
Доколку пронајдете цел или причина во која навистина верувате, никогаш не е предоцна да станете дел од неа - не ви е потребна поврзана диплома. Единствената лоша работа е што спасувањето на светот понекогаш не се баш исплати па затоа ќе мора да работите две работи истовремено. Хамлин најчесто се финансира преку помагањето во организирање на конференции.
Клучни зборови: Највлијателни жени Веб 2.0 Веб2 Интернет Технологија Leah Culver Pownce Rashmi Sinha Slideshare Marissa Mayer Dina Kaplan Blip.tv BlogHer Arianna Huffington Cyan Banister Gina Bianchini Ning Caterina Fake Flickr Mena Trott Kaliya Hamlin
|