LinkedIn е онлајн друштвена мрежа наменета за бизнис професионалци. Повеќе од 30 милиони луѓе ширум светот кои работат во повеќе од 150 разни индустрии активно го користат овој веб сајт за да остварат бизнис контакти, пријателства или пак за да се промовираат себе си и својот бизнис.
Сајтот е исклучително наменет за професионални контакти, а најдоброто нешто е што е бесплатен и што секој може да го користи. Но пред да започнете со создавање на онлајн профил на LinkedIn потребно е да знаете дека оваа друштвена мрежа воопшто не е слична на Facebook, MySpace, Hi5 и другите такви. Кога ќе го објавите вашиот работен профил, вие практично создавате еден вид онлајн резиме кое го презентирате пред целиот свет.

Бидејќи секој може да го види вашето работно искуство (нормално и дека можете да го ограничите со помош на алатките за приватност, но тогаш која е поентата во имање на профил на LinkedIn?), заборавете на оние "ситни лаги" кои сите ги ставаме во своите резимеа за да изгледаме попривлечно. Сигурно не би сакале вашиот поранешен шеф да прочита дека се промовирате себе си како проект менаџер во неговата фирма, кога всушност сте работеле нешто сосема друго и сте имале далеку пониска позиција. Ваквите активности можат да имаат и правни последици. Едноставно, бидете искрени.
- На почеток е најважно да размислите во кој правец сакате да ја водите својата кариера. Што е тоа што навистина сакате да го работите и во што сте најдобри. Откако ќе ги прецизирате овие работи, размислете кои поранешни работни искуства би ви користеле за подобра презентација, кои способности ги имате и како најлесно ќе ги докажете на некој кој ќе го прегледа вашиот профил. Не заборавајте дека моќта на LinkedIn за остварување на контакти е огромна бидејќи на овој сајт можат да се пронајдат профили на едни од најуспешните бизнис луѓе во светот, кои преку LinkedIn ви се достапни за контакт само преку еден клик.
- Откако се дефиниравте самите себе во професионална смисла, филтрирајте ги информациите кои сакате да ги објавите. Не ја објавувајте секоја работна позиција која сте ја имале во вашиот живот, туку само онаа релевантна на вашата избрана професија. Она за што не сакате другите да знаат и не сакате да го објавите, едноставно... не го објавувајте.
- Комплетирајте го својот профил. Пополните ги сите секции на профилот од едноставна причина што тоа ќе ви помогне подобро да се претставите себе, колку и да е досадно да напишете листа на своите способности или пак да објасните во две-три реченици што е тоа што сакате да го работите. Вклучите и своја слика, луѓето сакаат да знаат со кого работат и како изгледа таа личност.
- Поврзете се со поранешни и сегашни колеги, пријатели, партнери... создадете своја мрежа. Искористете ја опцијата за пребарувања на профили на LinkedIn, барајте според клучни зборови, име на компанија, локација и др. Прегледајте ги и контактите на луѓето кои ги познавате, можеби делите заеднички контакт. Не претерувајте во додавање на голем број на луѓе, бидете трпеливи, ако на почетокот вашата мрежа е создадена само од неколку контакти... не се вознемирувајте, полека како напредувате во својата кариера и запознавате нови луѓе паралелно ќе ја зголемувате својата професионална мрежа. Бидете практични и реални и не додавајте секого, а не примајте и така лесно покани за вклучување во нечија мрежа.
- Искористете ги опциите за групни дискусии на LinkedIn. Создадете нови и вклучете се во веќе постоечки разговори на професионални теми. Бидете прецизни, кратки и јасни. Избегнувајте расправии, полемизирања и докажувања. Ова е ваша можност да докажете што знаете и дека сте сигурни во тоа што го работите.

- Препорачајте соработници со кои имате работено, и побарајте од нив да ве препорачаат и вас. По некое непишано правило, никогаш не оставајте негативни препораки... кратко кажано, тоа едноставно не е "кул". Ако не сакате да препорачате некого, воопшто не го правите тоа.
- Редовно прегледувајте го и надополнувајте го вашиот професионален профил на LinkedIn. Навистина е важно да го надополнувате со последните информации и работни позиции, бидејќи луѓето со кои работите лесно можат да го пронајдат и да прочитаат за вас. Вашиот LinkedIn профил е еден од првите линкови на Google кога некој ќе го пребара вашето име.
LinkedIn.com исто така нуди и неколку дополнителни алатки со кои можете да останете постојано во контакт со оваа друштвена мрежа и истата да ја користете за прибирање на информации:
- LinkedIn тулбар за Microsoft Outlook
- LinkedIn тулбар за вашиот прелистувач (Internet Explorer или Mozilla Firefox)
- LinkedIn е-маил потпис
Клучни зборови: LinkedIn Водич Бизнис Контакти Професионализам Професионалец Менаџер Пријателства ЛинкедИн LinkedIn Друштвени мрежи Индустрија
|