Решивме да создадеме листа на топ (нај)гиковски ТВ серии во последните неколку години. Во листата поголемо значење им придадовме на поновите и поактуелни серии кои сеуште се снимаат и прикажуваат. Но секако, не заборавивме да вклучиме и неколку постари хитови.. :) Доколку сме пропуштиле некоја ТВ серија која вреди да се спомне, слободно вклучете ја во коментарите.
Во продолжение следи листата на топ 10 гиковски ТВ серии според IT.com.mk:
1. The Big Bang Theory

Американска комедија создадена и продуцирана од Чак Лор и Бил Прејди, која за прв пат почна да се прикажува на каналот CBS на 24 Септември, 2007 година. Одлична приказна, во која како главни карактери се појавуваат експериментален физичар по име Леонард и Шелдон, теоретскиот физичар. Двајцата карактери, гикови по природа, живеат наспроти една атрактивна плава девојка, Пени. Гик културата е промовирана низ целото шоу, дури и преку двата најдобри пријатели на физичарите, Хауард и Рајеш. Досега се снимени две цели сезони, а е планирана и трета. Во Македонија, шоуто го пренесува Канал 5 телевизија.
2. The IT Crowd

Крајно занимлива комедија, создадена од Грахам Линеан, а продуцирана од Аш Атала на британскиот Канал 4. Серијата досега има добивано неколку награди, меѓу кои и интернационално Еми. Целото шоу се одвива во канцелариите на компанијата Reynholm Industries, измислена корпорација во централен Лондон, а како главни карактери се појавуваат Мос и Рој од ИТ тимот на компанијата, меѓу кои е и менаџерката Џен, која не се разбира во ИТ. Досега постојат три сезони, а закажана е и четврта која ќе се прикажува во 2010.
3. Futurama

Анимирана ТВ серија, создадена од Мат Гроенинг, кој исто така е и создавач на The Simpsons. Серијата се одвива во 3000 година, во градот New New York. Постојат неколку главни карактери, предводени од Филип Фрај, роботот Бендер, и мутантот Лила. Навидум бескорисен цртан филм, но серијава изобилува со доста интересни и комични сцени. Досега има добивано голем број на награди што докажува за најзиниот квалитет... и иако се снимени само 5 сезони од 1999 до 2003 година, до ден денеска се прикажува на каналите низ светот.
4. Quantum Leap

Quantum Leap е постара серија, снимена во периодот од март 1989 до мај 1993 година, создадена од Донал Белисарио. Главниот карактер е докторот Сем Бекет, научник кој останува заробен во времето при еден експеримент. На неговите патувања низ времето го придржувуа неговиот најдобар другар Ал, кој се појавува во вид на холограм видлив само на Сем. Снимени се 5 сезони со вкупно 96 епизоди. Малку покласична серија, но вреди да се погледне.
5. Battlestar Galactica

ТВ серијата BattleStar Galactica започна со регуларно емитување од 2004 до 2009 година. Приказната се одвива така што во далечен дел од универзумот, цивилизација од луѓе живее на неколку планети, познати како 12 колонии. Човечката раса војува со кибернетичка раса, а по еден голем напад, од човечката цивилизација остануваат само неколку преживеани кои патуваат низ вселената. Под водство на командирот Адама, тимот од бродот BattleStar Galactica патува во потрага по планетата земја. Серијата во Македонија се емитува под насловот "Борбена ѕвезда - Галактика" на Канал 5.
6. Chuck

Chuck е понова комедија создадена од Још Швартц и Крис Федак. Станува збор за серија во која главен карактер е Чак, класичен компјутерџија кој добива енкодиран е-маил од постар пријател од факултет кој сега работи за ЦИА. Енкодираната порака во која се вклучени најголемите светски тајни се трансмитира во мозокот на Чак. Серијата се емитува оргинално на NBC, досега се снимени две сезони, а е порачана и трета откако гледачите на шоуто создадоа кампања во која бараа од продуцентската куќа да продолжи со снимање. Во Македонија сеуште никоја телевизија не ја емитува серијата, но затоа може да се најде преку кабловска телевизија на хрватскиот RTL.
7. Numb3rs

Numb3rs е серија продуцирана од браќата Ридли и Тони Скот. Главната улога ја игра спцијалниот агент на ФБИ, Дон Епес и неговиот брат, Чарли Епес, кој е математички генијалец. Браќата, поддржани од таткото Алан Епес, си помагаат едни на други во разрешувањата на разни криминалните дела. Шоуто во САД се прикажува на CBS телевизија и содржи 5 сезони, додека во Македонија е пренесувана од Алфа ТВ.
8. Heroes

Heroes е драма создадена од Тим Кринг за NBC. За прв пат се објави на 25 Септември, 2006 година и започнува со раскажување на приказни на разни индивидуални лица ширум светот кои на мистериозен начин развиваат надчовечки способности. Подоцна во серијата, лицата се обединуваат на разни начини и се здружуваат со цел да го спасат светот. Одлична ТВ серија чија приказна го презема стилот на класичните амерички стрипови. Во Македонија е емитувана од Сител телевизија.
9. Fringe

Уште една научно-фантастична серија создадена од Џ. Џ. Абрамс, Алекс Куртзман и Роберто Орси. Серијата ја прикажува работата на еден ФБИ оддел лоциран во Бостон, кој е под директен надзор на Одделот за правда на САД. Тимот користи неетички тактики и технологии за да помогне во истрагата на криминални дела кои неможат да се објаснат на друг начин. За прв пат беше прикажана на Fox телевизија во септември, 2008 година а досега се снимени 20 епизоди од првата сезона.
10. StarGate

Stargate е воен научно-фантастичен серијал составен од неколку делови, започнувајќи од филмот кој беше објавен во 1994 година, а чија приказна беше продолжена три години подоцна преку телевизиската серија Stargate SG-1. До денеска се емитувани разни делови од ТВ сериите, покрај SG-1, и Atlantis, Universe и Infinity. Станува збор за откривање на вселенска дупка која овозможува телепортација низ вселената, која на Земјата се држи во тајност од јавноста и развивање на приказни поврзани со неа.
Бонус:
11. Star Trek

Неможе да се создаде една ваква листа без да се спомне класиката Star Trek, американска ТВ серија создадена од Џин Роденбери која започна да се емитува во 1966 година. Постојат неколку серијали, оргиналниот Star Trek (снимени од 1966-1969), анимираните серии (од 1973-1974), Star Trek: Phase II (1987), The Next Generation (1987-1994), Deep Space Nine (1993-1999), Voyager (1995-2001) и Enterprise (2001-2005).
Клучни зборови: Телевизија Серии Серија ТВ Тв серии ТВ шоу Futurama Big Bang Theory Quantum Leap Chuck StarGate BattleStar Galactica Star Trek Стар Трек Heroes Херои Fringe
|