По повод европскиот ден на безбеден интернет Собранието на РМ одржа јавна расправа на оваа тема. Во своето воведно обраќање, претседателот на Собранието, Трајко Вељановски зборуваше за секојдневното користење на интернетот, за потребата од безбеден интернет, но при тоа да се „внимава да не се повредат општите начела од корпусот на човекови права.“
„Денес, секој од нас кога доаѓа на работа, во училиште, на факултет, прва работа му е да го вклучи компјутерот, да ја прегледа својата пошта, да прочита весник, да се вклучи во работниот или во образовниот процес, но ако сакате и едноставно да види што има ново на интернет.“ вели г-дин. Вељановски додавајќи „Од друга страна како и секоја цивилизациска придобивка така и интернетот, ние луѓето знаеме да го злупотребиме како за лична, лукративана корист, но исто така знаеме да го злоупотреби во примери како што е неовластена достапност и манипулација со лични податоци“

Покрај безбедноста,
г-дин. Вељановски прави и осврт на напредокот на Македонија во ИТ, пред се во транспарентноста и поставувањето на е-Влада и е-Парламент велејќи дека „Пред помалку од четири години Македониjа беше некаде на европското дно кога станува збор за користењето на интернетот. Во овој период успеавме да станеме препознатливи во Европа како држава и општество со динамичен пораст на користење на интернетот.“
На крај, навраќајќи се пак на приватноста, претседателот на Собранието вели дека мора да имаме побезбеден интернет, но мора да внимава и да не се повредат човечките права и слободата на говор.
„Како да обезбедиме побезбеден интернет? Мислам дека одговорот на ова не може да го даде само една институција или една научна дисциплина, туку одговорот треба да го бараме интердисциплинарно и меѓуресорски, а секако во тоа да бидат активно вклучени невладиниот и приватниот сектор. Притоа мора да внимаваме и на уште една димензија, а тоа е да се зачува слободата на говорот и слободата на пристап до информации, односно да не ги повредиме општите начела од корпусот на човекови права.“
Целото воведно обраќање можете да го најдете на sobranie.mk.
Клучни зборови: Sobranie.mk јавна дебата Трајко Вељановски обраќање текст безбедност приватност побезбеден интернет злоупотреба лични податоци
|