Foreign Direct Investment (FDI) бизнис магазин продуциран од познатиот весник Financial Times, објави дека Македонија е трета земја на листа на барани дестинации за инвестирање, зад САД и Франција, но пред Шпанија, Италија... FDI вели дека се изненадени од позицијата на Македонија, која претходно не била ни во топ 10 на извештајот на Google, специјално изработен за магазинот преку Zeitgeist алатките на Google.
Но...
„Колку што јас гледам а мислам дека многу добро гледам, Македонија никаде не ја гледам. Вака чисто информативно на вториот линк имате и неколку опции од десната страна. Ги искомбинирав сите и не ја добив толку посакуваната Македонија ниту еднаш. Кој знае како барале овие од Google кога им изготвувале листа на FDI.“ пишува Јован Постолоски на својот блог кој ги искористил алатките на Google за мерење на кликовите и популарноста на термините на пребарувачот.
И јас ги проверив алатките на Google и ги добив истите резултати. Македонија ја нема никаде, освен на едно место „Rising Searches“, но таму се појавува терминот
„Invest in Macedonia" кој што не е во никаков контекст со земји и рангирањето, туку тоа е поради зголеменото пребарување споредбено со претходното за истиот термин - „Invest in Macedonia". Тоа значи повеќе луѓе го бараат терминот. Другите Zeitgeist алатки кои Google ги нуди, со кои е направен извештајот за FDI, не ја покажуваат Македонија.

Логично е што Македонија, поврзана со терминот „Invest in" е високо рангирана бидејќи Македонија во изминатите неколку месеци се рекламираше интензивно по странските медиуми со огромна публика, пример на CNN со спот, на сајтот
на the New York Times ...
„Ова се должи на рекламирањето на нашата земја на сите странски телевизии, на веб-сајтовите...“ рече Виктор Мизо од Агенцијата за странски директни инвестиции за Сител, кој посочи дека посетеноста на InvestInMacedonia.com се покачила 4 пати во последните 2 години.
Логично е дел од публиката на странските медиуми да побара „Invest in Macedonia" на Google, можеби некому му се допаднал спотот, друг е заинтересиран да инвестира, некој сака да види повеќе за Македонија... но навистина е чудно да се рангираат инвестициите во една земја според Google.
Рангирањето на Македонија во таа листа може да биде логично само според масовноста на пребарувањето. Google може да ги рангира земјите според бројот на пребарувања и според клучни зборови. Пример, бројот на луѓето кои напишале "Invest in Macedonia" е поголем од тие што напишале "Invest in Italy". Ова го изјавија и од Агенцијата за инвестиции во телефонскиот повик кој го имавме изутринава со нив, дека најверојатно се работи за рангирање на терминот „Invest in Macedonia", но рекоа дека сепак листaта е на FDI и дека не се запознаени детално со неа.
Меѓутоа според алатката на Google, Кеyword Research, „Invest in Macedonia" рангира многу подолу од трето место, зависно кои клучни зборови се додаваат. Но искрено, „Invest in Macedonia" е на изненадувачко високо место пред „Invest in Russia" и „Invest in Japan" и многу други такви.
Но тоа ништо не значи, бидејќи во Јапонија и Русија се повеќе инвестира отколку во Македонија, што докажува дека Google не е прецизна алатка за мерење на инвестициите во една земја.

Kога сме кај пребарувањето кога ќе напишете "Invest in Macedonia" покрај првите резултати со линк InvestInMacedonia.com, третиот е резултат со критика да не се инвестира во Македонија. Но да го оставиме тој резултат на страна. Под него има 2 видеа од YouTube. Нивната посетеност е само 939 гледања, односно 872. Тоа е многу мала бројка и за анонимни видеа на YouTube. Видеата се објавени на 8 април, односно 10.
Сега ако се навратиме пак на алатките на Google, ги добиваме следниве пребарувања на терминот „Invest in Macedonia". Се добива следната табела на пребарувања по месеци во 2009 година. (Графиконот при крај е паднат бидејќи јуни се уште не е завршен. Google ги вметнува тие бројки по завршување на месецот)

Во контекст со видеата на YouTube, дека терминот е пребаруван на Google, се добива впечаток дека 1. или само се клика на страната на InvestInMacedonia.com; 2. тој термин е малку пребаруван бидејќи бројките на YouTube видеата од официјалниот спот се многу мали.
На Bing, на пример, новиот пребарувач на Microsoft, „Invest in..." терминот Македонија ќе се појави на првата страна или прв резултат на втората страна. Постојано се менува резултатот од тоа пребарување, дури и во простор од само неколку часа. Пример, „Invest in Macedonia" првин се појави како 7 на листата, потоа на втората страна како 14. Yahoo! воопшто не
го индексира сајтот, барем не на првите 2 страни.
Во секој случај интересно е да се види листата на
Google. Пративме е-маил до FDI магазинот и неговите уредници, па се надеваме дека ќе ја видиме листата и критериумите, односно клучните зборови со кои е направена.
Во меѓувреме што мислите вие за ова? Дали пребарувањето на Google влијае врз инвестирањето во Македонија? Дали подобрата позиција на Google пребарување за "invest, investment..." и други клучни зборови ќе донесе и поголеми инвестиции?
Клучни зборови: Invest in Macedonia Google Гугл Пребарување Инвестирајте во Македонија Агенција за странски инвестиции FDI Извештај Zeitgеist Македонија Инвестиции Инвестирање
|