Што ако се што работите зависи од интернетот, а тој го снема? Токму тоа ми се случи. Сите контакти ми се на интернет, сите информации ми се на интернет, се што ми е поврзано со работата ми е онлајн... а интернет нема. Не поради неквалитетниот интернет провајдер, туку поради технички проблем кој, ете, не може да се реши бидејќи инжинерот го нема или е зафатен со друг проблем.
Што тогаш? Што би правеле кога ќе немате интернет, а ви е потребен за работа? Би гледале телевизија? Само шпански/турски серии и глупави емисии. Каде се информациите? Навикнат сум денес да ги добивам сите информации брзо, некои и во самиот момент на случување, преку Twitter, преку Facebook, преку RSS фидовите, преку time.mk... Навикнат сум да комуницирам со луѓето онлајн, преку месинџерите, преку друштвените мрежи... Како да свртам телефон кога знам дека тие информации кои ги барам ќе се или веќе се пратени на мејл? И што ако ги добијам кога ми е потребен интернет да ги обработам и објавам.
Пред 10 години, ма пред 5 години, воопшто не би се замарал за интернетот бидејќи луѓето тогаш не постираа информации онлајн, туку разговараа за нив. Сега не можеш да се вклучиш во муабетите без да знаеш кој што постирал на Facebook бидејќи тоа е темата на разговорот! Или што виделе на YouTube, или разговараат за screenshot-oт од тргнатата вест на сајтот на A1...
Отидов во кафулето „Цариград“ не поради досада, туку бидејќи имаат wi-fi интернет. А таму што се случува? Мојот пријател и вработен во кафулето форматирал лаптоп, па сега симнува програми од интернет.
Проверив мејл преку мобилен, проверив Facebook, проверив Twitter... но што џабе кога секој час се постираат нови и нови информации. Доколку имав функционален лаптоп ќе седев во кафулето и ќе работев од таму. Можеби би седел и во интернет клуб но, прво, не си ги знам лозинките за сите сервиси кои ги користам. Лозинките ми се чудни бројки и букви, па Firefox ги памети место мене, бидејќи ете и верувам на технологијата. И второ, потребен ми е софтверот кој го користам секој ден. Зарем ќе инсталирам се на компјутер во интернет кафе?
Така заглавен со мобилниот, единствена опција е да провериш информации и да се надеваш дека проблемот со интернетот е решен.
Интересно колку беше смирена девојката од сервисот кога се јавив. „Се работи на проблемот, ако не јавете се утре.“ вели таа опуштено. Нивното работно време ќе заврши наскоро, па доколку остане проблемот кој може да зависи од мрежата со провајдерот од друг град, други инжинери... тогаш утре.
Утре?!!!
Зарем до утре да пишувам текст за интернет за кој е потребен интернет за да се објави на интернет? Зависник од интернет? Можеби, но таква е модерната реалност.
(Како се објави текстот? Прво снимаш на УСБ, потоа одиш кај пријател, па праќаш на мејл до Дамјан кој е во Скопје, тој објавува, а јас чекам да проверам да не треба нешто да се измени)
Во Октомври 2007 година, магазинот Time и официјално прогласи дека друштвените сајтови на интернет се по популарни од сајтовите со порнографски содржини.