Во неделата, на 8 јуни, во организација на Netcetera - Скопје, во сајбер-клубот Ентернет се одржа овогодишното финале на натпреварот во програмирање CodeFu. На наша голема радост, првите три места ги освоија нашите студенти – колеги [редоследно]: Панче Чавковски, Никола Постолов и Иван Миланов.
Тие се покажаа како најуспешни Јава програмери во Македонија, победувајќи во конкуренција од 400 заинтересирани натпреварувачи од сите Македонски факултети за ИТ, а со тоа потврдувајќи ја и позицијата на нашиот Факултет на полето на ИТ образованието.
Од првичниот број натпреварувачи, првиот круг го поминаа 80, а во финалето се пласираа 32 учесници. Натпреварот се состоеше во решавање на 5 задачи во програмскиот јазик Јава, распоредени според комплексноста, a според тоа и бодувањето беше различно - од 100 до 500 поени по задача, во зависност од тежината. Натпреварувачите имаа на располагање 3 часа, а кодирањето и тестирањето на решениот проблем се одвиваше најчесто во Eclipse и NetBeans.
Тројцата најуспешни, Панче Чавковски, Никола Постолов и Иван Миланов, добија и патување во Швајцарија на годишната Јава конференција Jazoon, со обезбедени виза, превоз, сместување и влезница за конференцијата.
Им честитаме за победата и им посакуваме пријатен престоj во Швајцарија!
 Панче Чавковски (прво место), Никола Постолов (второ место), Александар Ников (Netcetera, организатор)
За повеќе информации можете да ја посетите веб страницата на натпреварот www.codefu.com.mk
Преземено од официјалната страна на ФЕИТ.
Клучни зборови: CodeFu Натпревар Jazoon Панче Чавковски Никола Постолов Иван Миланов Швајцарија Java Програмирање
|