Со помош на техниката наречена "war driving" и инсталирање на програми кои "преслушкуваат" и запишуваат податоци (sniffer-и), 11 луѓе успеале да украдат податоци за над 40 милиони кредитни и дебитни картички. Овој случај на сајбер криминал е еден од најголемите досега во светот.
Крадците своите дејствија ги насочувале кон големи национални продавници во САД како OfficeMax, Barnes & Nobles, Sports Authority и др. Тројца од единаесетмината се државјани на САД, еден на Естонија, тројца се од Украина, двајца од Кина и еден од Белорусија.
Сите единаесет лица се уапсени од страна на Федералното биро за истраги на САД, и пред судот ќе одговараат за делата компјутерска измама, крадење на идентитет, заговор и други помали обвиненија. Доколку главниот осомничен, Алберт Гонзалес, по потекло од Мајами, биде осуден според сите обвиненија, го чека доживотна казна. Гонзалес и во 2003 бил уапсен за сајбер криминални дела, но бил пуштен на условна казна за да доставува информации до Тајната служба и ФБИ за активностите на форумот ShadowCrew.
Оваа мрежа на криминалци, откако ги крадела информациите за кредитните и дебитните картички ги продавала на Максим Јастремски од Украина и Александр Суворов од Естонија кои подоцна информациите ги пласирале на црниот пазар во Европа и ги продавале на поситни крадци. Откупените податоци крадците ги внесуваат на бланко картички со магнетна лента и вадат пари преку банкомати или пазарат "на ситно" во локални продавници.
 Слика: Bulwarkz.com Техниката позната како "war driving" претставува пребарување на безжични мрежи со помош на лаптоп (или било кој друг уред кој може да се приклучи на безжична мрежа). Откако сајбер криминалците ќе ги набават потребните програми за оваа техника (некои од нив можат да се најдат и бесплатно на интернет, како на пример: Kismet, SWScanner, NetStumbler, KisMac), се впуштаат во акција со возење во моторно возило и барање на безжични мрежи.
Учесниците во war driving-от користат разни веб апликации (пр. WiGLE) и GPS уреди за да ги означат локациите каде ќе пронајдат несигурни безжични мрежи за да можат подоцна да се вратат и подетално да ги обработат. За зајакнување на приемниот сигнал при пребарување на мрежи, сајбер криминалците купуваат или сами создаваат антени кои подоцна ги местат на моторните возила во кои се наоѓаат.
Крадењето на податоци за кредитни картички и нивно продавање е само една гранка на сајбер криминалот која во последно време зема се поголем замав, дури и во Македонија.
Во минатото во нашата држава се забележани голем број на вакви дела, а во еден од поголемите случаи беше инволвиран и печајот на Куку Леле, Сашо Каиновски - Панки, кој беше обвинет заедно со неколку соработници за нелегално подигање на над милион евра од украдени картички на банкомати ширум Европа. Тој сега одлежува затворска казна во Италија.
Министерството за внатрешни работи со цел намалување на ваквите криминални дела има учествувано и во посебна полициска акција на Интерпол наречена "Банкомат" која започна да се спроведува уште во текот на 2007 година низ повеќе европски земји и која резултираше со приведување на поголем број на лица. Последниот пример на ваков криминал во Македонија е пред само 3 месеци, кога тројца македонски државjани се уапсени под сомнение дека за само неколку месеци со вадење на пари од украдени картички на банкомати и пазарење во продавници низ неколку града во Македонија, подигнале над 1 милион денари. Клучни зборови: Кредитни картички Сајбер криминал Кражба Крадци Сајбер криминалци Интернет Податоци Информации ФБИ Интерпол
|