Агенција на САД за истражување на вселената, NASA, вчера ја објави информацијата дека успешно ја тестираше првата комуникациска мрежа од далечната вселена, моделирана според интернетот. Инжинерите на NASA користеле мрежен софтвер кој е дизајниран да издржи разни пречки и падови на мрежата (Disruption-Tolerant Networking software или DTN), за да испратат слики од и кон вселенско летало на NASA, кое е лоцирано на околу 32 милиони километри од планетата Земја.
"Ова е првиот чекор во создавањето на потполно нова можност за вселенски комуникации, односно, еден вид на меѓупланетарен интернет," вели Адриан Хук (Adrian Hooke), водач на тимот и менаџер за вселенска мрежна архитектура, технологија и стандарди во командниот центар на NASA во Вашингтон.
NASA и Винт Церф (Vint Cerf), евангелистот на компанијата Google и ко-основачот на TCP/IP протоколот, се здружија пред 10 години, со цел да го развијат овој нов протокол. DTN испраќа информации користејќи метод кој е различен од TCP/IP (Transmission-Control Protocol/Internet Protocol) протоколот на кој е базиран сегашниот интернет.

Интерпланетарниот интернет мора да биде доволно моќен да ги издржи разните пречки, успорувањата и прекините на интернетот во вселената. Мали технички проблеми може да се појават кога вселенското летало се движи зад некоја планета или за време на соларни бури и долги комуникациски прекини.
За разлика од TCP/IP на Земјата, DTN не подразбира континуирана конекција од едниот до другиот крај. Дизајниран е така што, доколку не може да се најде дестинациското одредиште, пакетите со податоци нема да бидат исфрлени. Напротив, секој мрежен уред ќе го држи пакетот со информации колку што е потребно, се додека не биде овозможена комуникацијата со друг уред. Практично нема да се губат информации доколку не може да се воспостави врска со дестинацискиот уред.
Во Октомври, NASA започна серија од демонстрации на DTN. Беа испраќани податоци со помош на далечната вселенска мрежа на NASA на демонстрации кои се одржуваа двапати неделно. Инжинерите го користеа вселенското летало на NASA - Epoxi. Epoxi е на мисија да ја пресретне кометата Hartley 2 за две години. Постојат десет мрежни уреди на оваа прва интерпланетарна мрежа. Една од нив е и самиот вселенскиот брод Epoxi, а другите девет кои што се наоѓаат на Земјата, симулираат спуштени летала на Марс, сателити и оперативни центри на мисијата на Земјата.
Ова е првата од планираната серија на демонстрации за да се оспособи технологијата за користење во идните вселенски мисии. Една поширока демонстрација на ранг на NASA во врска со користењето на DTN софтверот во Меѓународната вселенска станица е закажана за следното лето. NASA смета дека во следните неколку години, меѓупланетарниот интернет може да овозможи многу нови видови на вселенски мисии.
Клучни зборови: NASA НАСА Вселена Интерпланетарен интернет Вселенски интернет Винт Церф Vint Cerf Протокол Интернет
|