Yahoo! е подготвен да се врати на преговарачка маса со Microsoft околу нова понуда за купопродажба, изјави извршниот директор на Yahoo, Џери Јанг (Jerry Yang). "Моментално, мислам дека најдобро за Microsoft ќе биде да го купи Yahoo!" изјави Јанг на Веб 2.0 самитот во Сан Франциско. Јанг го образложи овој потег откако интернет пребарувачот Google го откажа партнерството со Yahoo!, со цел да ја избегне континуираната правна битка со анти-монополските регулатори.
Тој нагласи дека остатокот од бордот на Yahoo "останува отворен за дијалог за секоја опција" во врска со евентуален договор за откупување со Microsoft.
Yahoo! во Февруари ја одби понудата вредна 47.5 милијарди долари за купување на Yahoo од страна на Microsoft пред шест месеци, потег кој силно ги потресе инвеститорите на Yahoo!. Microsoft понуди 33 долари по акција, но Јанг бараше 37 долари, цена која акциите на Yahoo! ја немаа постигнато дури од 2006 година. За да го смири својот борд на директори, Yahoo! се обиде да ја зацврсне соработката со Google и да го зголеми профитот кој беше во опаѓање како и да ја зајакне цената на акциите.
"Дали ние сакавме да се договориме со Microsoft? Да," вели Јанг. "Доколку бевме во можност да го сториме тоа, ќе бевме многу среќни, но изгледа не требало да биде."

Иако аналитичарите предвидуваа дека Microsoft ќе достави нова понуда за купување на Yahoo! во следните неколку месеци, во обид подобро да му конкурира на Google, одговорот стигна експресно од извршниот директор на Microsoft - Стив Балмер (Steve Ballmer). После само два дена од изјавата на Џери Јанг, Балмер за Wall Street Journal изјави:
"Ние дадовме понуда, дадовме уште една понуда, и јасно беше дека Yahoo! не сака да ни ја продаде компанијата и ние си заминавме. Ние не сме заинтересирани да се враќаме назад и повторно да ја разгледуваме понудата. Искрено, не знам зошто тоа би го направиле и тие истото".
"Сигурен сум дека сеуште постојат можности за некаков вид на соработка, но мислам дека купопродажбата е веќе минато. На секого му треба добар конкурент, и ние само сакаме и другите учесници во овој бизнис да имаат добар конкурент на кого ќе мислат секој ден," изјави тој.
Тој исто така неодамна за австралиската јавност изјави дека Microsoft гледа нови можности како одново да го развие процесот на онлајн пребарување:
"Ако некој мисли дека иднината на интернет пребарувањето ќе остане иста како сега, тоа е лудо. Корисничкиот интерфејс за пребарување не е променет веќе шест години. Па сеуште ги добивате истите досадни 10 сини линкови. Не можеме ли ништо подобро од тоа?"
И покрај ниската вредност на акциите, Yahoo! засега останува број 2 интернет пребарувач и сеуште има огромен број на корисници, па според аналитичарите, претставува каков таков избор за Microsoft.
Клучни зборови: Microsoft Yahoo! Микрософт Јаху Џери Јанг Jerry Yang Стив Балмер Steve Ballmer Понуда Купопродажба Акции Инвеститори Директори
|