Почетна arrow Зоран Ивановски arrow Хардвер arrow Професионален сервис на Nokia - блазе си на нас!!
 
 
Хардверманија
Дигитални фотоапарати, ИТ новости, Софтвер, Хардвер
RSS Канал  
Е-пошта  
Биографија  
 
 
Зоран Ивановски
 
Професионален сервис на Nokia - блазе си на нас!! Испечати Е-пошта
Автор: Зоран Ивановски   
Објавено на: 30.04.2008
 

Возењето со автобуси знае да има и свои предности. Можеш да сретнеш познати кои инаку ретко би ги сретнал во друга прилика, да фаќаш сеири кога ќе се здават некои невротични, со лабави живци, да чуеш разни досетки, интересни муабети.....Можеш и само да седиш, како ќутук...твое право. Зависно од моменталното расположение. Во тој меѓупериод бев без кола, и честопати го користев ова единствено, незаменливо, ружно, валкано....наречете го како сакате, сепак е превозно средство.

И поевтино од такси, особено ако не брзаш. И во автобус може да се случи да мирисаш нечија пот или нуспојави на метаболизмот, но барем можеш да се тргнеш на друго место.

А што ако “испушти гулапче” возачот на таксито, како што еднаш ми се случи мене? Кај ќе бегаш од тој “егзотичен” мирис? Џабе отварав прозор, џабе луѓето зачудено ме гледаа...”види го моронон, отвара џам во Јануари…”. Се симнав барем три километри порано. Жива вистина, сакајте верувајте, сакајте не....

Сега вероватно се прашувате – што има врска настанот во автобусот со сервисот на NOKIA. Ништо, во суштина. Освен смрдеата. Но, за тоа подоцна. Неколку случки како да ми без предзнаци на она што ми се случи есенва. Иако не сум суеверен, сега си викам дали ќе беше подобро да ги земев в предвид? Ајде да видиме заедно.

ПРВ ПРЕДЗНАК
Елем, возејќи се во 50-ка, слушам муабет помеѓу двајца познаници. Бачкото се фали со нов мобилен. Не ми текнува на моделот – мислам дека беше некоја NOKIA. “Ја купив во ГЕРМАНОС”, вика. Девојката реагира: “Па кај најде во ГЕРМАНОС да купуваш?” Демек, носеле такви и такви телефони, неквалитетни, нејзе и се расипал после три недели, па ништо не направиле во сервисот, па бла бла.... Ај си викам, тури и пепел, нејзино видување. Можеби е точно, но сепак, еден пример не може да биде мерило. Месец – Март или Април, 2006.

ВТОР ПРЕДЗНАК
Месец Јуни, 2006. Седиме така лепо друштво и ладиме...(не е битно)...во BLUE CAFÉ во центар. Еден од нас понесе лаптоп и се кезечевме како блесави на некои видео клипови што ги симнал од нет.
Зад мене двајца ортаци. Еднот огорчен, како да ја фатил жена му со двајца швалери во сендвич, фрчи, пцуе, колне, спомнува се дома, од глушец до мртвачки сандак. Кого и кому? Погаѓате – ГЕРМАНОС. Другиот го теши. А овој првиов крешти: “Блазе си им на овие до нас, имаат на што да се смеат, а мене ми се урла од мука.” Објаснува дека дал куп пари за некојси нов модел на мобилен, а овој му рикнал после (не се сеќавам сега колку) кусо време. Другар му спомнува овластен сервис. “Ма каков сервис, ништо не направиле, демек не можело да се поправи.” Со оглед дека сколовранците во мое друштво правеа солидна врева, а еден кретен тука во близина палеше еден прастар и одамна од Бога простен ТОМОС автоматик без придушувач, не чув за каков и кој сервис се работи. Се сетив на претходно опишаниот случај, ама пак не дадов особено значење на....тоа.

ТРЕТ, НАЈСИЛЕН ПРЕДЗНАК
Месец Септември, 27-ми. 2006 год, btw. Роденден на ќерка ми. Ме удави за нов и добар мобилен, такви имале повеќето во нејзино друштво, демек, со МП3 плеер, блутут, “џипиерес” (не од што знаеше што е тоа и зошто служи). Ај си велам, не е виновна она, ниту јас како родител, има и други родители виновни што размазуваат деца....ај, ќе и ја купам новата NOKIA 6131. Камера, мултимедија, со сите нишани. Жена ми нека бамбури колку сака, отпосле џабе и е. :-)

Тргнав накај - клетиот ГЕРМАНОС! Како не се сопнав, како некој не се обиде да ми го дрпне ташничето или слично, па да се вдадам по него низ Трговски за да го истресам од гаќи, само да не влезам таму.....
Дојдов до врата на ГЕРМАНОС и – ќе ме прегазеше еден “вепар” во човечки облик од отприлика 160 кг, кој љут и со спомнување мајки и шајки излезе од кај нив. ЗОРАНЕ, ИДИОТЕ, НЕ ВЛАГАЈ!

Ама – влегов. А внатре – од љубезни пољубезни. Како ништо да не се случило. Не еден, од мерак два телефони да купиш, за секој случај. Ја пазарив NOKIA-та и прашав за сервис. “Oвластен сервис ни е Alpha Copy, карши Капиштец, кај Радио Бран....”. Знаев каде е – мое (пра)старо маало, тука се родив...во близината.

Трк дома. А бре - мерак било да гледаш онаква радост. Нормално, тогаш си најдобар родител во свет.....
Жена ми некако ја проголта сумата....откако и застана в грло - 16.500,оо денари. Ај си викам, барем ќе и трае неколку години и ќе ме остави на раат.

И траеше. Барем до 20.09.2007. Почна да гаси и да завитлава при вклучување. А и ако се вклучи, ќе може да истера муабет, но знае да се изгаси и да не се вклучи. Ќерка ми е воспитана дека не смее и нема потреба да лаже, па така и верував (а верувам и ден денес) дека вода или било каква течност не паднала врз телефонот. Ниту пак е трескан од земја.

Нокиа професионален центар


Ај си велам, да видиме во сервис, и онака не е истечена гаранцијата. Датум – 21.09.2007, Петок.
Ме враќаат од врата – затвараат. Крај работно време. И еден дечко (белки нивни сервисер) ме праша што е проблемот со телефонот. Му објаснив, па рече сепак да го донесам во Понеделник, да не се нагаѓало.

Во Понеделникот (24.09.2007) девојчето љубезно го прима телефонот на сервис, ми издава формулар на кој е внесен опис на кварот и ми вели ќе ви јавиме за два – три дена. Ај, во ред. До Петокот (28.09.2007) никаков абер. Се јавувам, ми велат – од Понеделник (01.10.2007). И демек да не се секирам за гаранцијата, бидејќи телефонот е примен во гарантен рок. ОК, ќе го проголтам и тоа, белки знаат што прават, па нели се овластен сервис?

Во Понеделник не се јавија, ниту ги барав до Среда (03.10.2007), кога ми река дека телефонот во моментот е на сервисирање. Ишала. Петок, 05.10.2007 се јавува девојчето и ми вели да дојдам да го земам телефонот. “Готов е, поправен?” “Не, не може да се поправи”. Со оглед дека во моментот сите вентили ми испопукаа, прегореа речиси сите осигурувачи (освен оној последниот – знакот на здрав разум), ја оставив дома бејзбол палката која секогаш ја носам во кола (за блиски средби, ако дојде до слични – нужна самоодбрана, де), за да не ја употребам и да не направам некој ас со некој нивни телефон, префрлувајќи преку зграда со него, џоамити Бејб Рут. А и да не настрада нечија тиква....
Дојдов, веќе смирен, во т.н. ПРОФЕСИОНАЛЕН СЕРЕ-У-ВИС...се извинувам, СЕРВИС на NOKIA со неинвентивен назив Alpha Copy и од неукото девојченце барам објаснение. Ми вели, сликан е телефонот кога бил отворен, па има доказ дека имало траги од течност, бил отваран и претходно и ставано некакви лепенки на флетот.

Нокиа професионален центар


Го побарав квази-сервисерот да дојде па тој да ми го објасни тоа, на што добив одговор дека е заузет и може да дојде.

Си велам, ако направам ексцес, ништо не постигнувам, само ќе дојдат сините анѓели по мене. А уште и ќе плаќам некакви отштети. Го побарав газдата, кој во моментот бил на службен пат (па нормално, каде би бил, и ја глупо питање и ондак то!) и ќе се врател идната недела. Се консултирав со една личност на која целосно и верувам, и која е упатена во овие хохштаплерски кругови, и решив да не го оставам телефонот, бидејќи – слаба вајда. И да се тужам е џабе. Повеќе пари ќе изарчам отколку што би бил вреден спорот. А искрено, и со секакви...хммм....не ми се оди на суд. Го послушав советот да побарам написмено зошто не може да се сервисира, како и фотките кои вели дека ги направиле. Добив се што побарав, а тоа можете да го видите.

ШТО СМРДИ ТУКА?
Откако ги видов сликите, прашав зошто сметаат дека трагата од наводната корозија не се поправа, кога без проблем тоа може да се отклони. Ми рекоа дека такви зафати не правеле, бидејќи нема да можеле да ми дадат гаранција за телефонот. А бре луѓе, не ми треба гаранција, ако треба и ќе си платам најрегуларно, дајте поправете го ова. Ама, ние не поправаме такво нешто. Џабе убедував дека ме заболе уво за гаранцијата, побитно ми е да не отидат парите во ветар, дека и писмено ќе го изјавам тоа, дека и ќе платам ако треба...не бре, кога магаре ќе застане на мост...тоа ти е.
Па добро, прашувам, каков сте тоа вие професионален сервис кога не можете ваков квар да отклоните? па демек, имало од порано ставано лепенки на флетот. Ајде де, ставете сосема нов флет, и тој ќе го платам. Јок, брате, не бива.Нокиа професионален центар

Какви сомнежи од ова можат да се јават? Прво, телефонот не е отворен во мое присуство, не е направен записник во мое присуство за состојбата на телефонот кога е земен на сервис и истата не ми е предочена и дадена на потпис. Второ, телефонот чмаел кај нив речиси 10 дена. Зарем им требало толку за да увидат за каков квар се работи? Трето, поради сето ова, од каде јас имам доказ дека е сликан баш телефонот на ќерка ми? И дека тие делови не се од него туку од друг таков, расипан модел? Четврто, да не го зезнале они уште повеќе?

Сето ова наведува на сомнежи. Но за жал, остануваат само тоа – сомнежи. Не може ништо да се докаже. Затоа и не тврдам – ПРЕТПОСТАВУВАМ. Но, и тоа е доволно за да се види дека она ПРОФЕСИОНАЛЕН СЕРВИС можат да го закачат на мачката на опашот. НИ ОДДАЛЕКУ НЕ СЕ ПРОФЕСИОНАЛЕН, поради пропустите кои ги наведов и неможноста (или несакањето) да го поправат кварот. Или пак, толку разбираат, толку знаат?

Зар ова да неможе да се направи??

Јас категорично тврдам – телефонот ниту бил отваран ниту поправан од било кого. Од каде им е тој заклучок – не сум паметен!

ЕПИЛОГ
На предлог на еден мој колега од работа, телефонот конечно го однесов кај еден приватен мајстор во населба Драчево. Дечкото е цар за мобилни. Го поправи, си наплати 25 евра, ама ала да му се. И 50 да побараше, немаше да ги жалам.

А за ГЕРМАНОС?
Според онаа старата народна – “Покрај сувото гори и суровото”, и ГЕРМАНОС е на лош глас поради вакви АМАТЕРЧУГИ кои некој ги излажал дека знаат да поправаат мобилни, а тие му поверувале и се нарекле себе си ПРОФЕСИОНАЛЕН сервис. Вината можеби е и на самиот ГЕРМАНОС – дали провериле кои и какви ги земаат да им бидат овластени сервиси и сервисери?

Затоа, во поглед на ГЕРМАНОС сепак сум воздржан. И вината ја лоцирам на друго место. Покажав каде. Дали сум во право, проценете и сами. И пишете ако имате вакви искуства.


Клучни зборови:  Зоран Ивановски   Германос   Germanos   Nokia   Нокиа   Сервис   Alpha Copy   Мобилни   Сервисирање


   

Коментари  RSS feed comment
 
 

Иста приказна....

Од: COMANDER на 04 мај 2008 во 18:37ч

Иста приказна и ја имам со мобилен телефон Нокиа исто така земен од Германос. Екранот е пукнат, според брат ми физички ништо не му правел (не е будала ваљда да си го скрши телефонот од 9000 денари), а тие таму тврдат дека е физичка оштета и дека гаранцијата не важи. После овој напис дефинитивно ќе размислам дали повторно ќе земам нешто од германос.

 

» Пријави коментар

Веќе чуена приказна за Герм

Од: AMD_fan на 08 мај 2008 во 08:07ч

Истиот случај беше со Нокиа-та 6300 на другар ми купена од Германос. Телефонот сам се рестартираше и се гаснеше. По неколку дена почна да не исклучува при полнење на батеријата. 24 часа да го оставиш на полнач 24 часа ќе полни. Откако го однесе другар ми на сервис, а гаранцијата беше сеуште важечка, одговорот беше дека телефонот е паднат или удиран од земја, дека батеријата е полнета со несоодветен полнач и дека гаранцијата не важи за телефонот. На крај, му го направија и му наплатија за услугата иако телефонот беше под гаранција. Страшна работа. :-(

 

» Пријави коментар

Професионалци

Од: gligorisaev на 07 јул 2008 во 15:49ч

Почитуван г-дине Ивановски, 
Ако веќе критикувате професионалност најмалку што можете да сторите е да Вие бидете професионален и ја напишете сета вистина а не само она што Вам ви одговара, во спротивно тоа е злоупотреба на просторот за кој пишувате а и на вниманието на тие кои Ве читаат. Во вашето пишување никаде не сретнав дека производителот на три (3) места Ве предупредил да го чувате апаратот сув и дека тој уред нее предвидено да се користи во влажни услови.

 

» Пријави коментар

Професионалци 2

Од: gligorisaev на 07 јул 2008 во 15:54ч

Исто така не наведувате дека и во гарантниот лист Ви е наведено дека гаранцијата нема да ги покрие интервенциите на апаратот предизвикани од такви оштетувања. Е сега Вашиот апарат сте го навлажниле (или можеби ние на некој мистериозен начин сме го сториле тоа)и очекувате ние да извршиме поправка на истиот. Токму нашата професионалност не спречува тоа да го направиме, електроника..., влага..., би требало да знаете дека тоа не оди едно со друго, никој жив на оваа планета неможе да прдвиди што како последица ќе се појави на Вашиот телефон (најискрено посакувам да немате никакви проблеми)

 

» Пријави коментар

Професионалци 3

Од: gligorisaev на 07 јул 2008 во 16:01ч

Значи како професионален сервис на Нокиа (за Ваша информација, во последните 5 години прогласуван за најдобар во целата групација) ни на крај памет не ни е да извршиме интервенција за која не сме во можност да гарантираме трајност, постојаност итн. Јас не можам да дозволам да Ви земам пари за поправка а на Вас по некое време уредот да престане да Ви функционира (недај боже). Како би се чувствувале Вие тогаш? Среќа постојат дечки од Драчево кои работат „Професионално и плаќаат даноци на оваа држава, трошат милиони за резервни делови за да ги исполнат стандардите кои сериозно име како НОКИА

 

» Пријави коментар

Професионалци 4

Од: gligorisaev на 07 јул 2008 во 16:08ч

ги наметнува на сите свои експозитури. Инаку колку за информација сервисот на НОКИА во Скопје е во состојба да изврши поправка на било кој дефект што евентуално би се појавил, но исто така има свои стандарди и правила кои мора да се почитуваат без исклучок, што во некои случаи (како и Вашиот) едноставно наметнува одбивање да ние Ви земеме пари, како што пишувате 25 еур. (инаку кај нас таквата интервенција чини 890,00 денари со се ДДВ), без да сме во состојба да Ви гарантираме. Пробајте одете во друг овластен НОКИА сервис, Финска на пр. видете дали нешто друго ќе Ви кажат. Со почит

 

» Пријави коментар

Хм...

Од: Дамјан Арсовски на 24 јул 2008 во 20:20ч

"едноставно наметнува одбивање да ние Ви земеме пари, како што пишувате 25 еур. (инаку кај нас таквата интервенција чини 890,00 денари со се ДДВ)" 
 
Доколку нема исклучоци и никогаш немало, од каде тоа дека цената кај вас е 890 денари со се ДДВ? Зошто воопшто имате ценовник за таква услуга која ја немате? 
 
Иаку ми е познато тоа дека професионалните сервиси не поправаат нешто доколку неможе да го поправат целосно и да го гарантираат, морам да прашам: која е целта на тој начин на работа? Телефонот работел. Добил квар. Престанал да работи. Ако го поправите колку толку ке работи, а ако не го поправите - воопшто нема да работи. Не знам за вас, но мене телефоните ми се покорисни кога работат. А колку ке трае, паа... ништо не трае вечно дефинитивно.

 

» Пријави коментар

Убаво кажано, но.....

Од: Зоран Ивановски на 30 јул 2008 во 06:13ч

Годишните одмори се во ек, па ова го гледам дури сега. Читам навистина интересни работи. 
 
Почитуван господине Исаев. 
Заобиколивте неколку моменти. 
Првиот ви го спомна г-динот Дамјан Арсовски. Одредувате цена за ваква поправка, а самите наведувате, цитирам  
"ни на крај памет не ни е да извршиме интервенција за која не сме во можност да гарантираме трајност, постојаност итн. Јас не можам да дозволам да Ви земам пари за поправка а на Вас по некое време уредот да престане да Ви функционира (недај боже). 
Јас гласно и јасно се изјаснив да ми се наплати поправката, дека не ми треба гаранција на истата. Зошто не сум услужен, кога веќе имате цена за таква услуга? 
Дали самиот факт дека имате цена за истата услуга значи дека некогаш некому сте ја извршиле истата? Тука сами завлегувате во контрадикторнос т. 
Колку ми наплатил дечкото од Драчево не е Ваша работа. Поправил, побарал и си добил. Алал да му е за мајсторијата - телефонот работи како сат! Испаѓа дека постојат подобри мајстори од оние кои ги имате во вашиот сервис.  
Друг момент. Јас не реков дека вие сте го навлажниле телефонот. Доколку тоа било во прашање, не гледам причина зошто би го спорел тоа. Со сигурност знам дека телефонот не бил навлажнет. 
Ве прашувам - зошто телефонот не го отварате пред муштеријата, за и самиот да има увид во состојбата на истиот пред да го внесете во сервисот? Тоа не е сторено пред мене, а згора на тоа чекав 12 календарски денови (за тоа време истече гаранцијата) да ме исвестите дека

 

» Пријави коментар

Убаво кажано, но.....(2)

Од: Зоран Ивановски на 30 јул 2008 во 06:19ч

телефонот е непоправлив. Тоа го нарекувате ПРОФЕСИОНАЛНОСТ ? 
Во ред, Ваше право, но јас тој поим поинаку го толкувам. И верувам, не само јас. 
Како и да е. Имав намера (и сеуште имам) да го набавам моделот NOKIA E51. За жал, секаде каде прашав добивав одговор дека овластен сервис е Вашата фирма. Како после ова искуство да имам доверба? Тоа е главната причина поради која сеуште не се одлучив да го купам E51. 
Со почит.

 

» Пријави коментар

Убаво кажано, но.....(3)

Од: Зоран Ивановски на 30 јул 2008 во 06:46ч

Да се доизјаснам. 
Одлично ми е познато што наведува производителот како услов да се оствари гаранцијата. Вие тврдите дека јас сум го навлажнил телефонот, а јас тврдам дека не сум.  
Еве неколку факти: 
прво, телефонот не е отворен пред мене и не ми е предочена неговата состојба. 
Второ, чекав 12 КАЛЕНДАРСКИ ДЕНОВИ (во меѓувреме истекува гаранцијата) да бидам известен дека телефонот е непоправлив. Зошто толку долго време?  
Трето, дадени ми се на лист хартија отпечатени фотографии на ДЕЛОВИ од мобилен телефон, фотографии од кои не можам со сигурност да утврдам дека се од мојот телефон, ниту од моделот NOKIA 6131. 
Четврто, одбиена ми е услуга за која, како што и самите рековте во вашата реплика, ИМАТЕ УТВРДЕНА ЦЕНА ОД 890,оо денари. 
Нормално е сето ова да предизвика конфузија, збунестост и сомнеж кај мене - дали не би предизвикало и кај Вас да бевте на мое место? 
Реков, и ќе повторам, не тврдам ништо, не обвинувам за ништо, не инсинуирам ништо. Но, мое право е да се сомневам. 
Петто, минав преку сето тоа и се откажав и од гаранцијата и понудив да платам за услугата која Вашиот сервис одби да ми ја пружи, а за која, пак ќе повторам, имате утврдена цена. 
ЗОШТО УСЛУГАТА НЕ МИ ПРУЖЕНА? Изговорот во вашата реплика не е доволен. Особено кога некој гласно и јасно ѓе се откаже од гаранцијата, а со самиот тој гест Вас и Вашиот сервис ве ослободува од секаква одговорност во поглед на натамошната исправност на тој телефон, како и траењето на истиот по извршената интервенција. 
Со почит.

 

» Пријави коментар

Да резимирам!

Од: Taurus на 07 авг 2008 во 06:28ч

Официјалниот сервисер кажува дека телефонот не се поправа, па сега господинот Gligor Isaev кажува дека можел да се поправи ама за кратко време ќе бидело. 
Од друга страна дечкото (неовластен) го поправа телефонот и тој уште функционира (значи се поправал). 
Па мислам дека е јасно кој испадна овде професионален, а кој аматер!

 

» Пријави коментар

Прикажани се 11 од 11 коментари



Напиши коментар
Само регистрираните корисници можат да коментираат.
Сподели:
Кајмакот
Digg
Technorati
Stumble
Reddit
YahooMyWeb
Delicious
Ma.gnolia
Facebook
Spurl
Гласајте за најдоброто во 2008
RSS канали на it.com.mk

Facebook

Facebook.com е друштвен веб сајт создаден во 2004 година од страна на Марк Зукерберг. Првично бил проект за студентите на Харвард но подоцна бил отворен и до другите универзитети и средни училишта во САД. Во 2006 година, Facebook овозможи пристап на целиот свет и создаде друштвена мрежа која има повеќе од 100 милиони корисници.
Нема настани во наредните денови.
Корисничко име

Лозинка



ИТ ТВ

ИТ ТВ
Низ it.com.mk Блог Сервиси Маркетинг
Вести од Македонија
Вести од Свет
Статии
Форум
Рецензии
Совети & трикови
Преземања
Настани
Барометар
Едуцентар
Сите блогови
е-Бизнис 2.0
Од различен аспект
Uid=0
Хардверманија
Компјутерска сигурност
Apple
Линукс блог
Веб-Соц Свет
Членство
Е-билтен
RSS канали
PDA верзија

Профили
Facebook
Twitter
Flickr
YouTube
FriendFeed
LinkedIn
IWM NETWORK - iwmnetwork.com
ИТ Консалтинг, Интерактивен маркетинг, Истражувања и анализи, Веб дизајн...

IT.com.mk на Twitter