Појавата на ОНТЕЛ како втор фиксен оператор ги разбранува духовите кај народот. Чести беа самозадоволните коментари од типот “Ете, и на Телеком му дојде крајот”, “Пукна монополот” и сл. Секој со своето размислување – немам намера да ги коментирам коментарите. Тоа што мене ме стави во мисла и ми даде идеја за написов се емисијата Јади Бурек, во чии рамки гостуваа Предраг Чемерикиќ и Сашко Мацановски – Трендо и се поактуелниот ОНТЕЛ.
Дискусијата, верувам дека се сеќавате, се одвиваше во врска со ОНТЕЛ, цените пакетите и т.н. За цените и пакетите во некоја друга прилика.
Тоа што е индикативно во целата приказна е самото склучување на договорот.
Зошто баш тоа?
За да се склучи претплатнички договор, потребно е да постои одредена инфраструктура која ќе овозможи договорот да се реализира. Заинтересиран за што се работи, отидов во една “експозитура” на ОнНет за да се “информирам”.
Џоамити живо заинтересиран за пакетите, почнав да ги давам за детали. После тоа следеше прашање за самата инфраструктура – дали ќе садат бандери и тегнат кабли преку нив или постои поинакво решение. Одговорот беше тој што го очекував – ќе се искористи постоечката инфраструктура на Македонски Телекомуникации.
“Паметно”, велам, “а ги ви ги рентаат линиите или како?” – се правам мутав и понатаму. “Не, ги имаме откупено”, следеше одговорот. Како не ми текна да го снимам разговоров на мобилниот, за секој случај....но не е битно.
И пазете безобразлук! Ако сакате да склучите договор со ОНТЕЛ за пакет интернет + фиксна телефонија, по автоматизам ви се раскинува договорот со ТЕЛЕКОЊ-от, од неодамна ребрендиран во T-Home или whatever. Ако сакате да задржите и линија на T-Home, тоа е можно само доколку поседувате две T-Home линии. Односно, едната се заменува со ОНТЕЛ а другата ви останува, и можете да се пофалите дека имате “врски” кај сите актуелни фиксни оператори. Бог да чува!
Па добро, со кое право линијата која јас сум ја платил уште 1998 година може да биде продадена/рентана на други субјекти? И уште да се поставуваат услови ако сакам да менувам фиксен оператор да се откажам од досегашниот. Кој фактор е ОнНет да располага со линијата која сум ја платил и да ми наложува што да правам ако сакам да склучам договор со нив. Дали со самиот чин склучување на договор со ОНТЕЛ линија преминува во нивна сопственост (или им се дава на користење)? Што ќе се случи ако го раскинам договорот во меѓувреме? Никакви објаснувања нема во врска со тоа. Нели е тоа лов во мутно и суптилен начин сопственикот на линијата да се доведе во заблуда, при што му се фрла вода в очи во вид на поефтини тарифи, бесплатни минути, бла бла....Кој е тука луд, а кој збунет?
Сеедно е дали нашиот “обожуван” ТЕЛЕКОЊ ги рента или ги продава линиите. И двете опции се на штета на сите нас претплатниците, кои на времето одвојувавме кој 1.000 (во најголемиот број случаеви), кој 500 (по поевтинувањето, 1998 година), кој 250 (тие што чекаа до последен момент и дочекаа) германски марки.
Со парите од претплатниците е изградувана инфраструктурата. Тоа повлекува ред други прашања, а едно од нив секако е прашањето на статусот на секој претплатник. Склучувањето на договорот пратплатниците ги прави и сопственици на Телекомот, барем во онолкав процент колку што сумата за склучување договор е процент од вкупната вредност на претпријатието. Актуелизирањето на тоа прашање верувам дека е лов на вештерки, со оглед дека сите овие години никој не го потегна истото па може да се говори и за застареност.
Но, криминалните дела не застаруваат, а во нашиот ДЕРИКОМ ги има поприлично. Впрочем, дел од валканиот долен веш на претпријатието своевремено беше објавуван и во средствата за јавно информирање.
Верувам дека и последниов потег – продажбата на линиите (или како е веќе формулирано тоа) – може да се подведе под категорија кривично дело (секако, ако ова е точно, а безрезервно верувам дека е). Кој ќе застане во заштита на нас сопствениците на истите? Во договорот кој го склучив никаде не пишува дека Македонски Телекомуникации го задржуваат правото линиите да ги продаваат / рентаат.
Тоа е прашање на кое тешко ќе добиеме одговор. Барем се додека судството не стане независно, а кога тоа конечно ќе се случи....кажете, ако знаете.
А дотогаш, претплатниците и понатаму ќе бидат влечени за нос и доведувани во разноразни заблуди со договори за нови линии и можности, пакети, поевтини разговори затолку и толку проценти, цифри кои не се баш такви какви што се прикажуваат.
Чардаш бандата на Атила Сендреи – “Хунски” ни го “расплаче мамичето” преку пренадуваните телефонски сметки, си ги наполни џебовите и го снема. Нивните финансиски малверзации беа откриени и објавени во средствата за јавно информирање (на пример, тука - http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=17114) .
Германецот Бекерс допрва ќе видиме како ќе се покаже. Но судејќи според актуелните случувања (рентањето или продажбата на линиите), не верувам дека ни следи розова иднина, барем не во догледно време.
Клучни зборови: Оннет Трендо Чемерикиќ ОНТЕЛ Македонски Телеком Т-Хоум Монопол Телефонски линии Телефонија Интернет
|
|
|