Сите македонски песни Сите македонски песни ИТ.МК
Објавено на од

Pesna.org е најголемата интернет колекција на македонски народни песни. Колекцијата има околу 650 песни, а љубителите на народната музика можат да го прочитаат текстот, да ја слушнат песната, и тоа од неколку изведувачи, и имаат можност да си симнат песната, но со послаб квалитет поради авторските права, вели Зоран Сталевски алијас GoodBytes, креаторoт на Pesna.org.

„За да не се повредуваат авторските права на некои музичари чии изведби се поставени на сајтот, сите песни се енкодирани со 32kbps квалитет. Тоа е доволно за да се чуе песната или „да се има“, но ниеден аудиофил или љубител на народната музика нема да се задоволи со таков низок квалитет – па претпоставката е дека ќе си ја купи во иднина.“ пишува Зоран на својот блог.

Колекцијава претходно беше блог, но со претварање во сајт се добија неколку нови можности за прегледување на песните, пишува GoodBytes.

  • Сортирање според име, згодно за барање текст од песна на која ѝ го знаеш името.
  • Сортирање според датум на додавање во колекцијата, што е практично за некој кој почесто (ќе) доаѓа на сајтот и сака да види дали има нешто ново од последната посета.
  • Сортирање според популарност, односно според бројот на посети (hits) на една песна. Интересно за да се види кои песни се најбарани.
  • Сортирање според рејтинг (star rating), односно според системот за гласање со ѕвездички. Секој посетител може да гласа за било која песна, доделувајќи ѝ од една до пет ѕвездички.
  • Сортирање според број на аудио семплови. Значи новитет е тоа што сега за една песна може да има повеќе аудио записи. – Аудио плеерот е променет, исто така.
  • Филтрирање песни со или без аудио семплови.
  • Филтрирање песни со или без превод на англиски.
  • Филтрирање песни со или без превод на француски јазик.
  • ….

Интересно е што веќе подолго време се планира дигитализација на македонското културно наследство, но и покрај „работата“ на сајтот на Музејот на Македонија најголемото мени е за маркетинг, а воопшто и нема соодветна галерија. Од друга страна, пак, потребен е прав љубител на музиката и „voilà“ имате прекрасен мултимедијален сајт кој ја промовира македонската култура.

Ганди рекол: „Ти биди промената која сакаш да ја видиш во светот“, мисла која и мене ме водеше кога решив да го започнам публикувањето на песните, вели Зоран Сталевски а.к.а GoodBytes, креаторот на pesna.org.

Велиш дека сам гу финансираш проектот, т.е со Google AdSense. Зарем до сега немаше интерес од некој друг, институција или индивидуалец за овој проект?

Проектот започна како мое лично хоби, но и од револт што институциите кои се платени да го промовираат нашето културно наследство сеуште ги користат компјутерите за играње карти, додека чекаат да им мине работното време. Ганди рекол: „Ти биди промената која сакаш да ја видиш во светот“, мисла која и мене ме водеше кога решив да го започнам публикувањето на песните. Во меѓувреме, почнав да добивам пофалби, совети, па и помош со текстови или аудио записи од посетители на сајтот, љубители на народниот мелос. Поддршката која постојано ја добивав од луѓе ширум светот (меѓу нив има и странци кои се интересираат за нашиот јазик, култура и изворна музика) мене ми даваше инспирација да продолжам да го збогатувам сајтот. Всушност, мене не ми треба финансиска помош, бидејќи публикувањето онлајн не е многу скапо. Единствено што навистина би можело многу да го поткрепи проектов се аудио записи од песни кои се ретки, и кои е практично невозможно да се најдат по нормални канали. Тука пред се’ мислам на дигитализација на аудио/видео архивите на Македонската Телевизија, каде се крие една ризница со непроценлива вредност, толку значајна за сите нас, што е огромна штета да се остави да скапува низ подрумите на црната дупка наречена „јавен сервис“. Веројатно нешто од овие ретки материјали имаат и неколкумина етнолози, па и луѓе кои имаат сопствени колекции – луѓе до кои, за жал, не можам да допрам лесно.

Дали знаеш за вакви слични проекти?

Ако зборуваме за онлајн публикации на македонски народни песни, тогаш да, нив ги има, но се во мал број, а освен тоа збирките се многу ограничени. Имаше една мала колекција од Сорос, еден сајт со неколку тетовски народни песни, како и написи на Википедија – но повеќето од песните беа таму објавени со копирање од мојот сајт, со претходно дадена дозвола од мене. Доживеав и да се направи плагијат од мојата колекција (без дозвола и оддавање признание со линк) од некое младо момче кое не признава дека се послужул барем со 75% од содржините од мојот сајт, иако идентичноста на текстовите (заедно со грешките во некои од нив) го тврди спротивното. Понатаму, има повеќе веб форуми на кои се објавувани македонски народни песни, но пак се работи за само неколку текстови, без поголем размер. Значи ако се гледа што се нуди онлајн, pesna.org е во моментов најсеопфатна збирка од текстови од македонски народни песни, заедно со аудио семплови и преводи, а имајќи на ум дека плановите се таа да расте уште многу побогата, веројатно ќе остане наша најкомплетна ризница на интернет.

Од каде ги наоѓаш песните, семпловите, текстовите?

Голем дел од песните ми се собирани со години, препишувани и запишувани со слушање песни. Еден дел доаѓаат од песнарки, какви што користат нашите музичари. Исто така, дел се од разни печатени публикации, почнувајќи од малечки џебни изданија, до антологии и слични книги. Еден помал дел ми доаѓаат од посетители на сајтот, кои несебично решиле да ми помогнат да ја збогатам збирката. Но всушност, за објавување чекаат уште стотици нови песни, а веројатно уште стотици други ќе бидат додадени кога ќе ги запишам по слушање на некои од аудио записите кои ги имам.

Песните можат да се симнат, но се со низок квалитет „поради авторски права“. Зарем некој прави проблем за ваков проект?

На претходната адреса имав mp3 кои беа исечени на 1 минута, но на барање на посетителите, сега ги додавам целосно, но со т.н. „fair use“ ограничување – низок квалитет. Значи, нискиот квалитет (32kbps) со кој се енкодирани песните им дава вредност како аудио записи за преглед, или преслушување, но не би требало да се смета дека истите имаат комерцијална вредност, бидејќи тој кој е вистински љубител на музика од секаков вид сигурно ќе сака дома да има мултимедијална библиотека со што е можно повисок квалитет. Со други зборови, аудиото е ставено на сајтот за посетителите да можат да чујат како звучи одрдена песна, да ја чујат мелодијата (наспроти само текстот), а ако истата им се допаѓа, да си ја купат (патем, една од идеите кои ми се мотаат низ глава за во иднина е да додадам можност песните да се купуваат директно од сајтот – но за тоа, потоа). Иако песните се народни, и со тоа спаѓаат во јавен домен/сопственост, сепак изведбите се авторски дела и се заштитени со закон. Значи, ако јас добијам експлицитна дозвола од некој автор да ја ставам неговата песна со полн квалитет на сајтот, јас тоа со задоволство ќе го сторам, но во спротивно, морам да ги почитувам нивните авторски права. Мене целта ми е сајтот да постои со години (децении), дури и аманет да им го оставам на моите деца, и не би сакал некаква тужба да ме примора да го затворам. Досега не се јавил ниеден изведувач со порака да не ставам негови изведби, но ако такво нешто се случи, рака на срце, јас би ги отстранил неговите песни – подобро отколку да се заглавувам во судски лавиринти. Сепак, длабоко сум уверен дека до вакви немили сцени нема да дојде ни во иднина.

Ако имаш нешто да додадеш, слободно…

Ќе ги замолам сите сопственици на сајтови, блогови и други онлајн дестинации, да постават линкови кон pesna.org, со цел да се олесни пребарувањето по македонски народни песни преку Google и другите Интернет пребарувачи. Линковите кон почетната страна можат да бидат од типот Македонски народни песни, или Macedonian folk songs евентуално. Уште подобро, ако некогаш спомнувате некоја песна на својот сајт, поставете линк на нејзиното име, кој води до страната од таа песна: на пример „Зајди, зајди јасно сонце“. На тој начин ќе им дадете дополнителни информации на своите посетители, но и ќе им помогнете на Интернет пребарувачите прецизно да ги индексираат песните според насловот, а со тоа и ќе помогнете да се промовира оваа наша заедничка ризница. И за крај, сакам да им се заблагодарам на стотиците луѓе кои ми пишале свои мислења, прашања и коментари за збирката, како и на десетиците луѓе кои ми праќале текстови од песни, преводи на англиски или француски јазик, или аудио семплови.

Кратко URL: http://1337.mk/b3
IT.com.mk

Објавено од

IT.com.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија. Вебсајт

it.com.mk е-билтен

Е-билтенот ви нуди да се информирате на дневна или неделна база или пак да бидете известени само за најважните случувања, како и за огласите од ИТ Кариера.
Дневен Мора да прочиташ
Неделен ИТ Кариера

4 коментари

  1. ивона вели:

    да ми казете ако мозе песна со паралелна рима..да измислете некоја од 3 сторфи или 2..ве молам !!

  2. web page вели:

    Wow that was odd. I just wrote an really long comment but after
    I clicked submit my comment didn’t appear. Grrrr… well I’m not writing all that over
    again. Anyhow, just wanted to say fantastic
    blog!

Коментирај





Current day month ye@r *